1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Македонија ѝ недостигаат околу 10.000 работници

ДТЗ
19 јуни 2023

Во Агенцијата за вработување се регистрирани над 115 илјади невработени, а компаниите не можат да најдат работници. Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека тие не се квалификувани за потребите на пазарот на труд.

Arbeitskosten Wirtschaft Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Македонските компании се соочуваат со огромен предизвик за обезбедување на квалификувана работна сила во ерата на глобализација и дигитализација. Анализите покажуваат дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.  Стопанствениците бараат од Владата намалување на придонесите, либерализација на работната сила и зголемување на квотите за странските работници. Ова, според нив, се дел од решенијата за да се надмине проблемот со недостигот на работна сила. На долг рок, сметаат дека треба да се подготви долгогодишна програма во која Министерството за образование и наука ќе ја има главната улога со цел да се креираат адекватни профили за домашната економија. 

Ваквите предлози тие ги изнесоа на годишната конференција на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) на која се дискутираше за „Предизвиците на компаниите во Република Северна Македонија, при обезбедување на работна сила во ерата на глобализација и дигитализација".

Ниски плати и лоши услови за работа

Недостиг на работна сила се чувствува и во Европската Унија. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека во анализата објавена неодамна од „Институтот на европските синдикати“, во периодот 2019-2022 година е забележан рекорден недостиг на работна сила во Европа. Како причина се наведени ниските плати и условите за работа. Само минатата година, четвртина од бизнисите во ЕУ пријавиле проблеми со производството како резултат на недостиг на работна сила.

„Но, колку и да ги подигнеме стандардот и платите, нема да можеме да се натпреваруваме со најразвиените земји од ЕУ кои секогаш ќе понудат повисоки плати од тие што ние можеме да ги понудиме како држава“, вели Битиќи.

Има голем број невработени, но тие не се квалификувани за потребите на пазарот на труд, вели вицепремиерот Фатмир БитиќиФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Младите денес бараат работа и повисоки плати за да не ја напуштат земјата, додека нивната иднина е во четвртата индустријализација која нуди квалитетни работни места, а тоа се вештачката интелигенција преку учење роботика, дигитален маркетинг, сајбер безбедност, мехатроника, роботика, како идните професии кои ќе се бараат на пазарот на труд.

„Неопходна е соработка тоа да се вметне во формалното и во неформалното образование, бидејќи дигитализацијата донесе нова ера, појава на нови технологии и алатки кои бараат специфични вештини и знаења“, рече вицепремиерот. 

Контрадикторни бројки

Според податоците на Агенцијата за вработување, во мај годинава регистрирани се 107.744 невработени лица и 45.413 други кои бараат работа. Наспрема тоа, на пазарот на трудот има 7.100 слободни работни места. 

„Бројките можеби изгледаат парадоксални и контрадикторни, но тука е генезата на проблемот на нашите компании во наоѓањето работници“, вели Битиќи. Иако бројките се контрадикторни на прв поглед, реалноста е дека овие невработени лица не се обучени за професиите што ги бара пазарот на труд“, додава вицепремиерот.

На Македонија и недостигаат околу 10.000 работници - највеќе во градежништвото и туризмотФотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt

Зголемување на квотите

Изминатиот период се отвори дебатата за либерализација на пазарот на труд преку зголемување на квотите за странски работници кои во моментов се ограничени на 5.000. Стопанската комора на Северозападна Македонија бара од Владата намалување на придонесите, либерализација на работната сила и зголемување на квотите за странските работници. Ова, според нив, се дел од решенијата за да се надмине проблемот со недостигот на работна сила. На долг рок, сметаат дека треба да се подготви долгогодишна програма во која Министерството за образование и наука ќе ја има главната улога со цел да се креираат адекватни профили за домашната економија. 

Оваа мерка според надлежните, сепак не може да биде долгорочно решение.

„Работната сила мора да се обезбеди на прво место од домашни ресурси, од нашите сограѓани кои се невработени, но за жал нивните вештини и знаењата не соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот, па оттука, преку оперативниот план за вработување, Владата во различни форми цели кон нивна понатамошна квалификација и преквалификација, да ги оспособи за да ги задоволат потребите на пазарот на трудот“, вели Битиќи. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Владата ги стимулира компаниите да ги зголемат платите со тоа што на компаниите им нуди враќање на 20% од платите кои изнесуваат над 4.400 евра годишно по лице.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми