1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На повидок битка за партискиот печат на АА

5 февруари 2024

Информациите за две крила во Алијанса за Албанците со дијаметрално спротивен став за настап на претстојните избори, изминатиов викенд добија целосна потврда, меѓудругото и со инцидент.

Некогашните блиски партиски соработници сега во клинч: Зијадин Села и Арбен Таравари
Некогашните блиски партиски соработници сега во клинч: Зијадин Села и Арбен ТаравариФотографија: DW/P. Stojanovski

Лавината тргна. Изминатиов викенд претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, на Фејсбук го повика партиското собрание да го поддржи во намерата АА да се приклучи на опозициските партии на Албанците кон долгоочекуваните промени и да испише историја. Потоа објави дека неговата иницијатива добила доброволна поддршка - потписи од 80 од вкупно 133 членови во централното Собрание, дека процесот на собирање потписи продолжува и оти е очигледно дека мнозинството е за промени. Во објавата на Фејсбук, Таравари повика на мудрост, разумност и единство, „за конечно ДУИ да биде испратена во опозицијата".

Претседателот на партиското Собрание, Зијадин Села, личниот повик на Таравари го оцени како кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијансата за Албанците и претставува сериозно кршење на Статутот на партијата, за што претседателот на партијата ќе одговара пред партиските органи. Села на вчерашната прес-конференција и официјално го најави денот 10-ти февруари, кога на седница на Централното собрание ќе се бара одговорност од Таравари.

Арбен Таравари (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поддршка за ДУИ

Според досегашни анкети, Алијанса за Албанците се сметаше за „јазичето“ на вагата, односно за партија со решавачка улога кој блок во кампусот на Албанците ќе однесе победа - блокот предводен од владејачката ДУИ или опозицискиот блок на Европскиот сојуз за промени.

Претседателот на партиското Собрание и поранешен претседател на АА, Зијадин Села, тврди дека партијата „не се продава и не е на пазар“ и дека во централното претседателство досега веќе имало една одлука - да одат сами на избори. Тој посочи дека Таравари може да предложи, но не може сам како поединец да носи одлука, бидејќи одлука може да донесе партиското собрание.

Извори од опозицискиот блок сметаат дека зад тој став се крие „вешто спакувана поддршка за ДУИ".

„Има информации дека зад идејата за наводен самостоен настап на партијата, за кој се залага крилото на Зијадин Села и Кренар Лога, се крие план за поддршка на ДУИ, а не било исклучено ни приклучување на Алијанса кон партијата на Ахмети во 5 до 12“, велат нашите соговорници, со став дека порано или подоцна состојбата ќе резултирала со поделби.

Кренар ЛогаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Според нив, следната битка ќе биде за партискиот печат, во која крилото на Села ќе очекува поддршка од екстензиите на ДУИ во институциите. Но без оглед каков ќе биде тој епилог, во кој нашите соговорници не исклучуваат ни сценарија со „лажен кворум“ на седницата, тие посочуваат дека анкетите веќе покажале оти кај најголемиот дел од гласачкото тело на АА владее опозициски дух.

„Ништо не може да го промени поривот за промени“, велат тие.

Села: Партијата не е поделена, туку обединета

Гласините за можни поделби во АА не се од вчера, а се темелеа токму на сознанијата дека во врвот на партијата има различни ставови за насоката што треба да ја избере партијата пред следните избори. На ова пред две недели реагираше Генералниот секретар на АА и актуелен министер за правда, Кренар Лога, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говорејќи за можни партнери на ДУИ, во интервју на ТВ 24 ги употреби зборовите „и тоа што ќе остане од Алијанса за Албанците“.

„Сонот на Мицкоски и на ДПМНЕ сè уште стар сон на Груевски од 2016 за изчезнување на Алијансата на Албанците. Го немаше тоа задоволство, се обиде и на 27-ми април, но не успеа. Остатокот на Груевски можеби сонува уште, но и тој знае дека во АА нема и нема да има послушници на ДПМНЕ“, напиша Лога.

Вчера и Зијадин Села рече дека АА нема да дозволи да се реализираат предупредувањата на Мицкоски дадени јавно во интервју.

„Алијанса за Албанците не е поделена, таа е обединета и ќе знае сама да одлучува за својата судбина“, порача Села.

Зијадин Села (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

По прес-конференцијата тој објави фотографија од полно партиско седиште, давајќи опис дека „тоа е големата куќа Алијансата за Албанците - Претседателството, Собранието, секретарите, потпретседателите, пратениците, шефовите на ограноците и посветените членови кои не ја распродаваат својата куќа!"

Физичка пресметка

Непосредно по прес-конференцијата се Села, синоќа физички бил нападнат Дритон Небиу од Алијанса за Албанците, кој е актуелен директор на Агенцијата за управување со одземен имот. Инцидентот се случил додека тој со семејството вечерал во тетовски ресторан. Небиу вчера присуствувал на прес-конференцијата, а по неа објавил фотографија со Зијадин Села. Синоќешниот инцидентот го потврди и полицијата. Во изјава за медиуми на албански јазик, Небиу потврди дека бил нападнат од тетовецот Кренар Османи. Според медиуми, напаѓачот наводно бил еден од поддржувачите на Таравари.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми