1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

На новиот француски премиер Лекорну ќе му биде тешко

АРД
10 септември 2025

Францускиот претседател Макрон го назначи министерот за одбрана Лекорну за премиер - и брзо следеа жестоки критики. Но, со новиот шеф на владата, Макрон сега сака да ја промени својата тактика за справување со кризи.

Маж со темносино палто и вратоврска (новиот францускиот премиер Лекорну) пред Елисејската палата во Париз
Себастијан Лекорну континуирано служи во владите на Макрон од 2017 годинаФотографија: Gonzalo Fuentes/REUTERS

Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи досегашниот министер за одбрана Себастијан Лекорну за нов премиер. Исклучително дискретниот Лекорну се смета за човек од доверба на Претседателот. 39-годишниот Лекорну континуирано служи во владите на Макрон од 2017 година, меѓу другото како државен секретар, а потоа министер - последно во Министерството за одбрана.

Политички, тој првично доаѓа од конзервативниот табор, но подоцна се префрли во партијата на Макрон. Се вели дека има добри односи со десничарската националистичка партија Национален собир (РН).

Но, дали ова ќе му помогне во неговата тешка задача за носење на буџет за штедење, базиран на консензус, е прашање. Лидерката на парламентарната група на РН, Марин Ле Пен, на платформата Х прилично непријателски напиша: „Макрон го испукува својот последен куршум“.

Критики доаѓаат и од левицата

Критики за одлуката на Макрон доаѓаат и од опозицијата лево од центарот. Марин Тонделие од Зелените на телевизијата БФМ изјави: „Сето ова е провокација. Партијата на Макрон ги загуби предвремените избори минатата година, а тој со задоволство продолжува да назначува премиери од својот табор.“ Ова нема да заврши добро, рече Тонделие.

Левичарската партија на Жан-Лук Меланшон, ЛФИ, е исто така запрепастена. Тој го нарекува назначувањето на Лекорну „тажна комедија“. Меланшон тврди дека Макрон ги презира гласачите. Социјалистите, од своја страна, во соопштение оценија дека изборот на Макрон ја влошува „кризата, недовербата и нестабилноста“. Тие предупредија: „Макрон ризикува легитимен социјален гнев и институционална блокада“.

Исклучително дискретниот Лекорну (л.) се смета за човек од доверба на францускиот претседател Макрон (д.)Фотографија: Benoit Tessier/AFP

„Не е социјалист. Го поздравувам тоа.“

Бруно Ретајо, од друга страна, реагираше со вистинско олеснување. Конзервативниот републиканец, сега само вршител на должноста министер за внатрешни работи, задоволно констатираше: „Не е социјалист. Го поздравувам тоа.“ Задачата со која се соочува Лекорну е „тешка“, изјави Ретојо. „Но, ние имаме одговорност. Претседателот сака да најдеме заеднички јазик и да формулираме неколку заеднички проекти.“ Владата мора да го стегне ременот, а не да ги зголемува даноците, побара тој.

Но, токму тука мислењата се разликуваат. Како Лекорну треба да ги вклучи дијаметрално спротивставените идеи на поединечните партии во буџетот за штедење и да постигне консензус?

Макрон сака да ја промени тактиката

Макрон му наложил да го промени својот пристап: Новиот премиер прво треба да се консултира со различните партии, а потоа да постигне компромис. Само откако ќе се постигне овој компромис, Лекорну ќе состави нова влада. Овој редослед на настани е мала сензација во политички Париз и во медиумите веќе се нарекува „германски метод“.

Во последно време, секогаш беше обратно: Двапати по ред, премиерите со владин тим, но без програма, не успеаја да организираат мнозинство во длабоко поделениот парламент.

Тонделие од Зелените јасно стави до знаење: „Ако воопшто учествуваме во овие разговори, ќе зборуваме јасно. Многу јасно“.

Новиот премиер прво треба да се консултира со различните партии, а потоа да постигне компромис (фото: Новиот премиер Лекорну и неговиот претходник Бајру)Фотографија: Ludovic Marin/AFP

Дали назначувањето на Лекорну ќе ги поттикне протестите?

Сите очи сега се свртени кон денешните протести. Дали назначувањето на Лекорну може да го намали притисокот? Еик Кокерел од левичарската партија ЛФИ ги повика сите учесници во протестот да останат мирни: „Апелирам до сите да излезат на улиците со голема смиреност и да не паднат во стапицата што им е поставена.“

Но, незадоволството на голем дел од населението во Франција е насочено против претседателот Макрон. Фактот што некој од неговиот најблизок круг сега е назначен за премиер, веројатно ќе го поттикне овој гнев.

Авторка на текстот: Јулија Борута, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми