1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседател под санкции? Не. Сиљановска под санкции? Да.

16 мај 2024

Колку е извесно и реално новиот претседател, Гордана Сиљановска Давкова поради непочитување на Преспанскиот договор да потпадне под санкции на САД? Пишува Арсим Зеколи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова при положувањето заклетва во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Разбирливи се посттрауматските поплаки на изборните губитници. Но фактите се неумоливи. ВМРО-ДПМНЕ извојува чиста победа. Гордана Сиљановска-Давкова извојува чиста победа. Соочувањето со реалноста е терапевтски нужно и корисно, за разлика од плачењето од кое нема фајде. Изборните резултантни математики се чисти и неоспорни. Но, сега почнува политичката хемија. Во која пресметките се драматично поинакви. 

На ВМРО-ДПМНЕ треба да им се даде шанса. Подобро да се даде доброволно, бидејќи ионака никој не може да ја оспори, камо ли одземе. Тоа дека однапред се знае кон што ќе води нивното владеење е причина повеќе да им се даде шанса самите да ни ги докажат сомнежите. Можеби ќе не изненадат со добро! Попрво ќе не потврдат со веќе видени сценарија на најгласни во критика и најплачливи во пораз. Во секој случај, се изборија за шанса и треба да се почитува. 

На Гордана Сиљановска Давкова не треба да и се даде шанса. Бидејќи не заслужува. Нејзината единствена, секако непосакувана функција е она на бивање на државен (се надевам не и национален) Дориан Греј приказ на состојбата на изморениот, апатичниот, истоштениот, остарен и безволен дух на општеството и особено на оној сегмент кој се идентификува со нејзината инаетџиска, но секако не пркосна „борбеност”.  

Потрошен материјал  

Но, колку е извесно и реално новиот претседател, поточно Сиљановска поради непочитување на Преспанскиот договор да потпадне под санкции на САД? Доколку гледаме низ призмата на извесност, тоа е крајно тешко да се случи. САД, а уште повеќе ЕУ, не се наклонети кон преземање такви радикални чекори кон шефови на држави, токму поради непријатноста на преседанот кој може да им создаде сопствени главоболки. Примерот со Нарендра Моди, санкциониран пред и десанкциониран откако стана премиер на Индија е илустрација на таквиот пристап. Претседателката ќе мора да направи далеку посериозни бељи и глупости за да ја доживее судбината на Милорад Додик. 

Од друга страна, реалноста на црно-листењето на Сиљановска треба да се гледа низ очилата на дипломатите и начинот на кој тие ги интерпретираат настаните. За нив, реакциите во одбрана на Сиљановска беа далеку посодржајни и индикативни отколку нејзиното позерско инаетење без пркос. Имено, реакциите во релативизација или ре-интерпретација на кажаното (и со месеци најавуваното) од дипломатите ќе биде прочитано дека сепак зад сиот тој инает и галамџиски чалам, шверцуван како пркос и храброст, сепак се крие една длабоко плашлива и лесно застрашлива гарнитура во Белата Палата. Како второ, хаотичноста и паниката во „одбраната” на Сиљановска ја стави на увид реалноста дека фамата за „стратегиите на ВМРО” се огромен меур со масивна количина вчмаен воздух. 

Затоа, Сиљановска ќе биде третирана од странците по истите параметри поради која и е именувана. Како потрошен материјал. Како церемонијал мајстор. Како громоборан. Како Милош Земан во сукња. Но и како идеално конструирана можност странците да ја искористат на ист начин како Додик виз-а-ви Вучиќ или пак Мендух виз-а-ви Арбен Џафери, како изговорна демонстрација на казна без наштетување на реал-политичкиот гравитас во взаемните односи. И затоа можноста да заврши на црна листа е сосема реална, зависно од моментот и взаемниот компромисен интерес на Мицкоски и дипломатите. 

Следејќи ја дефанзивата демонстрирана во случајот Сиљана Македонска, предизвикот пред Христијан Мицкоски во првите шест месеци нема да биде „пркосот” кон соседите, туку пронаоѓањето на наратив и аргументот „предавството” да го претстави како компромис во кој Македонија доби нешто плус за да – внимаваjте – „македонскиот народ не се чувствува понижен”. Со други зборови, прашањето е до емоционалната интерпретација, а не врз рационални просудувања. Мицкоски всушност цели кон оттргнување на прашањето на Договорот од меѓународниот стандард на држава со држава преговори, и ја врати марксистичката теза на Зоран Заев и Бојко Борисов за договори помеѓу народите. Проблемот е во тоа што, прашањето на Договорот е веќе интернационализирано надвор и прашање на составните делови на „народот” внатре во Северна Македонија. 

Принципи и стратегии  

Ама зошто умот веднаш ви летна кон Албанците?! Па не сме само ние, па не сме само Албанци, ви се молам. Комплексноста на испорачувањето на согласност од оваа страна на двата „народи” попрво е дефинирана од привидот отколку од реалноста. На овие избори се докажа тоа што се најавуваше, дека Самоопределување не може да има успех во Северна Македонија, бидејќи тука никој не може да одлучува сам. Но постизборно, на ред е ДПМНЕ да разбере дека национално единство е невозможно поради дијаметрално спротивните интерпретации на смислата на единство (добро, освен во случај кон клетите Албанци). И уште побитно, кој ќе биде нотарот на тој Договор?  

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

За да разбереме кон каде ќе тече владеењето на Мицкоски, треба да се навратиме на изворот. Пред две и кусур години, еден познат патријарх на политичката сцена на враќање од Охрид кон Скопје се решил да го посети некогашниот омилен му Командант, таму некаде во планинските станови околу Кичево. Посетата не била куртоазна, туку како повод за совет од Командантот и препорака за некој асален Албанец, доволно популарен, за да се вклучи во некоја нова партиска структура која ќе биде СДСМ, ама нема да личи на СДСМ. Се разбира, патријархот прво ги спомнал старите, ислужени, излитени Албанци од ергелата на 90-тите, нешто академици, нешто сенилни министри. На што добил одговор дека со таквите нема да наполни ни автобус Албанци. Командантот дал препорака за некои други имиња, познати на Патријархот, но со забелешка: „ако успееш да ги убедиш”. Патријархот не успеа да ги убеди.

Интересна е затоа улогата на Арбен Таравари. Сметан де за националист, де за граѓанист. Доволно Албанец за да биде од шинелот на Мендух и премногу неалбанец вон шинелот на Тачи. Неговите ставови? Зависно за која телевизија зборува. Неговата чесност? Зависи каде ќе го најдете, во Гостивар или Тафталиџе. Способен политички играч? Зависно од прстите кои ги влечат конците. Но скраја сите фами, Таравари е всушност само едно. Албански играч на македонската олигархија. Со мизерен ефект во првичната мисија на разбивање на ДУИ и присвојување на албанскиот глас. 

Дали ќе биде поуспешен во втората мисија? Онаа на „спијач” во владата на Мицкоски и човек од доверба на олигархијата преку Максим Димитриевски. Особено во часот на раскрсницата помеѓу идентитетот на нацијата и интересот на олигархијата, и враќањето во нормалата на судир помеѓу власта и Владата. Онака како што еден „Албанец” беше судијата во расчистувањето на односите помеѓу Црногорците и Србите во Црна Гора. 

Кој со кого преговара?  

Затоа, гледајќи ја сликата на преговорите помеѓу ВМРО и ВЛЕН, тешко е да се согледа кој со кого преговара. Номинално, од една страна се Албанците (губитници), од друга страна Македонците (победници?). Но има и поинакви читања на составот. Детерминиран од ликови кои однапред ја обесмислуваат секоја заложба и изјава на Мицкоски за борба против корупцијата и криминалот. Надодадено со ликови кои имаат не сосема јасно дефиниран однос кон идентитетските прашања на Македонците. И на крај, со претставник на олигархијата со однапред обезбеден death switch за Владата доколку „решението на спорот” подразбере разбивање на монополот на олигарсите. Затоа, можеби најупатното за Мицкоски би било да се пикне во некој гепек, отпатува до Приштина, и во најголема дискреција го запраша и замоли Албин Курти „кому од оние на масата отспротива може да му се верува”. Одговорот кој ќе го добие, ќе биде гарантирано шокантен. Базирано врз горко искуство. 

Една асална, а не умислена влада во надоаѓање, сопствените следни чекори би ги координирала не со ликови, туку со принципи и стратегии. Нејсе, такво нешто не може да се очекува од „искусната легалистка и борец” Сиљановска. Но затоа, некој можеби ќе биде трпелив доволно за пост-фестум и надежно не предоцна да го потсети Мицкоски за улогата на Членот 4 и Членот 5 од НАТО договорот во контекст на меѓусоседските односи. Секако, околу Мицкоски има доволно Ковачкиња кои ќе го убедуваат дека тоа НАТО-мато и онака ќе падне со Трамп. Поради што, упатно е да се потсети на Договорот за директно Стратешко билатерално партнерство на САД и Северна Македонија, како правна полит-безбедносна круна на пристапот на САД кон Македонија уште од времето на Мис Стоун. Доколку ни тоа не му врши работа во убедување, последната линија на разум е да се распраша наоколу за анализите на Вест Поинт околу односите во регионот, стратегиите и коридорите низ кои Русија сака да обезбеди забивање клин во јужното  крило на НАТО и фатална де-американизација на Македонија.  

Мицкоски е секако доволно препотентен, таа стара болка на етно-македонската политика која ја прави предвидлива и ранлива, за да одолеее и да не ја повторни истата матрица на Заев во вербално свирење патриотски гитари и шверцување сомнителни ликови. За Заев тоа беа Рашковски, за Шеќеринска одредени вуковарски полковници. За Мицкоски тоа секако ќе бидат Ковачки, Чулев и слични. И тоа е однапред очекувано и вкалкулирано од факторите без кои ниту тој, ниту ние, ниту американските интереси – не можат да се чувствуваат безбедни. А тогаш, и во ВМРО ќе се најде некој „Шилегов изговор” за напуштање на Владата.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми