Кривична пријава против Спасовски за злоупотреба
10 декември 2025
МВР поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски за злоупотреба на службена положба и овластување.
Зошто е поднесена кривичната пријава?
Според Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Спасовски во 2021 година, додека ја извршувал функцијата министер, овозможил на станица за технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист од над 90.000 евра (5.565.927 денари).
МВР наведува дека Спасовски не донел решение за одземање на овластување за технички преглед во законски предвидениот рок, иако имал предлог од надлежната организациска единица за граѓански работи.
„Иако знаел дека рокот за донесување решение е најдоцна 15 дена од доставување на предметот, не ја извршил службената должност согласно член 65 став 3 од Законот за возила и член 5 од Правилникот за постапката за донесување и одземање на овластување за технички преглед“, велат од МВР.
Поврзаност со несреќата во Бугарија и „Беса транс“
Пријавата е поврзана со автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, која се случи на 23 ноември 2021 година, во раните утрински часови. Туристички автобус на компанијата „Беса транс“, кој се враќал од Истанбул кон Македонија, удри во ограда на бугарскиот автопат „Струма“ и се запали. Во трагедијата загинаа 45 македонски граѓани, меѓу кои 12 деца.
„Кривичната постапка се однесува на одземање на дозвола за работа на станицата за технички преглед „ВИА Комерц“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО), кое ја разгледува. Доколку се потврди дека станува збор за истите наводи по кои веќе постапуваше ОЈОГОКК, предметот ќе биде проследен на надлежно постапување“, велат од обвинителството.
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во јануари 2023 година побара одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со ненавремено донесено решение за забрана за вршење технички преглед на правното лице „Виа Комерц“. Станува збор за станица во која, по утврдувањето на неправилностите, технички преглед бил извршен и на превозникот „Беса Транс“, чиј автобус се запали во Бугарија.