1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муцунски: Политиката да не се меша во историската комисија

12 ноември 2025

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски нагласува дека политиката не смее да влијае врз Македонско-бугарската историска комисија, по изјавите на Ангел Димитров дека има застој во работата.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на прес-конференција во Скопје, 2 септември 2024 година
Тимчо Муцунски му одговара на Ангел Димитров: Политиката нема место во историската комисијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Политиката нема право да се меша во академската слобода, а обврска на членовите на Македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања е да дебатираат и да носат заклучоци засновани на научни методи. Ова го истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, реагирајќи на неодамнешните изјави на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров дека Комисијата стагнира во своето работење.

Ставот на Тимчо Муцунски за академската слобода

„Една работа која ја кажав уште на почетокот на нашиот мандат е дека политиката нема право да се меша во академската слобода. Обврската на членовите на таа комисија е да дискутираат, дебатираат и ако успеат да донесат заклучоци врз основа на нивните научни познавања. Политиката ги има тргнато рацете, откако Владата ја предводи премиерот Христијан Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија“, рече Муцунски на прес-конференција во Скопје.

Тој нагласи дека ниту имаат направено притисок ниту влијаат, „како што за жал се случувало во минатото, а за кое има сведоштва од тогашните членови на Комисијата“.

Политиката што подалеку од историската комисијаФотографија: Government of North Macedonia

Реакција на изјавите на Ангел Димитров

„Доколку навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, тогаш веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува – да го политизираме процесот. Јас единствено што можам да повторувам, како поединец кој доаѓа од академската средина, е да си работат како научници во рамките на таа Комисија“, додаде Муцунски.

Министерот посочи дека има различни толкувања за одредени состојби од двете страни, но ги оставаат академските работници независно да дебатираат и доколку успеат да дојдат до заклучоци.

„Ние не смееме да правиме какви било притисоци, ниту со наше толкување на фактите, ниту со поставување временски рамки. Тие имаат слобода да работат онака како што сметаат дека е најдобро“, истакна Муцунски.

Работата на Комисијата и дискусиите за учебниците

Димитров деновиве за бугарските медиуми изјави дека Комисијата „е еден вид алиби во моментално многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“ и додаде дека смета оти нејзината работа во моментов стагнира.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија минатата недела во Скопје ја одржа 38. редовна средба, согласно годишниот план за работа. За време на средбата од македонска страна биле доставени новите учебници за „Историја и општество“ за V и VI одделение. Разговарано е околу идниот пристап и методологија во однос на дискусиите за учебниците.

Дискусијата ќе продолжи на следната средба во првата половина на декември во Софија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми