1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Мухамед Зеќири обвинет за проневера на 1.5 милиони евра

ДТЗ
4 октомври 2022

Против поранешниот генерален секретар на Владата е поднесено обвинение за два договори што ги склучил додека бил на функцијата - со Пошта и Железници.

Мухамед Зеќири
Против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, е поднесено обвинение за два договори што ги склучил додека бил на функцијатаФотографија: DW/K. Blazevska

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири е обвинет за два договори што ги склучил додека бил на функцијата, со што го оштетил државниот буџет за околу 1,5 милиони евра. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт и бара на Зеќири да му се продолжи мерката куќен притвор.

Зекири се товари дека со умисла во повеќе наврати ја злоупотребил функцијата генерален секретар на Владата и со тоа извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба. 

Два договори 

Првиот договор е за консултантски услуги во врска со АД „Пошта на Северна Македонија“, а за која постапка се осомничени и двајца хрватски државјани кои се недостапни за македонската полиција. 

Договорот бил потпишан на 4 мај 2021 година, со што Зеќири склучил договор за консултантски услуги вреден 795 000 евра. Фирмата со која бил склучен овој договор била формирана само дваесет дена пред неговото потпишување, а еден од Хрватите осомничен во постапката е соосновач и управител. Оваа фирма понатаму склучила уште еден договор со вториот осомничен Хрват за износ од 130 000 евра. 

„Во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари (околу 942 000 евра), што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18 отсто ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, соопшти Обвинителството. 

Вториот договор за кој се гони Зеќири е за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Железници“ - Транспорт АД Скопје и бил склучен на 23.06.2021 година, со друга консултантска фирма во вредност од 772 400 евра без ДДВ.

„На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162 денари (околу 183.000 евра) за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138 денари (околу 378.000 евра), за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, велат од Обвинителството.

Пред да се склучат овие договори не се испочитувал Законот за јавни набавки односно не била спроведена соодветна јавна набавка за да може на конкурентен начин да се избере фирма. Зеќири на функцијата генерален секретар беше назначен во ноември 2020 година. Судски постапки се водат и против неговиот претходник, Драги Рашковски, за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми