Блиски Исток: Како би изгледал договорот за заложницитe?
15 јануари 2025Има надеж дека наскоро ќе соопшти добри вести, изјави вчера (14.01) претставник на израелската влада. Само еден од неколкуте знаци дека договорот за прекин на огнот на Блискиот Исток напредува по неколкумесечниот ќорсокак. Дури се вели и дека Хамас најавил согласност со сегашниот нацрт-договор.
Што содржи предлогот?
Според израелските информации, во прва фаза би биле ослободени 33 заложници. Тие вклучуваат жени, деца, луѓе над 50 години, како и повредени и болни заложници. Се претпоставува дека повеќето од нив се живи. За возврат, треба да бидат ослободени 1.000 палестински затвореници. Меѓутоа, на убијци нема да им биде дозволено да се вратат на Западниот Брег. Дури кога Хамас ќе објави колку од заложниците се живи, ќе стане јасен точниот број на затвореници што треба да бидат ослободени, изјави портпаролот на израелската влада. Според израелските информации, 98 заложници сѐ уште се во рацете на Хамас.
Прекинот на огнот првично би бил ограничен на околу 42 дена. Преговорите за втората фаза потоа треба да започнат на 16-тиот ден од прекинот на огнот. Целта е во следниот чекор да се ослободи уште една група млади мажи и војници.
Во третата фаза од можниот договор, би требало да се регулира обновата на главно уништениот Појас Газа и да се формира алтернативна влада која би била без учество на Хамас.
Каде уште има кавги и спорни точки?
Прашањето за идната администрација на Газа останува едно од најголемите спорни прашања. Поради сложеноста, темата беше исклучена од тековната рунда дискусии. Израел категорично исклучува какво било учество на Хамас и исто така отфрла вмешаност на палестинската влада од Западниот Брег. Меѓународната заедница бара палестинска администрација.
Внатрешниот политички притисок врз премиерот Бенјамин Нетанјаху сѐ уште е голем. Екстремно десничарскиот министер за полиција Итамар Бен-Гвир се закани дека ќе поднесе оставка од владата во случај на договор со Хамас за заложниците. Во објава на платформата Х, тој го повика исто така екстремно десничарскиот министер за финансии Бецалел Смотрич да му се придружи во борбата против „страшниот договор“.
Бен-Гвир побара двајцата одлучно да му кажат на Нетанјаху „дека заедно ќе ја напуштат владата ако договорот биде склучен“.
Каква улога играат САД?
Веројатно не е случајно што непосредно пред Доналд Трамп да стапи на должност во САД, дојде до раздвижување во преговорите кои беа во застој со месеци. „Волстрит журнал" цитира израелски функционер кој вели дека ефектот на Трамп има влијание. Трамп му се закани остро на Хамас порачувајќи дека „ќе настане пекол“ на Блискиот Исток доколку заложниците не бидат ослободени до неговата инаугурација на 20 јануари.
Но, и претседателот во заминување Џо Бајден, очигледно се надева дека ќе постигне договор за време на неговиот мандат и неодамна ги зголеми своите напори: Бајден разговараше со Нетанјаху во неделата и со раководството во Катар во понеделникот.
Од перспектива на неколку експерти, Нетанјаху веројатно повеќе би сакал договор да биде постигнат дури под претседателството на Трамп. Ова би говорело против договор што би бил постигнат оваа недела. „Не можам да предвидам некаков значаен напредок пред претседателот Трамп да ја преземе функцијата“, изјави Коби Михаел од тинк-тенкот Институт Мисгав.
Односот меѓу Бајден и Нетанјаху се смета за многу напнат. Бајден постојано го критикуваше однесувањето на Израел во војната против Хамас во Појасот Газа. Нетанјаху има многу попријателски односи со Трамп. Хамас од своја страна го повика Трамп да го зголеми притисокот врз Нетанјаху.