Македонската кујна е на 47 место на листата на 100 најдобри национални кујни во светот за 2024 - 25 година. Зелникот, макалото и сармата секој треба да ги проба.
Реклама
Дека на Балканот добро се најде покажува и најновата ранг листа којашто ја објави гастрономскиот портал за храна и патувања, „Тејст атлас“ (Taste Atlas). Македонската, српската и хрватската се најдоа високо на листата на 100 најдобри национални кујни во светот за 2024 - 25 година. Македонската кујна го зазеде 47. место (со оценка 4,16 од 5), додека подобро се оценети српската кујна, којашто е на 15. место и хрватската кујна на 17 позиција. На листата се најдоа и словенечката кујна( 56 место), како и босанската која што е рангирана неколку места подолу (68). Албанската кујна се најде речиси на дното на листата - рангирана е на 96-то место.
Зелникот, макалото и сармата како адут
Во Северна Македонија мора да ги пробате зелникот, макалото и сармата - препорачува гастрономскиот сајт. Меѓу највкусната храна се вбројуваат и македонскиот ајвар и охридската пастрмка. Сајтот препорачува неколку македонски винарии коишто произведуваат врвно вино и десетици ресторани се најдоа на листата на оние коишто нудат врвна храна. Баницата со зелка, лутеницата, пинџурот, тараторот, мазникот, тавче-гравчето и малиџаното на врвот на 34 „топ“ јадење од македонската кујна.
Вкусовите на Скопје
Скопје има лузни. Од земјотресот. Од градителите. Од историјата. Но, во Скопје може да се јаде и пие како ретко каде на Балканот. Во тоа се увери нашиот колега Драгослав Дедовиќ, кој од Скопје се врати како негов фан!
Фотографија: DW/D. Dedovic
Баничка со јогурт
За појадок: сечкана баничка - како што Македонците ја нарекуваат питата со сирење.
Фотографија: DW/D. Dedovic
... а може и бурек
Може и бурек - роднина на славниот нишки бурек.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Ќебапчиња
Ќебапчиња можат да се јадат и 24 часа дневно. Тие се во „крвно сродство“ со сараевските ќебапи.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Телешка чорба
Во текот на денот доаѓа ред да се фатите и за лажица, а телешката чорба е вистински благодет во таа насока!
Фотографија: DW/D. Dedovic
Скопски појадок
Човек мисли на ваквите јадења како вовед во ручекот. На ориентот чорбите се, сепак, добар појадок. Скопје е доволно јужно и источно за Влатко Стефановски своевремено да запее: „Рано утро чкембе чорба, после секој своја борба“...
Фотографија: DW/D. Dedovic
Тавче гравче
Како што ме научија Македонците, „Гравче на тавче“ е искривена верзија на оригиналното и единствено исправно име - Тавче гравче!
Чипс од тиквички
Ред е да се пробаат и мезињата како што е „чипс“ од тиквички.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Пиперка
Печена пиперка не смее никогаш да недостига.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Пастрмајлија
Пастрмајлија доаѓа од зборот пастрма, кој означува солено или сушено јагнешко или овчо месо. Најпознати во Македонија се штипската и велешката пастрмајлија.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Ширден
Најпознатиот специјалитет од Прилеп, градот познат по Крали Марко. Три вида сечкано месо во јагнешка марамица претставуваат вистински празник на вкусови.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Дечко, една жолта!
Во Македонија поретко се нарачува ракија, а почесто „жолта“. Се вели „дечко една жолта“ и на масата стигнува одлична лозова.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Баклава
Во Старата чаршија, сопственикот на нова слаткарница, по 20 години минати во Келн, покажува каде се гнездат неговите расни баклави.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Трилеќе
Скопската чаршија и целиот град ќе го паметам и по колачот Трилеќе, кој е сладок подарок од македонските Албанци за заедницата на љубители на слатки.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Храна и на аеродромот
Дури и кога ќе стигнете до аеродромот Александар Велики сѐ уште не сте избегале доволно далеку од македонскиот кулинарски рај, сѐ уште не е време за пост - ве чека презентација и пред Free Shop.
Фотографија: DW/D. Dedovic
14 фотографии1 | 14
Грчката и италијанската кујна како најдобри
На врвот на листата на најдобри кујни се грчката, италијанската, мексиканската, шпанската, португалската и турската кујна. Француската кујна ја зазеде осмата позиција, зад индонезиската, а на деветото и на десетото место се јапонската и кинеската кујна. Германската кујна е на 23.место, со неколку познати јадења коишто се препорачуваат дека мора да се пробаат, како и неколку видови на пива.
Тејст атлас е патувачки онлајн водич за традиционална храна што ги собира автентичните рецепти, критичарите за храна и истражувачките написи за популарни состојки и јадења. На гастрономската платформа има речиси 10.000 јадења. пијалоци и состојки, како и податоци за 9.000 ресторани. Основан е во 2015 година од хрватскиот новинар и претприемач Матија Бабиќ.
Годинашните ранг-листи на платформата се креираат врз основа на речиси 400.000 оценки за храна и 115.000 оценки за прехранбените производи.