1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Расте загриженоста од воена ескалација на Блискиот Исток

дпа
5 август 2024

Иран и Израел се „бомбардираат“ со закани, се чини дека се чекор до регионална ескалација. Дипломати се трудат да ја деескалираат ситуацијата која би имала страшни последици. Дали уште има простор да се спречи тоа?

Палестинци во Кан Јунис, Појасот Газа
Палестинци во Кан Јунис, Појасот ГазаФотографија: Omar Ashtawy/apaimages/IMAGO

Со нивните најнови закани Израел и Иран шират страв дека на Блискиот Исток наскоро би можела да избие поголема војна со импликации кои го надминуваат регионот. Седумте големи западни индустриски нации Г7 бараат деескалација, но се чини дека ситуацијата меѓу раководствата во Техеран и Ерусалим е заострена. Со оглед на тоа дек Иран најави одмазднички напад, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се советуваше со воените лица и тајните служби. За сега немало „дефинитивна слика“ за очекуваниот напад, јавува израелската телевизија Канал12. Според други извештаи пак, уште во текот на денов може да се очекува почеток на нападите.

Причина за најопасната криза во регионот во изминатите децении се  нападите од минатата недела  врз  високи функционери  кои ги изведе израелскиот безбедносен апарат. Во средата во експлозија во хотел на иранската влада во Техеран беше убиен  лидерот на Хамас, Исмаил Ханија. Неколку часа пред тоа во напад од воздух беше убиен високиот командант на Хезболах Фуад Шукур во либанскиот главен град Бејрут. Израел застана зад нападот врз Шукур, додека во однос на Ханија за сега нема официјален став од Израел. Иран и сојузничката Хамас за двата случаи вината ја префрлаат врз Израел. Раководството во Техеран и  милитантите на Хезболах  кои ги поддржува, се заканија со одмазда за нападите. Владата на Нетанјаху предупреди дека тоа би повлекло тешки последици. Се стравува од регионално разгорување на непријателствата, ако се вклучат – како што најави Техеран – и сојузничките милитанти од регионот, меѓу кои се Хезболах во Либан, Хути во Јемен, Хамас во Појасот Газа и други во Ирак и Сирија.

Дипломати во Техеран – видео - координации на Г7

Арапски дипломати според извештаи во весниците биле во посета во Техеран и се залагале за што е можно поумерена реакција на нападите. Но,  иранското раководство  на емисарите им порачало дека за нив не игра улога дали одмаздничките напади ќе предизвикаат  војна во регионот,  јавува „Вол стрит журнал",  повикувајќи се на лица кои имале увид во содржината на разговорите. Иранскиот претседател Махмуд Песешкијан го примил јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Ал Сафади и во контекст на убиството на Ханија рекол дека „таквиот кукавички чин беше газење на сите меѓународни закони и голема грешка на ционистите, кој нема да остане без одговор“. Тој додал дека неговата влада сака мир и стабилност во регионот, но дека предуслов за тоа е „крај на израелските злосторства, особено во Газа“. Во заедничка видео конференција министрите на земјите од Г7 ги повикаа сите вклучени страни на најголема воздржаност за да се избегне дополнителна ескалација.

Комеморација во Техеран, Иран, по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил ХанијаФотографија: Vahid Salemi/AP/picture alliance

Во актуелната ситуација е потребен дијалог и умереност, рече министерот за надворешни работи на Италија Антонио Тајани, чија што земја актуелно претседава со Г7 и ја организираше краткорочно свиканата конференција.

Кога ќе нападне Иран?

Нејасно е кога би можел да се случи најавениот одмазднички напад. Во изјавите на Техеран и Хезболах постојано се споменуваа „претстојните денови“. Информативниот портал Аксиос повикувајќи се на проценките на тројца американски и израелски владини функционери, јавува дека Иран би можел да нападне веќе денеска. Тоа министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен им го рекол и на колегите од Г7 на видео конференцијата и зборувал за временска рамка од 24 до 48 часа. Претседателот Џо Бајден денеска ќе има средба со своите советници за безбедност за ситуацијата на Блискиот Исток на која ќе учествува и потпретседателката Камала Харис. Претходно Бајден ќе зборува со јорданскиот крал Абдула II.

Пожар по ракетен напад на Хезболах од Либан врз кибуцот ХаГосхрим во ИзраелФотографија: Leo Correa/AP/dpa/picture alliance

Израел веројатно може да смета на поддршката од САД и на други сојузници кога се во прашање модерните системи за спречување напад од Иран и неговите сојузници со ракети, крстосувачки ракети и дронови. Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, во неделата разговараше телефонски со израелскиот колега Јоав Галант и му гарантираше „челична“ поддршка во самоодбраната, како што потоа соопштија од Пентагон.

Се разговарало и за распоредување на војници како мерка на безбедност. Остин освен тоа се заложил за примирје во Газа и договор за ослободување на заложниците, се вели од Вашингтон.

Израелските граѓани да бидат „на штрек“

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари рече дека цивилното население треба да биде внимателно и додаде дека „одбраната не е херметичка“. Ситуацијата е непроменета, но во случај на потреба сите треба итно да се упатат во бункери и да ги следат натамошните упатства. Во ноќта кон понеделникот Израел јави за напад од Либан со сомнителни летечки тела, но притоа очигледно не се работеше за поголем инцидент. Се вклучила противвоздушната одбрана и еден од објектите бил пресретнат во близина на кибуцот Ајелет Хашахар, соопшти војската преку Телеграм. Притоа двајца војници се стекнале со полесни повреди.

Растат критиките на сметка на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху Фотографија: Israeli Prime Minister's Office/Anadolu/picture alliance

Премиерот Нетанјаху ја задржа острата реторика и во неделата изјави дека „Иран и неговите клиенти се обидуваат да не опколат со огнен прстен на тероризам, но ние сме подготвени да му се спротивставиме, без разлика дали од близина или од далечина. Кој и да се обиде да ни наштети, ќе плати висока цена“, рече тој при комеморацијата на десничарскот ционистички лидер Заев Јаботински (1880-1940).

Најновата ескалација е последица на  војната која Израел речиси десет месеци ја води против Хамас  во Појасот Газа, која пак беше предизвикана од масакрот без преседан што се случи на 7 октомври 2023 година на југот на Израел во кој Хамас уби 1200 лица и 250 зеде како заложници. Израел си постави за цел да ја разбие Хамас како воена и политичка организација, но во војната паднаа и безбројни цивилни палестински жртви во Газа, а инфраструктурата и градбите во Појасот се во голем дел тотално уништени. Израел сѐ повеќе е мета на критика колку што подолго трае војната.

Нема поместување во разговорите за примирје

Индиректните преговори на Израел со Хамас кои треба да доведат до примирје и ослободување на заложниците, со месеци се вртат во круг. Двете страни не преговараат директно една со друга, туку како посредници се појавуваат САД, Египет и Катар. Еден круг на разговори на израелската делегација со египетските преговарачи викендот во Каиро заврши безуспешно, како што јавуваат израелските медиуми. Не само критичарите, туку се повеќе и САД како главен сојузник на Израел вината за статус кво на преговорите ја префрлаат на Нетанјаху, кој се товари дека со постојано нови барања оневозможува да се постигне договор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми