Мицкоски под критики по изјавата за „нарачани текстови“
25 ноември 2026
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „може да се нарача текст во кој било медиум“ предизвика реакции од новинари, новинарски здруженија и опозициски политички партии, отворајќи поширока дебата за довербата во медиумите и улогата на новинарството во демократското општество.
Повод за реакциите беше неговото неодамнешно гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, каде што, коментирајќи ги написите на британскиот весник „Фајненшл тајмс“ за српската „Алта груп“ и нејзиниот сопственик Давор Мацура, рече дека „може да се нарача текст каде сакате, во каков сакате портал и сешто да пишува“.
Новинарот Васко Маглешов вели дека ваквата изјава открива длабоко проблематична претстава за улогата на медиумите во демократското општество.
„Кога премиерот ги сведува медиумите на нарачки, новинарските текстови на платени услуги, а јавниот простор на пазар за купување наративи, тогаш проблемот одамна не е во тоа што некој медиум пишувал 'што сака'. Проблемот е во тоа што човекот што ја води Владата очигледно верува дека критиката може да се купи, дека јавната перцепција може да се режира“, реагира новинарот во објава на социјалните мрежи.
Реакција од ЗНМ и ССНМ
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) заеднички изразија загриженост поради изјавата на премиерот.
Според двете организации, не е добра порака кога се фрла сомнеж врз професионален медиум, особено во контекст на тврдења дека текстови можат да се нарачуваат и објавуваат во медиумите. Тие потсетуваат дека нарачана содржина може да биде објавена единствено како јасно означено платено рекламирање, додека секое прикриено влијание врз уредувачката политика е спротивно на професионалните и етичките стандарди на новинарството.
ЗНМ и ССНМ наведуваат дека, без разлика на намерата со која е дадена изјавата, ваквите пораки дополнително можат да ја нарушат и онака кревката доверба на граѓаните во медиумите и новинарите. Воедно потсетуваат дека улогата на медиумите е да ја информираат јавноста врз основа на проверени факти и релевантни извори, а не да бидат продолжена рака на центри на моќ.
СДСМ: Мицкоски потврди дека медиумите се третираат како алатка
Реакција стигна и од СДСМ, од каде што оценија дека изјавата на премиерот претставува потврда на нивните долгогодишни обвинувања за политички влијанија во медиумскиот простор.
Од партијата посочија дека Мицкоски јавно кажал нешто за што опозицијата долго време предупредува, а неговата формулација дека „може да се нарача текст“ ја искористија како аргумент во критиките кон власта и кон нејзиниот однос кон медиумите.
Полемиката дополнително се интензивираше откако премиерот, на забелешката од новинарката дека не е добро кога премиер зборува за нарачување текстови, одговори: „Не знам што не е добро тука“.
Подоцна тој се дообјасни дека зборувал хипотетички и дека не тврди оти некој навистина нарачал текст за да компромитира личност или компанија.
Изјавата дадена во контекст на написите за „Алта груп“
Целата дебата произлезе од прашањата поврзани со написите на „Фајненшл тајмс“ за српската „Алта груп“, која е поврзана со „Алта банка“. Во текстовите на британскиот весник беа објавени информации дека групацијата била под зголемено меѓународно внимание и проверки, како и дека Европската централна банка изразила резерви околу нејзиниот обид за преземање удел во австриската „Адико банка“.
Во истиот контекст беа споменати и наводи поврзани со трансфери на средства на руски државјани и компании по почетокот на војната во Украина.
Токму коментирајќи ги овие написи во интервјуто за Телма, Мицкоски ја даде изјавата која потоа предизвика реакции од новинарската фела, новинарските организации и политичките партии.