1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Албанија нека ѝ е со среќа, а нам со лесно

16 октомври 2024

Ако на Северна Македонија навистина ѝ е прекинат дотокот на кислород од ЕУ, како што вели албанскиот премиер, тогаш вистинското прашање е - како понатаму? Пишува Соња Крамарска

Фотографија: picture-alliance/AA/F. Abdula

Дојде и денот од кој се плашевме. Албанија, држава која до пред некоја година ја гледавме како нашиот сиромашен сосед, продолжи по патот на ЕУ, а ние останавме на перонот да го чекаме следниот воз. Кога и дали ќе дојде, не знаеме. На Албанија нека ѝ е со среќа, а нам со лесно.

Не постои човек во државата што не е разочаран од таквата вест. ЕУ е посакувана дестинација за Северна Македонија, и за сиромасите и за богатите, и за „сдсмовци“ и за „вмровци“, и за Македонци, и за Албанци, Турци, Срби, Власи, и за Бугарите кои неочекувано станаа пречка за да го оствариме тој тридецениски сон. И најголемите евроскептици гледаат со загриженост на таквата ситуација. Неизвесноста не ја сака никој, а нашата држава веќе имаше едно такво горчливо искуство, кога државното раководство во 2008 година се врати со празни раце од самитот на НАТО во Букурешт, кога очекувавме прием во Алијансата.

Албанија бездруго заслужува да се приближи уште еден чекор до европското семејство. Земјата првпат аплицираше за ЕУ во 2009 година а во 2014 ѝ беше доделен кандидатски статус. Оттогаш, иако Европската комисија трипати даваше препорака за преговори, земјите членки не даваа зелено светло сѐ до 2022 година, кога заедно со Северна Македонија влегоа во преговарачкиот пакет. Премиерот Еди Рама во свој стил во вторникот (15.10,) при отворањето на првиот кластер, ќе рече дека ЕУ членството за Албанија не е проевропска реторика, туку прашање на живот и смрт.

Селектирани пораките од Берлин

Во Скопје таква изјава не може да се слушне од естаблишментот, но видлива е нервозата од таквиот развој на настаните. Колку и да дефокусира владиниот врв со соопштенијата од Берлин за силната поддршка што Северна Македонија ја добива од таму на патот кон ЕУ, звукот на тишината од Брисел е посилен. Така и изјавата на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок дека без уставните измени земјава не може да ја продолжи евроинтеграцијата, не се најде во соопштението на МНР кое беше преполно со реторички формулации кои говорат за успешноста на владата и за признанието што го добила од Германија за реформската фокусираност. Но фактот што се обидува Владата да го скрие е дека од Берлин добивме јасна порака дека уставните измени се неминовност ако земјава сака да го продолжи патот кон членство во ЕУ.

Може Владата сето тоа да го маскира со средби со Стопанската комора на Германија и интересот што бил пројавен од таму за инвестирање во нашата земја. Но тие исти бизнисмени ќе ја чујат и изјавата на нивната министерка за надворешни работи, а таа ќе им биде посилен патоказ за нивните идни бизнис намери отколку поканата на премиерот Мицкоски да инвестираат. Така ќе биде и во другите европски метрополи, бидејќи кога една земја е сиромашна и надвор од ЕУ тоа веднаш буди сомнеж за нејзините капацитети, правната сигурност на инвестираниот капитал, степенот на корупција и организиран криминал и сѐ друго што за еден сериозен инвеститор е важно пред да ги испрати своите пари во Македонија.

Во таа насока е и изјавата на албанскиот премиер Рама кој вели дека „со блокирање на европскиот пат на една земја ѝ се прекинува дотокот на кислород и се попречуваат нејзините можности да се стекне со знаења како да ги развива своите институции, да воспостави систем на вредности, владеење на правото и функционална демократија". Тој порача дека со спречувањето на Северна Македонија да ги продолжи преговорите ѝ се нанесе голема штета на државата, голема штета на луѓето и со тоа и голема штета на регионот.

Очигледно е дека тоа што не сакаме да си го признаеме овде, од надвор се гледа многу подобро.

Флоскули наместо акција

Во меѓувреме, во тешката економска зима што нѝ претстои, ќе нѐ греат флоскулите на политичкиот врв дека „деблокадата на евроинтегративниот процес и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји“ (Муцунски на средбата со Бербок). Така е министре, во право сте и дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес за регионот и ЕУ, како што сте ѝ предочиле на германската колешка, но тоа нема да го реши моменталниот проблем на вашата и наша држава на која ѝ е отворена рана што долго ќе крвари.

А реално кажано, доста флоскули се изнаслушавме и од ЕУ, која со децении нѐ уверува колку сме ѝ важни, но секогаш кога ќе се доближиме, нѐ турка настрана.

Па, на што може да се надева Северна Македонија по овој дебакл? Можеби на парите од Планот за раст, кои можат делумно да ни ги залечат раните, бидејќи се очекува тие да бидат замаецот на реформите од кои граѓаните треба да имаат полза. Надежта последна умира, а нашата е дека сепак влезот во ЕУ на земјите од регионов ќе се одвива во пакет, а тоа не кријат дека го посакуваат и некои од клучните играчи на блокот, како германскиот канцелар, меѓутоа како што доаѓа смена на генерациите во политиката, така доаѓа и смена на интересите и заложбите. Политико, на пример, стравува дека преговорите со Албанија можат да траат со децении повикувајќи се на примерот со Црна Гора која го отвори првото поглавје пред 12 години, а сѐ уште има неотворени 30 од вкупно 33 поглавја.

Ако Бугарија внимателно ги чита пораките и атмосферата што се создава во регионот по испаѓањето на Северна Македонија од ЕУ-трката, не може да си припише дипломатска победа бидејќи кочењето на интеграцијата на една земја не може никому да му донесе корист, туку само штета за стабилноста на регионот каде што припаѓа и оваа земја.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми