1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Западот демонстрира поддршка на Украина - посета на Киев

ЖА / агенции
24 февруари 2024

На втората годишнина од рускиот напад на Украина повеќе западни политичари, меѓу кои и претседателката на ЕК и премиерите на Италија, Канада и Белгија во знак на солидарност отпатуваа во Киев.

Урсула фон дер Лајен, Џорџа Мелони, Џастин Трудо и Александер Де Кро во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски
Урсула фон дер Лајен, Џорџа Мелони, Џастин Трудо и Александер Де Кро во Киев со украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: picture alliance/dpa/Belga

Втората годишнина од руската инвазија врз Украина во цел свет се одбележува со комеморации, демонстрации и политички дебати. Во знак на солидарност редица западни високи владини претставници отпатуваа во Украина, меѓу нив и претседателката на Европската комисија и премиерите на Италија, Канада и Белгија.

Урсула фон дер Лајен, Џорџа Мелони, Џастин Трудо и Александер Де Кро во Киев допатувале ноќеска заеднички со воз од Полска, соопшти италијанската влада.

Фон дер Лајен: Остануваме цврсто на страната на Украина

Во Киев сум за да ја одбележам двегодишнината од почетокот на руската војна против Украина и да оддадам почит на „беспримерниот отпор на украинскиот народ“, напиша Фон дер Лајен на онлајн платформата Х, поранешен Твитер, при пристигнувањето во украинскиот главен град.„Ќе продолжиме да помагаме  финансиски, економски, воено, морално.  Сѐ  додека земјата не биде слободна“, истакна претседателката на ЕК.

Таа на националната полиција и на обвинителството на Украина им предаде 50 теренски возила, кои на службите ќе им помогнат во „стабилизирањето на областите кои украинските војници со извонредна храброст ги ослободија од руската окупација“, се вели во соопштението на ЕК. Денешната донација е надополнување на претходната од ЕУ која содржеше модерни апарати за деминирање.

Столтенберг ги храбри Украинците

Генералниот секретар на НАТО  Јенс Столтенберг со видео порака се обрати кон Украина, изразувајќи пофалби за храброста и одлучноста на Украинците, повторно уверувајќи ја земјата во нејзината иднина како членка на НАТО. „Украина ќе биде дел од НАТО, прашањето не е дали, туку кога. Додека ве подготвуваме за тој ден, НАТО ќе продолжи да ја помага Украина. Претседателот Путин ја започна оваа војна сакајќи да ја затвори вратата кон Алијансата и на Украина да ѝ го ускрати правото на избор на сопствениот пат. Но, тој го постигна сосема спротивното: Украина сега е поблиску до НАТО од било кога“, истакна Столтенберг.

Бројни манифестации во повеќе земји

И надвор од нападната земја, денеска се одржуваат редица манифестации. Меѓу другото во Лондон, Париз, Варшава и Белград се организирани собири во знак на солидарност со Украина. Во Германија луѓето ќе ја демонстрираат својата солидарност со Украина и во Берлин, Хамбург и Келн.

Невладината организација Гринпис на зградите на руските амбасади во неколку земји проектираше слогани со пораки за запирање на војната. 

„Запрете го убивањето“ - акција на Гринпис пред руската амбасада во БерлинФотографија: Annette Riedl/dpa

Државите членки на Г7 ќе одржат виртуелна конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На наредба на шефот на Кремљ, Владимир Путин, на 24 февруари 2022 година руската армија изврши инвазија врз Украина.

Зеленски се надева на натамошна поддршка

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева на силна натамошна  поддршка на неговата земја од страна на Западот.  По потпишувањето безбедносен договор со Данска, тој во петокот во Лвив се сретна со делегација на американскиот Сенат, кога ја подвлече исклучителната важност за  ефикасноста на украинската армија  на милијарди вредниот пакет помош чија судбина уште виси во неизвесност во Претставничкиот дом на САД.

Во разговорот со демократскиот лидер на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, Зеленски истакнал: „Овој пакет не е обичен, тој има фундаментално значење за нашата одбрана, како со неговата содржина, така и со сигналот кој со неговата поддршка или неподдршка ќе го испрати во светот“, пренесе Зеленски во неговата редовна вечерна видео порака во петокот.

Финансискиот пакет помош од кој 60 милијарди долари се предвидени за Украина, веќе е одобрен во Сенатот, но не и во Претставничкиот дом, каде го блокираат Републиканците. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми