1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муцунски: Прво консултации, па одлука за Палестина

ДТЗ
24 септември 2025

„Во момент кога и самите земји членки на ЕУ немаат изградено консензус, не е време ние да истапуваме со каква било одлука во однос на Палестина“, вели шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски
Муцунски за признавањето на Палестина: Треба да бидеме внимателни, а не емотивни и импулсивни Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонската дипломатија останува воздржана во однос на прашањето за признавање на Палестина, коешто се актуелизираше на 80. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, каде во фокусот се најде конфликтот меѓу Израел и Газа. Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, вели дека Македонија при носење на одлуки во делот на надворешната политика мора секогаш да биде дисциплинирана и внимателна, а не импулсивна. 

„Што значи тоа? Ние се консултираме со нашиот стратешки партнер САД, но и со нашите партнери меѓу земјите-членки на ЕУ. Самите земји-членки на ЕУ уште немаат изградено консензус по ова прашање. Тоа значи дека консултацијата ќе продолжи, внимателно ќе ја следиме состојбата“, вели Муцунски во изјавата за ТВ Сител од Њујорк.

Консултации со стратешките партнери

Според шефот на македонската дипломатија, нема никаков сомнеж дека сме „длабоко загрижени од состојбите на она што се случува од аспект на меѓународно-хуманитарното право во Газа“ и нема никакви дилеми по однос на македонските позиции по тоа прашање.

„Сите гледаме што се случува и тоа е несоодветно за 21 век . Но, тоа не значи дека треба импулсивно и емотивно да реагираме“, вели Муцунски. 

Тој најавува дека ќе продолжат консултациите со сите стратешки партнери за ова прашање и кога ќе дојде време ќе се донесе конечната одлука околу признавањето на Палестина. 

 „Но, во момент кога и самите земји членки немаат изградено консензус, не е време ние да истапуваме со каква било одлука во овој момент“, додаде министерот.

Пред седницата на Генералното собрание на ОН, неколку западни земји објавија одлука за  признавање на Палестина како држава.  Германија не е меѓу нив, но притисокот врз германската влада расте. 

Речиси 150 од 193-те членки на ОН веќе ја имаат признаено Палестина, но со Франција, Велика Британија и Канада, сега веќе и водечки сили од Г7, групата на седум најразвиени западни индустриски земји, би биле дел од нив. САД категорично го отфрлаат признавањето, исто како и Израел. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми