1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германците не им се оди во војска

Среќко Матиќ
18 октомври 2025

Бројот на барања за приговор на совеста во Германија расте пред донесувањето на закон за доброволна воена служба.

Маж со армиска капа и сива блуза (регрут во Бундесверот) ја добива својата опрема на првиот ден од неговата воена служба
Регрут во Бундесверот ја добива својата опрема на првиот ден од неговата воена служба (архивска фотографија)Фотографија: Thomas Trutschel/photothek/picture alliance

Додека германската влада подготвува нов закон за доброволна воена служба, бројот на луѓе кои прашуваат за правото на приговор на совеста се зголемува. Советодавните центри во Германија бележат зголемување на интересот, особено кога во медиумите сè повеќе се известува за воена служба и регрутација.

„Добиваме сè повеќе и повеќе прашања, особено кога во јавноста се зборува за воената служба“, вели Михаел Шулце фон Гласер од Друштвото за мир - Обединети противници на војната (ДФГВК). Бројот на посети на веб-страницата на неговата организација нагло скокна во втората недела од септември - регистрирани се речиси 55.000 посети, во споредба со околу 24.000 во мај.

Во средината на септември, имено, германската влада во процедура стави нов закон, кој предвидува дека воената служба ќе остане доброволна, но и дека армијата треба да се направи попривлечна за младите луѓе. Враќањето на задолжителен воен рок засега не е на дневен ред.

Зголемување на барањата во последните години

Барањата за приговор на совеста се зголемуваат со години. Протестантската работна група за приговор на совеста и мир (ЕАК) забележа дека бројот на барања за советување минатата година се зголемил за 30 проценти.

Формалните пријави се поднесуваат до центрите за кариера на Бундесверот, а потоа се обработуваат од страна на Сојузната канцеларија за семејство и граѓанско општество. До крајот на јуни оваа година, примени се 1.363 барања, во споредба со 2.241 во текот на целата минатата година. Во 2023 година, регистрирани се 1.079, во споредба со 951 во 2022 година.

Дали младите Германци се подготвени за воен рок?

00:57

This browser does not support the video element.

Нова стратегија за советување

Најновата владина иницијатива ги поттикна организациите што се занимаваат со приговор на совеста да ја променат својата стратегија. „Од  септември им советуваме на сите млади луѓе, особено на оние родени по 1 јануари 2010 година, да аплицираат за приговор на совеста, бидејќи сигурно ќе бидат опфатени со новиот Закон за воена служба“, вели Шулце фон Гласер.

Претходно, на оние кои немале контакт со војската им било советувано едноставно да не се пријавуваат, за да не го привлечат вниманието на Бундесверот. Меѓутоа, новите прописи бараат од младите мажи родени во 2008 година и подоцна да пополнат задолжителен прашалник, а од летото 2027 година е планирана и регрутација на нови доброволци - и мажи и жени.

Притисок за воведување задолжителна служба

Иако новиот закон формално ја задржува доброволната природа на службата, тој содржи и механизам што ќе му овозможи на Бундестагот да воведе задолжителен воен рок ако Бундесверот не успее да собере доволен број доброволни регрути.

Ополномоштеникот на Бундестагот за војската, Хенинг Оте веќе повикува на воведување едногодишна задолжителна служба за сите. „Не мора да биде само војската. Младите би можеле да служат и во службите за итни случаи, културата, спортот или волонтерската работа“, рече Оте, додавајќи дека во војската недостасуваат и жени.

Тој порача дека би се залагал за задолжителна служба ако процени дека системот на доброволна служба не дава доволно резултати.

Задолжителен воен рок?

04:04

This browser does not support the video element.

Подмладокот на Зелените против „воен рок на задна врата“

Младинските здруженија предупредуваат дека не се доволно вклучени во дебатата за новиот закон и бараат поголемо влијание во донесувањето одлуки. Подмладокот на Зелените е особено загрижен. Тие веруваат дека законот би можел да доведе до „масовна регрутација“ во наредните години.

Јакоб Блазел, портпарол на Зелената младина, изјави дека станува збор за „воведување на воен рок на задна врата“. Тој ги критикуваше новите обврски што им се наметнуваат на младите луѓе, истакнувајќи дека тие и онака се подготвени на ангажман преку волонтирање.

Наместо тоа, Блазел бара да се вложат повеќе пари и да се отворат повеќе места за доброволци во области како што се помош при катастрофи, заштита на климата и зајакнување на општествената солидарност. „Русија води хибридна војна со дезинформации и напади врз нашето општествено единство. Затоа ни требаат повеќе инвестиции во социјалната кохезија, а не принуда“, потенцира младиот германски политичар од Зелените.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми