1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе има ли казни за загадувачите во Скопје?

ДТЗ
13 јануари 2023

Цементарницата мора да користи природен гас, а не мазут и има рок да изврши мониторинг дали и колку загадува. Ако не постапи по укажувањата, можни се санкции.

загадување
Ќе има ли казни за загадувачите во Скопје?Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kubirski

Цементарницата „Усје“ има рок најдолго за 15 дена да ги спроведе препораките на Инспекторатот за животна средина, со цел да се спречи загадувањето на воздухот во Скопје, а во спротивно му се заканува опасноста да остане без добиените дозволи и овластувања за работа. Согласно решението на Државниот инспекторат за животна средина, изготвено на 11 јануари ѝ се наредува на Цементарницата да користи само гас, а не мазут при работата. 

„Цементарница Усје во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 MW во котларата за загревање на фабриката треба да користи природен гас како гориво, согласно добиената А-Интегрирана еколошка дозвола и да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитиран метод“, се наведува во решението. Рокот за спроведување на оваа одредба е пет дена. Понатаму, во рок од десет дена треба да извршат мерење на емисија на гасови од оџакот на парниот котел кој ќе биде во функција, а имаат и 15 дена рок да се направи мониторинг на сите емисиони точки од производните процеси со акредитирана лабораторија за животна средина во присуство на Државен инспектор за животна средина.

Доколку Државниот инспектор за животна средина утврди дека не се постапува согласно решението и не се отстранат аномалиите, ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот орган или суд, односно кривична постапка пред надлежен орган или суд, како и ќе отпочне постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања.

Ќе има ли санкции?

Ваквиот развој на настаните следи откако скопската градоначалничка Данела Арсовска на прес-конференција (12.01) најави кривична постапка против индустрискиот капацитет, затоа што не се придржувал кон прописите за заштита и унапредување на животната средина со што се предизвикува загадување на воздухот, водата и почвата во поголем обем и опасност по животот и здравјето на луѓето. Цементарницата „Усје“ ги отфрли како неосновани обвинувањата и тврди дека производниот процес во фабриката се одвива според еколошките стандарди. Но, потврдија дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут, но тоа според нив е дозволено согласно А-Интегрираната еколошка дозвола.

Инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршиле увид на работниот процес во цементарницата при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина. Меѓу другото, од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 мг, односно покажуваат 711 мг на метар кубен.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, вели дека се разгледува извештајот од вонредната инспекција на „Усје“ и доколку има пропуст, ќе има и санкцииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, вели дека се разгледува извештајот од вонредната инспекција на „Усје“ и доколку има пропуст, ќе има и санкции на таа фирма. „Целосно, транспарентно ќе го презентираме извештајот откако ќе биде разгледан“, вели министерот.

Тој не ги отфрла обвинувањата коишто ги изрече скопската градоначалничка околу загадувањето во Градот, но „Министерството за животна средина нема да преземе кривична постапка против никого“.

Во однос на загадувањето на главниот град, Нуредини посочува дека странска анализа којшто траела една година, покажала дека 35 отсто до 45 проценти од загадувањето во Скопје доаѓа од палење на биомаса. На второ место биле стари возила, а на трето место е индустријата. 

„Нашата стратегија во Владата, да направиме измена на начин на греење на јавни објекти, е тоа што е потребно и да ги поддржиме нашите граѓани да направат измена на, кога има можност, греење на домови. Но, клуч на целиот проблем ќе биде секундарна и терцијарна мрежа за гасовод во нашата држава“, рече министерот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми