1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалКатар

Мундијал во Катар: да се гледа или да се бојкотира?

Јохем Паскал
Паскал Јохем
19 ноември 2022

Во Катар започнува најконтроверзното Светско фудбалско првенство во историјата. Дилема за многу навивачи, посебно во Германија – да се гледа или да се бојкотира? Паскал Јохем во потрага по одговор.

Светско фудбалско првенство во КатарФотографија: ORF

Есенцијално прашање на денешницата – но не станува збор за религија, туку за фудбал. „Кажи ми, каков е твојот став за Светското фудбалско првенство во Катар? Да се гледа или да се бојкотира?“

Вклучување на телевизорот или игнорирање? Уживање во натпреварите или протест? Несогласувања и различни мислења во семејствата, меѓу колегите.

Смее ли човек да ужива во Мундијалот, наспроти сите политички контроверзи околу турнирот? Или е тоа  морално неспоиво?

Жестока критика на стадионите на Бундеслигата

Во германските стадиони се чини владее неподелено мислење:  СП во Катар  се одбива, видни беа транспаренти со пароли и плакати кои ги истакнуваа многумина навивачи во последните недели низ цела Германија. Смртните случаи меѓу работниците мигранти  и  хомофобното законодавство  во земјата-домаќин се ставени на тапет. Со право.

Но, Катар за многумина критичари симболизира нешто уште повеќе: опасниот пат по кој тргна модерниот фудбал. Шеици и сомнителни инвеститори, корупција и голема распродажба на душата на фудбалот, за сето тоа за многумина симбол е токму Катар. Сето тоа може да наиде на одбивање, што ми е разбирливо.

Но, едноставно да се игнорира фудбалот, како воопшто да не се случува најголемиот спортски настан во светот? Пред  Светското фудбалско првенство во 2018 година во Русија имаше исто така замерки, но не и повици за бојкот. Притоа, руската воена авијација тогаш фрлаше бомби врз Сирија, а севернокорејските работници систематски беа експлоатирани при изградбата на стадиони. „Робовите од Санкт Петербург“, гласеше еден од насловите.

Дали одамна не е премината црвената линија? Може ли еден ТВ бојкот нешто да придвижи? Секоја кафеана, кафуле, секој навивач може да донесе своја одлука и да предизвика слаба гледаност, која ќе ја погоди и ФИФА. Но, ако Германија и можеби северна Европа донесат лоши квоти на гледаност, другите региони можат да ги изедначат бројките. ФИФА одамна е во потрага по нови пазари, за што само условно може да биде прекорена. 

Арапскиот свет заслужи Светско првенство, но каде? 

Одамна постои потреба од одржување Светско фудбалско првенство во арапскиот свет. На ФИФА за тоа ѝ требаа преку 90 години. Критиките за „зимскиот Мундијал“ и непостоечката фудбалска традиција во Катар се евроцентрични, некои ги сметаат и за западна надменост. Регионот заслужи еден Мундијал.

Сепак, мораше ли тоа да биде во Катар? Ни мене тоа не ме прави многу среќен. Но, јас ќе го вклучан телевизорот и ќе го следам СП. И знам уште сега: тоа ќе боли. Радосното исчекување тендира кон нула. Првите извештаи за наводно купените „лажни навивачи“, кои слават во Доха, ме оставија без зборови. Исто како и очекуваните натамошни мировни пораки од претседателот на ФИФА, Џани кои ќе морам да ги истрпам во следните недели.

Се држам до спомените од детството. Во 1994 година, како мало дете, напнато седев пред телевизорот во собата и се радував на натпреварите на екипите на Нигерија и Бразил, на тоа кога Бразилецот Бебето своите голови ги славеше со нишање на рацете.

Тоа се слики кои се врежале во сеќавањето. Секој навивач има своја сопствена приказна за фасцинацијата Светско фудбалско првенство. И на крајот, сепак ќе го вклучиме телевизорот, од љубов кон фудбалот. Или барем од професионални причини.

Прашања за заднината

Овојпат се во прашање посебни дилеми: до каде ќе стигне африканскиот првак Сенегал, дали Меси ќе ја искористи својата последна шанса, како ќе се пласираат Ханзи Флик и германскиот тим? Сите овие спортски приказни се вредни да се раскажат, но мене всушност ме интересира нешто многу повеќе од она што ќе се случува на теренот.

Каде ќе почне да се рони инсценирањето на ФИФА, која уште сега турнирот го прогласи за „најдобар на сите времиња“? Дали меѓународниот притисок ќе вроди со создавање фонд за обесштетување на гастарбајтерите? Што ќе се случува во Катар со слободата на медиумите? (Првите навестувања не се многу ветувачки.) Како на овој Мундијал и на толку истакнуваната тема на Западот за  човекови права гледаат јужноамериканските и азиските навивачи? Дали германскиот фудбалски тим ќе смисли некоја акција за да ги истакне „нашите вредности“, како што навести Мануел Нојер неодамна? Дали Емиратот навстина ќе ја искористи оваа шанса, како што предвиде Бастијан Швајнштајгер во интервју за Дојче веле? И како ќе реагираат штедро платените ПР фигури на критиката, на пример катарскиот амбасадор Дејвид Бекам? Сето тоа сакам да го дознаам, да го дискутирам. На масата за време на ручек, во мензата или во кафеана. Сите овие прашања заслужуваат наше внимание. Затоа, вртење на погледот за мене не е никаква опција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми