1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли комунална полиција да го реши проблемот со отпадот?

ДТЗ
6 ноември 2023

Идејата за воведување на комунална полиција наиде на поддршка кај дел од општините и екологистите, но некои сметаат дека таа не е магично стапче коешто ќе може да ги реши сите проблеми.

отпад
Може ли комунална полиција да ги „дисциплинира“ граѓаните да не фрлаат отпад насекаде?Фотографија: imago stock&people

Северна Македонија се гуши во отпад. Иако со години се најавува воведување на комунална полиција, која што би вовела ред во неконтролирањето форлање на отпад и создавање диви депонии на секој чекор, идејата засега останува само на хартија. Министерката за животна средина, Каја Шукова, вели дека е потребна поголема јавна свест отколку казнување, но додава дека се размислува и за воведување на комунална полиција која ќе го казнува редовното фрлање на отпадоци од страна на граѓаните. Но, може ли комунална полиција да ги „дисциплинира“ граѓаните да не фрлаат отпад насекаде?

„За“ и „против“

Идејата наиде на поддршка кај дел од општините и екологистите, но некои сметаат дека таа не е магично стапче коешто ќе може да ги реши сите проблеми. 

„Комуналната полиција сигурно дека е решение за проблемот со отпадот. Можеби е и најдобро решение“, вели за ДВ градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Туристичкиот центар има голем проблем со отпадот, особено за време на летниот период, а дивите депонии крај езерото, кои често се потпалуваат, се вистинска еколошка бомба за здравјето на граѓаните во регионот. Иако за овој проблем веќе подолго време се алармира, решение се уште нема. 

„Комуналната полиција сигурно дека е решение за проблемот со отпадот. Можеби е и најдобро решение“, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.Фотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Идејата, според министерката за животна средина е, комуналната полиција да може на лице место да изрекува казна исто како што сообраќаен полицаец да изрече казна за сообраќаен прекршок на лице место. Шукова смета дека не е проблемот дали државата и локалните власти ќе интервенираат и ќе чистат, туку и да остане чисто и понатака. Особено тоа важи за местата како националните паркови, за каде е воспоставена пракса да се чистат депониите, но повторно се формираат.

„Контрола има постојано, но проблем ни е казнувањето. Кога одиме во земјите на ЕУ, кога ќе помине нашата граница за жал, поинаку се однесуваме. Мислам дека, како што се однесуваме во тие земји треба да се однесуваме и дома. Не е прашањето дали треба да се казнуваме. Треба да ја подигнеме малку јавната свест, дека фрлајќи го отпадот си правиме штета самите на себе, бидејќи ние тука живееме, ние тука опстојуваме, тука ќе живеат и нашите деца“, изјави министерката Шукова во средата (01.11) при посетата на тетовското село Туденце.

Треба да ја подигнеме малку јавната свест, дека фрлајќи го отпадот си правиме штета самите на себе, вели министерката Каја ШуковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ризици

Комуналната полиција на хартија е добар концепт и кога едукацијата нема да успее, казните мора да го направат своето, вели за ДВ, еко-активистот и градски советник, креаторот на апликацијата „Мој воздух“, Горјан Јовановски.

„Затоа се плашиме да фрламе ѓубре на улица во ЕУ, но дома немаме никаков проблем со тоа, бидејќи не ги гледаме реперкусиите. Од друга страна, според анализите во регионот комуналната полиција се користи за партиски вработувања, пречекорувања на ингеренциите и злоупотреба на службената положба. Ако правилно не се имплементира, ќе стане само уште еден неуспешен проект кој ќе го цеди буџетот, и уште толку ќе ја намали довербата во полицијата која е секако на рекордно ниско ниво“, вели Јовановски.

Тој посочува на анализата на екологот и професор по биологија Кирил Арсовски Пржо, кој неодамна објави дека  јавните служби за справување со еколошките прекршоци во Белград, Тирана и Подгорица постојано ги следат скандали и сериозни прекршувања на законот.

Во Белград во просек има еден комунален полицаец на 5.000 жители. Комунална полиција постои и во Подгорица, додека во Тирана е формирана - општинска полиција. Според истражување објавено на онлајн платформата „Дома“ на Институтот за комуникациси студии, локални полициски органи има и низ други европски земји и воопшто низ светот. Обично се финансирани од локалниот буџет и во одредени случаи имаат помалку овластувања од националната полиција. Најчесто се формираат токму за да се олесни работата на полицијата. Во Германија има градска полиција, во Словачка и Турција општинска полиција, во Полска е местна стража, Словенија – градски контролори, а во Литванија имаат Оддел за јавен ред.

„Можеби, вели Јовановски, решението лежи негде на пола пат, каде повеќе оваа група ќе биде наменета за директна едукација на граѓани на терен, но сепак да покаже дека ќе има последици од непочитување на законите“.

Комуналната полиција на хартија е добар концепт и кога едукацијата нема да успее, казните мора да го направат своето, вели Горјан Јовановски.Фотографија: privat

Апели

Тетовскиот, скопскиот, охридскиот, но и другите региони во земјата мака мачат со отпадот и дивите депонии, коишто ја уништуваат и последната надеж дека реките, планините, езерата можат некогаш да се ослободат од големиот товар на нечистотија и отпад во кој се гушат.

Нгадњим Мехмети, Еко Герила - Тетово во изјава за ДВ вели дека комуналната полиција би била еден придонес за да се воспостави некаков ред во земјата за да се спречи хаосот со отпадот, депониите, злоупотребата на јавните површини и несоодветното однесување на граѓаните кои знаат да фрлат и цела спална и мебели до контејнери.

„Но, секако за ова најпрво треба да се информираат и граѓаните каде тој отпад треба да се фрли и кој нема тоа да го почитува - да се казни. Во исто време локалните власти треба да назначат посебни локации за тврдиот отпад кој не е за во контејнери. Но без построга законска регулатива каде нема да има селективност тешко да се постигне ова“, вели тој. Во време кога културата на неказнивост има метастазирано во катастрофални обеми, нашиот соговорник вели дека не се гледа некој оптимизам дека работите ќе тргнат на добро.

Но, надлежните се надеваат дека ќе проработи совеста на граѓаните. Се апелира кај речните текови да не се фрла отпад, да не се фрла особено градежен шут во каналите поради што се случуваат поплави, бидејќи нема каде водите да се движат.

Северна Македонијуа се гуши во отпад.Фотографија: Boris Georgievski/DW

„Да бидеме малку поодговорни. Праксата покажува дека за неколку месеци локациите кои се исчистени повторно се полнат со отпад. Ако не се научиме дека таму каде што ќе исчистиме дека не треба повторно да фрламе отпад, ефектот на чистењето на дивите депонии е минимален“, вели министерката Шукова.

Државниот инспекторат за животна средина само во првите шест месеци од годинава извршил 265 надзори поврзани со управувањето со отпад. Поднесена е и една кривична пријава против непознат сторител поради излевање на нафтен дериват во Студенчишкиот канал на Охриското Езеро. Најмногу надзори биле извршеи во вардарскиот и скопскиот регион, додека најмал број во пелагонискиот и во североисточниот регион. Најголем дел од претставките се однесувале на управувањето со отпад.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во земјата во 2022 година изнесува 605.638 тони, додека вкупното количество на создаден комунален отпад изнесува 856.766 тони. Споредено со 2021 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2022 година бележи намалување од 4.2 %. Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 172. 288 тони или 28.4 % од вкупното собрано количество. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2022 година изнесува 467 килограми, што е за 3.3 % повеќе од истото количество во 2021 година. Најголемото количество на собран комунален отпад (99.8 %) се исфрла на депонија.

Најголемото количество на собран комунален отпад (99.8 %) се исфрла на депонија.Фотографија: DW/S. Toevski

Идеја само на хартија

Формирањето на комуналната полиција, чија задача треба да биде обезбедувањето чистота во општините и намалување на загадувањето, се најавува веќе подолго време. Ваквата идеја ја имаше и во програмата на Владата која се однесува на животната средина и проектите кои ќе се реализираат од 2020 до 2024 година. 

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски најави дека прашањето за законот за комунална полиција ќе го постави на дневен ред на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС и дека ќе бара поддршка за негово донесување од сите градоначалници. .

Град Скопје на 10 октомври достави предлог закон за комунална полиција до Собранието и Владата, со цел во пресрет на зимските месец кога континуирано се бележи зголемено загадување. Комуналната полиција треба да претставува системски механизам во борбата против загадувањето и да придонесе за воведување комунален ред во Скопје.

„Создавањето диви депонии, фрлањето комунален отпад на недозволени места, палењето контејнери, гуми и отпад, нарушувањето на комуналниот ред се предизвици со кои Градот Скопје секојдневно се соочува. Континуирано ги преземаме сите мерки од наша надлежност за санкционирање на сторителите, а нашата цел е да воведеме ред и на граѓаните да им го овозможиме тоа што е најважно, да живеат во чиста и здрава животна средина. Од тоа нема да отстапиме и токму поради тоа сметаме дека донесувањето на Закон за комунална полиција на градот Скопје е од исклучителна важност за поефикасно и побрзо справување со загадувачите на терен“, изјави тогаш градоначалничката Данела Арсовска. 

И нејзиниот претходник, Петре Шилегов бараше од Владата да се донесе Закон за комунална полиција. Од Град Скопје во 2019 беше изработено решение според кое, ингеренциите и надлежностите на комуналната полиција требаше да бидат налик на Белград.

Пливање низ отпад

01:42

This browser does not support the video element.

 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми