1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Мухамед Зеќири осуден на 2,5 години затвор

ДТЗ
1 декември 2023

Поранешниот генерален секретар на владата, за злоупотреба на службената положба доби 2,5 години затвор, а ќе треба да врати над 71 милион денари (над еден милион евра) во државниот буџет. Пресудата не е правосилна.

Мухамед Зеќири Македонија
Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед ЗеќириФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири е осуден на 2.5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување и ќе треба да врати над 71 милион денари (над еден милион евра) во државниот буџет. Ова е неправосилната пресуда која што ја донесе кривичниот суд во Скопје. На Зеќири му се судеше поради договорот со фирмата „Интерхолдинг“ за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Пошта“ и Железници транспорт. Според обвинението, тој направил штета од над 57 милиони денари на државниот буџет.  

Со оглед на тоа што во пресудата ќе биде пресметано и времето што Зеќири го помина во притвор во Затворот во Шуто Оризари, а потоа и во куќен притвор, му остануваат уште 11 месеци за издржување на казната, по правосилноста на пресудата.  

Зеќири изјави за медиумите дека пресудата е неоснована и најави жалба.

„Во целиот процес никаде и ниту во еден момент не беше докажана моја умисла во склучувањето на договорите, затоа што јас само сум спровел умисла на други, односно на Владата, кои беа предложени од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи“, рече Зеќири по објавувањето на пресудата.  

Судот, пак, смета дека Мухамед Зеќири е виновен затоа што од април 2021 до март 2022 година, во својство на генсек извршил две временски поврзани дејствија. „Како службено лице презел дејствие со намера за друг да прибави имотна корист. На 4.5.2021 година, без спроведување на јавна постапка, склучил договор со фирмата 'Интерхолдинг' на износ од 795 илјади евра без ДДВ, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани кои не се достапни на органите на прогон“, кажа судијката Јанчулева Михаиловска во пресудата. 

Владата ги исплаќала сумите кои ги потпишал Зеќири со „Интерхолдинг“, со што настанала штета на буџетот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми