1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Можно ли е прелевање на тензиите на Косово во регионот?

30 мај 2023

Убеден сум дека меѓународната заедница нема да дозволи тензиитe во Косово да го дестабилизираат регионот“, вели безбедносниот експерт Владимир Пивоваров.

Десетици повредени во жестоките судири меѓу косовските Срби и припадниците на КФОР во Звечан
Десетици повредени во жестоките судири меѓу косовските Срби и припадниците на КФОР во ЗвечанФотографија: Erkin Keci/AA/picture alliance

Мирна ноќ поминале граѓаните на северот на Косово, по вчерашните инциденти кои ги вратија сеќавањата на времиња на „гледање низ нишан“. Утрово повторно почнало собирање на протести против градоначалниците Албанци во општините со српско мнозинство во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Но, косовски медиуми објавуваат дека градоначалниците на општините Звечан и Зубин Поток денеска нема да влезат во нивните градоначалнички канцеларии. Дали тој потег и затворањето на приодите кон општинските згради од страна на КФОР, може да доведат до спласнување на тензиите? 

Како што е познато, тензиите почнаа минатата недела откако градоначалниците Албанци кои беа избрани на изборите бојкотирани од Србите на северот на Косово, влегоа во општинските згради за да ги преземат функциите. Тоа вчера резултираше со судири на косовските безбедносни сили со српското население, во кое беа повредени голем број припадници на КФОР, но и на српската заедница, од кои тројца потешко. 

Тензиите меѓу двата соседа на РСМ - Србија и Косово, со внимание се следат во македонската политичка, но и поширока јавност. Од Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разуванавање и контразузнавање, побаравме оценка - каков е ризикот за нашата и регионалната безбедност од ваквиот развој на настаните во Косово?  

„Постојните случувања на северот на Косово се само последни во многуте досегашни тензии. Во моментов истите се карактеризираат како локални, но имајќи ги во предвид геополитичките случувања и интересите на големите сили, лесно може да преминат во регионални тензии. Досегашните тензии се решаваа по дипломатски пат со силен притисок на меѓународната заедница. Сегашното толкување од некои званичници е од аспект на интересите на нивните земји, што е и очекувано“, вели Пивоваров.

Припадници на КФОР од Полска ја обезбедуваа општинската зграда во Звечан пред започнувањето на судиритеФотографија: Bojan Slavkovic/AP/picture alliance

Тој состојбата ја оценува како тензична, но вели дека мора да надвладее разумот кај двете страни.

„Секако во изнаоѓање на решението силни напори ќе бидат вложени од страна на ЕУ. Во овој момент најмалку е потребено популизирање на црни сценарија со што само се подгрејува и така тензичната ситуација. Инаку блиското минато укажува дека вооружените дејствија во поранешната заедничка држава како во врзани садови се прелеа во секоја земја. Конечно, време е ваквите тензични ситуации во регионот да бидат минато, а Балканот повеќе да не е буре на барут. Во овој момент во овој регион и тоа како е потребен мир и стабилност со придонес кон економски развој на целиот регион“, вели Пивоваров. 

Појас за спасување 

Иако актуелните тензии го носат предзнакот „локални“, некои политички изјави го поттикнаа впечатокот дека допрва може да се случи нешто со големи последици. 

„Ситуацијата на Косово е алармантна, може да се случи голема експлозија во центарот на Европа“, изјавивчера  рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров . 

Пивоваров е уверен дека такво нешто нема да се случи. 

„Секако дека постои ризик, но безбедносните служби треба да колекционираат информации, истите да се анализираат за да може Владата да донесе вистински одлуки во вистинско време. Ескалацијата на овие тензии лесно може да го дестабилизира регионот, но убеден сум дека во овој момент тоа нема да го дозволи меѓународната заедница“, уверен е Пивоваров.

Критичари на политиките на Александар Вучиќ за последните тензии упатуваат и критики на адреса на косовскиот премиер, Албин Курти, со став дека повлекол погрешни потези со кои му дал голем подарок на српскиот претседател. Слична теза објави и хрватски „Јутарњи лист“.

„Работите повторно зовриваат на северот на Косово. Повторно насилство, барикади, солзавец, судири, пукање. Сè како нарачано. Криза, која дојде ‘како кец на десетка' во овој деликатен момент за режимот на Александар Вучиќ. Имено, во последните неколку недели, по страшните и трагични масакри во основното училиште ‘Владислав Рибникар' во Белград и во околината на Младеновац, кои ги поттикнаа најголемите антирежимски протести во последните неколку години, Александaр Вучиќ беше во нокдаун. Режимот се заниша под притисокот на спонтаниот граѓански отпор, но тогаш свесно или несвесно (не)очекувано, појас за спасување му фрли неговиот архинепријател, косовскиот премиер Албин Курти“, коментира весникот.

Kритики на адреса на косовскиот премиер, Албин Курти, дека повлекол погрешни потези со кои му дал голем подарок на српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Она што во моментов се смета за важно, е Албанците од земјите во регионот да повикаат на разум и мирно решавање на тензиите во Косово. Албанскиот премиер Еди Рама доцна синоќа апелираше до косовските државници да ги слушаат сојузниците, со цел ситуацијата да не се влоши уште повеќе.

„Мојот повик е да се слушаат сојузниците и да не се навлезе подлабоко, во, не само опасниот, туку и залуден пат каде Косово е повредено на меѓународно ниво, заедно со војниците на КФОР кои се телесно повредени. Не е меѓународен повик, туку национална потреба", напиша Рама на социјалните мрежи. 

Се огласија Беса и Алтернатива 

Оценки за последните случувања во Косово изнесоа и некои од партиите на Албанците во Северна Македонија. Градоначалникот на Тетово и лидер на опозициската Беса, Билал Касами, потенцира дека Косово е независна држава и мора да ја прошири нејзината јурисдикција на целата територија.

„Територијалниот суверенитет значи почитување на законите во секој агол на државата, значи и на северот на Косово, во општините каде што има градоначалници кои се избрани легално и легитимно. Без разлика на добронамерните реакции на меѓународните партнери, државата Косово има должност да го прошири суверенитетот на целата територија за нормално функционирање на институциите, врз основа на демократски принципи и почитување на законите. Принципите на владеење на правото и демократските вредности не можат да бидат исклучок за северот на Косово само затоа што Србија има експанзионистички аспирации, а нејзините паравоени банди сакаат да го поткопаат суверенитетот на Косово. Ние безрезервно го поддржуваме проширувањето на јурисдикцијата на целата територија на Косово и ги поддржуваме демократските институции на Република Косово на големиот тест за почитување на правото и демократските вредности“, напиша Касами на неговиот Фејсбук-профил.

Според тетовскиот градоначалник Билал Касами (десно), принципите на владеење на правото и демократските вредности не можат да бидат исклучок за северот на КосовоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со соопштение се огласи и опозициската Алтернатива.

По ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово, партијата смета дека Република Косово има целосно право да го прошири својот суверенитет на целата своја територија и да го спроведува законот, особено за управувањето со локалната власт, но во исто време смета дека тоа не треба да се прави загрозувајќи ги безбедноста и мирот во тој дел на Косово.

„Организирањето избори за локална власт во општините со српско мнозинство на северот на Косово, и покрај бојкотот на некои партии предводени од Белград, е легитимно право на државните институции на Косово и пред сѐ во интерес на животот на граѓаните од таа област, кои не можат да бидат жртви на ниту една политичка причина. Сепак, Алтернатива повикува на разумност и претпазливост, но и на меѓусебен дијалог, за тоа да не го загрози мирот постигнат со многу труд, но и европската перспектива на Западен Балкан“, се вели во соопштението на Алтернатива.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми