1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германија ѝ фалат голем број информатичари и техничари

АРД
11 ноември 2023

На германскиот пазар на труд му недостигаат речиси 300.000 експерти од областа на информатичката технологија. А потребата ќе продолжи да се зголемува, наведува Институтот за германска економија во својот есенски извештај

информатичар
Веќе има недостиг од информатичари и инженери, а оваа потреба дополнително ќе се зголемиФотографија: Britta Pedersen/picture alliance/dpa

На Германија сè уште ѝ недостигаат експерти во важни области. Ова произлегува од есенскиот извештај на Германскиот економски институт (IW). Во моментов има недостиг од 285.000 специјалисти во таканаречените „МИНТ-занимања“ (што е кратенка за математика, информатика, природни науки и технологија). Од нив 132.100 се за квалификувани работници со завршено средно образование, а 122.300 вработувања за стручни лица со високо образование.

Во споредба со рекордниот број од септември 2018 година, недостигот од експерти во овие области е намален за околу 15,5 проценти, но сепак е на четврто место со највисоки вредности за септември од почетокот на водењето на статистиката.

Авторите на студијата делумно го објаснуваат малото намалување на побарувачката за експерти од МИНТ со слабеењето на економскиот раст во Германија. Во студијата на Институтот наведуваат дека економскиот пад се чувствува и во однос на бројот на непополнети работни места и невработени лица од овие занимања, „иако во изненадувачки мал обем“. Со други зборови, недостигот од експерти во тие области е сè уште голем.

Германскиот производител на чипови Инфинеон исто така бара експертиФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

Најголем недостиг во енергетиката и електриката

Најголема потреба од професионална работна сила се воочува во енергетиката и електриката. Има недостиг од околу 81.900 експерти. Во однос на ова прашање, ништо нема да се промени на среден или долг рок. Потребата дури „ќе се зголеми во голема мера“, се наведува во студијата. Истовремено, може да се очекува дека во наредните години ќе има помалку млади луѓе кои ќе го завршат своето образование за МИНТ-занимањата. Затоа условите за работа во тие области сѐ уште се добри.

Просечната месечна бруто плата на експерт со високо образование и со полно работно време во МИНТ-областите е околу 5.900 евра во 2021 година, што е просек за експерти со универзитетско образование. Покрај тоа, експертите со високо образование во овие области се многу почесто на водечки позиции од другите академски образовани луѓе. Нивниот процент е 35 проценти.

Демографскиот развој како фактор

Авторите на студијата гледаат сѐ поголема потреба од експерти. ИТ-експертите ќе бидат особено важни за развојот на технологии и производи кои подобро ја штитат климата во следните пет години. Потребата од стручњаци со МИНТ занимања расте секоја година и поради демографски причини.

Во моментов, секоја година околу 64.800 експерти со високо образование во овие области заминуваат во пензија и овие позиции треба да бидат пополнети. За пет години, потребата ќе се зголеми на 74.100 луѓе. За пет години годишно ќе бидат потребни 272.000 работници за МИНТ-експерти со завршено средно образование.

Проблематично е и очекуваното намалување на бројот на локални, германски експерти во МИНТ-областите. Бројот на луѓе запишани на студии на еден од овие предмети падна од 198.000 во 2016 година на 176.300 во 2022 година. Авторите на студијата оценуваат дека овој тренд ќе продолжи.

Загрижува и податокот дека учениците имаат сѐ помалку знаење за математиката. Ова може да има негативно влијание врз бројот на потенцијални студенти кои би се одлучиле да се школуваат на некој од МИНТ-предметите.

Потребни се повеќе жени и странци за МИНТ-занимањаФотографија: Ulrich Baumgarten/Getty Images

Повеќе жени и доселеници за МИНТ-занимања

Авторите на студијата не само што ги опишуваат проблемите, туку предлагаат и некои решенија. Тие наведуваат дека е важно да се придобијат повеќе жени за професии од МИНТ-областите. За тоа би било корисно да се создаде систем за повратна информација во училиштата, за „девојчињата и младите жени подобро да ги препознаваат своите способности во овие области“.

Дополнително, неопходно е да се искористи потенцијалот на имиграцијата. За таа цел подобро да се искористат можностите што ги дава новиот закон за имиграција на експерти преку „значително забрзување на бирократските процеси“. За да се постигне подобро искористување на имиграцијата преку образовниот систем, треба да има зголемени капацитети и проширени програми за мониторинг и финансиска поддршка за експерти од странство.

Но, треба да се подобри и образовниот систем, истакнуваат авторите на студијата. Во оваа смисла, тие предлагаат зајакнување на образованието на најрана возраст, проширување на квалитетната целодневна понуда и ставање на располагање финансиски средства за индивидуална поддршка на децата и младите преку „социјалниот индекс“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми