МВР со казни ќе ги „дисциплинира“ и пешаците и возачите
26 септември 2025
Со заострени казни и камери на улиците, МВР планира да ги „дисциплинира“ и пешаците и возачите. Подготовките за стартот на системот „Безбеден град“ се во полн ек. Иако, согласно законот, тој треба да стартува од 1 јануари 2026 година, планиран е пробен тест период кој ќе започне порано. Со законски измени веќе стапуваат на сила и поригорозни правила за пешаците, велосипедистите и оние коишто управуваат со електричен тротинет или мопед. Во иднина тие ќе треба да заборават на слушалки, мобилни телефони и други електрични уреди додека се движат по улица или преминуваат преку неа. Целта е на овој начин да се спречат несреќите со кобен исход, коишто се резултат пред се на намалено внимание на учесниците во сообраќајот.
Казни: 40 евра за поминување на пешачки со телефон во рака
Па така, согласно законските измени, казната ако поминувате на пешачки премин со телефон во рака или на уво е 40 евра, а за возење тротинет, мотор или трактор со користење на електронски уред казната е 50 евра.
„Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или лента“, се наведува во законот.
Истите правила важат и за возачите на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, четирицикл, но и за оние што управуваат со мобилна машина, мотокултиватор, трактор - но за нив казните се повисоки (50 евра).
Со новиот Закон за безбедност на сообраќајот се врши усогласување со одредбите од Кривичниот законик, во делот што се однесува на кривичното дело – безобзирно управување со моторно возило. Со тоа дел од досега предвидените прекршоци, стануваат кривични дела, што според МВР ќе придонесе за значително подигнување на културата и свесноста на учесниците во сообраќајот и придржување кон пропишаните услови за учество во сообраќајот.
Возењето под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/кг промили во крвта или возење со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, како и возењето под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори, согласно последните измени на Кривичниот закон, претставува кривично дело.
Камери ќе „ловат“ прекршоци
Од Нова година се најавуваат и поригорозни казните за возачите кои ќе поминат на црвено или непрописно ќе паркираат, а кои ќе се „ловат“ со камерите на проектот „Безбеден град’.
Полицијата е овластена да постави уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата. Снимениот материјал се чува во полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува со согласно со закон.
На сопственикот на возилото со кое е сторен сообраќаен прекршок документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, му се доставува известување со линк за преземање на записникот со прекршочен платен налог и фото запис со кој е документиран прекршокот.
За возење под дејство на алкохол се предвидени казни од 225 евра до 375 евра, како и забран за управување со возилото од три месеци до една година.
Конфискација на возила?
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 неодамна изјави дека е потребна конфискација на возилата за потешки инциденти, што предизвика различни реакции во јавноста.
„Јас немам дилема дека кога одредено лице ќе стори кривично дело, а притоа нема возачка дозвола, тоа возило треба да биде трајно одземено. И такви компаративни искуства има и во други држави“, рече Тошковски, посочувајќи ја Словенија како пример.
Само минатата година во Македонија се евидентирани 142 жртви во сообраќајни несреќи.