1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муцунски бара поддршка од опозицијата за европските реформи

14 мај 2026

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски повика на конструктивност од опозицијата за клучните реформски закони - Изборниот законик и правосудните реформи

Министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, 9 септември 2024
Муцунски бара поддршка од опозицијата за европските реформиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски упати повик до опозицијата на зрелост и конструктивност, со цел да се поддржат клучните реформи за напредок на државата кон Европската Унија (ЕУ).

Тој нагласи дека европската интеграција не може да биде успешна без сериозност, одговорност и минимум национален консензус околу најважните прашања. „Ова не е процес на една влада или на една политичка партија, туку процес што ја определува иднината на државата“, истакна Муцунски.

Но, лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека Владата не сака реформи за ЕУ. Тој на прес-конференција праша што правела Владата во изминатите две години за исполнување на реформската агенда.

„Тимчо Муцунски не сака реформи за Европа. Реформите значат уставни измени, почеток на преговори и отворање на поглавјата за ЕУ – тоа е вистинскиот пат напред. Ако не сакаат, нека си заминат, бидејќи ќе одговараат“, порача Филипче.

Потребен политички дијалог и поддршка во институциите

Реакцијата следи откако министерот Муцунски изјави дека е потребен политички дијалог заснован на аргументи, институционална соработка и заемна почит, наместо дневнополитички конфронтации кои ја намалуваат довербата во процесот.

Муцунски потенцираше дека реформите поврзани со европската агенда и Планот за раст се клучни, особено Изборниот законик и правосудните реформи.  Тој апелираше опозицијата да даде конкретна поддршка таму каде што се носат одлуките – во Собранието и институциите.

Министерот посочи дека реформите не се само формалност, туку подразбираат функционални институции, владеење на правото, независно судство и усогласување со европските стандарди. 

Воедно, најави дека државата очекува „историски висока исплата на средства“ во рамките на Планот за раст на ЕУ, што, како што рече, е доказ за довербата од европските институции. „Европската иднина не се гради со дневнополитички поени, туку со работа, реформи и одговорност кон граѓаните“, порача Муцунски.

Предупредување за блокади и политизација

Тој предупреди дека секое одолговлекување или блокирање на реформите претставува удар врз европската перспектива на државата, а не само врз владата.

„Сите политички чинители имаат обврска да придонесат кон реформите, наместо да создаваат нови блокади“, додаде министерот.

Односите со Бугарија и ставовите на СДСМ

Во однос на Бугарија, Муцунски истакна дека постојат совпаѓања во ставовите на Софија и СДСМ, што, според него, отвора дополнителни политички прашања.

Тој нагласи дека приоритет на Владата е заштитата на националните интереси и јасна реакција при обиди за нивно загрозување.

Муцунски најави и иницијатива за билатерална средба со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова за десетина дена во Шведска, каде една од темите ќе бидат и „неевропските услови“ што и се наметнуваат на Македонија. 

Двајцата шефови на дипломатии неодамна се сретнаа во Брисел. Оваа куса средба предизвика внимание во двете земји, особено поради различните толкувања и поракитешто беа испратени. Муцунски особено реагираше на употребата на терминот „северномакедонски“, нагласувајќи дека тој е неточен и несоодветен за означување на македонскиот народ.

„Мора да има дијалог, дури и кога не се согласуваме. Но, тоа не значи попустливост“, дециден е Муцунски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми