Може ли нападот на Израел во Катар да доведе до нова војна?
12 септември 2025
Досега, реакцијата на Катар на израелскиот напад врз зграда во главниот град Доха во вторникот (9.09), во кој беа убиени пет пониски политички лидери на милитантната група Хамас и еден локален безбедносен службеник, беше ограничена на вербална осуда. Емирот на Катар, шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, го осуди нападот и изјави дека неговата земја го смета Израел за „одговорен за последиците“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападот бил „целосно оправдан“, со оглед на тоа што Хамас го организираше терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година врз Израел, при што беа убиени над 1.200 луѓе и околу 250 беа земени како заложници. Нетанјаху го поврза нападот и со пукањето во окупираниот Источен Ерусалим, при што во понеделникот загинаа шест лица.
Од своја страна, Хамас, исламска милитантна група која е категоризирана како терористичка организација од страна на Израел, САД, ЕУ и многу други, потврди само дека бил убиен Химам ал-Хаја, син на главниот преговарач на Хамас, Халил ал-Хаја.
Според новинската агенција АФП, Халил ал-Хаја и лидерот на Хамас во странство, Халед Мешал, исто така биле во зградата која била цел на нападот. АФП соопшти дека не успеала да стапи во контакт со ниту еден од нив.
Дипломатија или воена ескалација?
„Нападот е предупредување за целиот регион, каде што границите на традиционалните партнерства и сојузи се преиспитуваат,“ изјави Санам Векил, директорка на Програмата за Блискиот Исток и Северна Африка при тинк-тенкот Четам Хаус со седиште во Лондон, за ДВ.
„Заливските држави знаат дека нивните партнерства со САД (најсилниот сојузник на Израел) се важни од економски и од безбедносен аспект, па тешко е да се замисли некој непосреден прекин,“ додаде таа.
Хју Ловат, истражувач во Европскиот совет за надворешни односи, се сомнева дека ситуацијата ќе ескалира во конфликт меѓу Катар и Израел.
„Катар апсолутно нема да возврати воено,“ изјави тој за ДВ. Наместо тоа, тој претпоставува дека Катар би можел да го искористи својот суверен фонд за да изврши економски притисок.
Овој став го поддржува и Нил Килиам, специјалист за надворешни работи во консултантската фирма Азур Стратеџи од Лондон.
„Катар не е подготвен да ја ескалира ситуацијата,“ рече тој за ДВ. „Возвраќањето би го поканило Израел да одговори со поголема сила, а довербата на Доха во САД за заштита во моментов сигурно е сериозно разнишана.“
Катар и САД, кои се најважен партнер на Израел и силен поддржувач на неговата тековна војна во Газа, се исто така стратешки сојузници. Катар е домаќин на најголемата американска воена база во регионот и користи американски системи за воздушна одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп за американските медиуми изјави дека не е „воодушевен“ од нападот. Тој исто така на социјалните мрежи напиша дека не бил информиран однапред за нападот врз Катар. Тој вели: „Ова беше одлука на (израелскиот) премиер Нетанјаху; не беше моја одлука.“
„Јас го гледам Катар како силен сојузник и пријател на САД, и многу ми е жал за локацијата на нападот,“ напиша Трамп, но исто така нагласи дека смета дека елиминирањето на Хамас останува „вредна цел.“
Дали се загрозени преговорите за Газа?
Нападот во вторникот во Доха ги прекина најновите преговори за прекин на огнот во Газа и можното ослободување на заложниците кои ги држи Хамас, по речиси две години војна. Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман на новинарите во Катар им рече дека Катар нема да биде обесхрабрен од нападот.
„Катар не штедеше напори да ја запре оваа војна и ќе направи сè што може за да ја запре, да го запре непријателството врз Газа,“ рече тој, додавајќи дека посредувањето „ќе продолжи, и ништо нема да нè одврати од оваа улога.“
Позицијата на Катар како клучен посредник меѓу Израел и Хамас се базира на неговите уникатни врски со двете страни во конфликтот.
Според Килиам, „Катар навистина е извонреден посредник во регионот кога станува збор за Израел.“
Ова особено се разви по 2012 година, кога политичкото раководство на Хамас се пресели од Сирија во главниот град на Катар, Доха. Во тоа време, Вашингтон сакаше да го спречи Хамас да се пресели во Иран, цврст поддржувач на милитантната група, кој е жесток непријател на Израел и САД. Во Доха, Вашингтон претпоставуваше дека ќе биде полесно да се следи групата.
Според Килиам, врските на Катар со Хамас најдобро можат да се опишат како работен однос. „Катар е повеќе наклонет кон изрази на политички ислам во регионот,“ рече тој. Соседните земји, како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, се поотворено против исламските групи.
Тој додаде дека Катар е исто така силен критичар на Израел, издвојувајќи се од другите држави во регионот (како Бахреин или Обединетите Арапски Емирати, кои воспоставија дипломатски врски со Израел како дел од Аврамовите договори, посредувани од САД во 2020).
Сепак, тој нагласи дека иако Катар го почитува Хамас како политичко и отпорно движење, не го поддржал јавно целосното владеење на Хамас врз Газа.
Ставот на Катар генерално беше ценет од Израел, кој со текот на времето изгради доверба во посредничките способности на Катар.
Сепак, Катар и Израел немаат формални дипломатски врски, иако од 1990-тите одржуваат прагматични односи.
За владата на Нетанјаху, задржувањето на Катар на преговарачката маса е важно, бидејќи расте притисокот од внатре во Израел и од странство за да се стави крај на војната во Газа, предизвикана од нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Оттогаш, според непотврдени, но широко прифатени податоци од Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, загинале над 64.500 Палестинци. Околу 50 заложници остануваат во заробеништво на Хамас, од кои, како што се верува, живи се само 20.