1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните и кризата: Се троши повеќе, а се купува помалку

Срѓан Стојанчов
13 јуни 2023

Граѓаните намалиле со трошење речиси на сè, освен на храна. Тие трошат повеќе пари од лани, но купуваат помалку производи, покажуваат податоците на Заводот за статистика.

Македонија Цени
Граѓаните трошат повеќе пари од лани, но купуваат помалку производи.Фотографија: DW/K. Delimitov

Ако до лани купував мешан кашкавал, сега купувам кравји, па и тој е поскап. Одам во поевтини продавници и ги бирам најевтините работи, раскажува пензионерката Бранка К. од Скопје за нејзините начини за справување со поскапувањата. 

Од лани пензијата ѝ пораснала за 1000 денари, и сега зема 15 илјади денари, но вели дека поскапувањето на основните производи е далеку поголемо. Државната статистика покажува дека трошоците за живот во април биле за 13 отсто повисоки од лани, а храната поскапела за 16,5 отсто.

„На сè штедам. На струја, на храна, само на лекови не можам. Ако порано сум ставала пола кило месо во манџа, сега ставам 200-300 грама. На облека не ни мислам, нема допрва да се дотерувам“, вели таа.

Трговци со кои разговаравме велат дека луѓето мора да јадат, па нема намалување на потрошувачката на храна, но пад се чувствува кај поскапите брендови – и на храна и на хигиенски производи.  

Стегање на ременот 

И податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека граѓаните го стегаат ременот. Намалиле трошење речиси на сè, освен на храна. Граѓаните трошат повеќе пари од лани, но купуваат помалку производи. Официјалните податоци покажуваат дека во трговијата на мало во април годинава граѓаните потрошиле за 3 отсто повеќе пари од минатата година, но купувале за 4,5 отсто помалку производи.

За прехранбени производи потрошиле скоро 15 отсто повеќе пари од лани, а количините се речиси исти. За непрехранбени производи потрошиле 4,4 отсто повеќе, а купиле 3,5 отсто помалку. Најголемо намалување во трговијата од околу 15 отсто има кај горивата, но тие се за 10 отсто поевтини од лани. 

За прехранбени производи потрошиле скоро 15 отсто повеќе пари од лани, а количините се речиси исти.Фотографија: DW/K. Delimitov

Во Трговската комора велат дека намалената потрошувачка е резултат на повеќе фактори - и економски, но и психолошки. Според нив, на трговијата најмногу влијаат несоодветните мерки што се правеа во последните 9 месеци, а фирмите се мачат со зголемени трошоци, високи сметки за струја и намалени приходи. Во Комората исто така посочуваат дека има зголемување на штедните влогови во банките, што значи дека има „чувството на несигурност кај граѓаните кои не се впуштаат во вообичаените купувања, туку акумулираат средства“. 

„Гледано секторски, најмногу пад се чувствува во секундарните добра, покуќнина, техничка опрема и сите непрехранбени продукти“, велат во Трговската комора. 

Платата вреди помалку 

Професор Борче Треновски објаснува дека половина од населението до пред поскапувањата трошело околу 70 отсто од парите на храна и основни потреби. Со инфлацијата, таа бројка стигна до над 90 проценти.

„Граѓаните рационализираат и кратат секаде каде што може. Во услови кога речиси целиот домашен буџет го трошат на основните потреби, за друго и не им останува“, вели тој.

Официјалните податоци покажуваат дека просечната плата во изминатата година е зголемена за 12 отсто, но ако се земе предвид инфлацијата, таа вреди за 2 отсто помалку од минатата година. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми