Дали декември ќе се потврди како важен месец?
26 ноември 2024Можна ли е деблокада на македонскиот интеграциски пат до крајот на годината? Во политички брифинзи сѐ почесто декември се спомнува како важен месец во кој би можел да се постигне исчекор во односите со Бугарија. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на брифинг во понеделникот, рече дека значајни европски актери му пренеле на државно-владиниот врв дека Северна Македонија направила многу досега и дека сега е ред на Европската Унија да испорача.
„Има решение низ интерпретација на европската Преговарачка рамка, се разбира, ако има добра волја. Тоа секаде го кажувам, за решение треба двајца и мислам дека е можен исчекор“, рече претседателката. Конкретно, претседателката ги спомена земјите од Вишеградската група и Белгија кои искажале поддршка и од кои потекнува оптимизмот дека е можен некаков пробив.
Според претходни брифинзи од владини извори, лидери во две европски земји изразиле подготвеност да се вклучат и посредуваат меѓу Скопје и Софија. Детали за периодот и тек на таква активност засега не се познати.
Освен средбата Сиљановска-Радев, на јавна сцена во моментов не се видливи други контакти што би укажувале на кршење на мразот, но според наши извори, потенцијалните дипломатско-политички напори сигурно не би биле „пред камери“.
Сарацин во Софија
Дали и колку Македонија била дел од темите на разговор, не може да се разбере ни од кусото и штуро соопштение по вчерашната средба во Софија меѓу службениот бугарски министер за надворешни работи, Иван Кондов и специјалниот претставник на германското МНР за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
„Главен акцент во разговорот беше значењето на регионалната соработка и особено во рамките на Берлинскиот процес, кој го потпомага продлабочувањето на економската интеграција, приближувајќи го регионот на Западен Балкан со вредностите и социјално-економските стандарди на ЕУ. Беа разменети мислења за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Беше потврдено значењето на принципот на сопствени заслуги и исполнување на преземените обврски кон ЕУ", се наведува во соопштението од бугарското МНР.
„Исполнување на преземените обврски кон ЕУ“ е редовниот одговор што го испорачува официјална Софија по прашањето за деблокада на интеграцискиот пат на Македонија. Оттаму постојано повторуваат дека тоа прашање сега зависи исклучиво од Скопје.
Нема нови нијанси ни во завчерашниот одговор на службениот бугарски премиер, Димитар Главчев. Прашан за коментар на предлогот од македонска страна - за уставни промени со одложено дејство - Главчев во интервју за БТВ кусо одговори дека Бугарија досега веќе направила доволно компромиси и нема да прави други.
„Jас мислам дека тоа прашање е уредено. Со Бугарија прашањето е решено. Има рамки во кои треба да се движат сите држави членки на ЕУ, вклучително и оние од Западен Балкан, така што нема тема за разговор. Мислам дека доволно компромиси направи Бугарија со своето национално чувство и достоинство, за да да прави уште такви“, изјави Главчев.
„Одбиваме компромиси со нашите човекови права"
Вчера и претставници на бугарски здруженија во Македонија порачаа дека не сакаат компромиси со нивните човекови права.
„Не дозволувајте бугарската заедница во Република Северна Македонија да стане жртва на политички манипулации и пазар", порачаа во писмо претставници на 11 невладини организации на Бугари, кои како што наведуваат - се родени, живеат и делуваат во Македонија. Писмото го испратиле на 13 адреси: до државниот врв на Македонија и на Бугарија, до претседателите на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент, амбасадорот на ЕУ и амбасадорите на земјите членки на Унијата во земјава, на амбасадорите на САД и на Обединетото Кралство, како и на раководителот на мисијата на ОБСЕ во Македонија.
„Не можеме да прифатиме нашето впишување во Уставот на Република Северна Македонија да биде нарекувано ‘уцена', ‘диктат' или ‘препрека' за европската иднина на нашата земја. Исто така не сме согласни со идејата нашите рамни права со останатите делови од народи запишани во Уставот на земјата да бидат со ‘одложено дејство', доста со одлагањето на нашата рамноправност“, наведуваат тие во писмото.
Посочуваат дека релевантните бугарски институции и политички чинители повеќе пати истакнале дека Бугарија нема нови барања кон Република Северна Македонија освен оние, кои веќе се дел од преговарачката рамка на земјата.
„Токму поради тоа, сметаме дека прашањето со правата на Бугарите овде се користи за нов вид на стигматизација на нашата заедница, пред очите на јавноста, како ние да сме пречка за европската иднина на земјата. Тоа не е така и никогаш не било така. Ние Бугарите во Република Северна Македонија сме со јасна позиција дека земјата треба да биде дел од ЕУ, како што стана дел од НАТО и да биде мајка за сите свои граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Бараме нашиот глас да биде слушнат и да не се дозволи нашите човекови права да станат заложник на политички или административни процеси. Уставните измени и почетокот на преговорите на Република Северна Македонија се во интерес на сите граѓани. Ние одбиваме компромиси со нашите човекови права!“, се вели во писмото потпишано од здруженија од Битола, Скопје, Охрид и Прилеп, Кавадарци и Струга.
Мобилизација и за Коридорот 8
Се добива впечаток дека се зголемува мобилизацијата околу прашањата што ги тангираат двете земји, а едно од нив е и Коридорот 8.
„Девет општини од Ќустендилската административна област подготвуваат заедничка декларација што ќе ја испратат до бугарското Народно собрание, претседателот, Владата, МНР и до регионалниот управител инж. Александар Пандурски, со настојување за побрза изградба на паневропскиот транспортен Коридор 8", објави БНР.
Причина за тоа била нивната вознемиреност од информациите дека Северна Македонија има намери за пренасочување на европските средства за други траси и транспортни коридори. За трети декември веќе била закажана средба со претставници на општините од регионот, а со учество и на институции и стручни единици, поврзани со изградба на транспортна врска од Црното Море до Јадранот, а одложувана со децении. Декларацијата се разгледува и се гласа од секој од советите во деветте општини, а иницијативата била покрената од општината Дупница.
„Настојуваме за максимално брзо стартување на активностите за изградба на паневропскиот транспортен Коридор 8, како за патната, така и за железничката траса. Сметаме дека изградбата на Коридорот 8 е од исклучително значење како за земјите од Источна Европа, така и во делот на Ќустендилскиот регион. Растревожени сме од информациите дека Република Северна Македонија објавува намери за пренасочување на евросредствата за други траси и транспортни коридори“, било наведено во декларацијата.
Костадин Костадинов, претседател на Советот на Дупница, општината од каде потекнува идејата за заедничката декларација, најавил и прес-конференција за тоа прашање.
„На моја иницијатива се собравме сите претседатели и заеднички одлучивме. Тоа беше идејата - да го разгледаме тоа прашање со сите совети на општините и да ја покажеме волјата на советниците и на луѓето од областа. Сите колеги на ноемвриската седница едногласно се согласивме тоа да го предложиме. Пред трети декември ќе имаме и прес-конференција на Гуешево“, изјавил Костадинов.