1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

На повидок реприза на дуелот Бајден – Трамп во САД

ЖА / агенции
13 март 2024

Новиот дуел меѓу Џо Бајден и Доналд Трамп на американските претседателски избори во ноември е практично завршена работа: двајцата го обезбедија бројот на делегати неопходен за нивните обновени претседателски кандидатури.

Џозеф Бајден и Доналд Трамп, САД
Џозеф Бајден и Доналд Трамп, САДФотографија: AP/dpa/picture alliance

Демократот Џо Бајден и неговиот републикански ривал Доналд Трамп победија на соодветните прелиминарни избори во сојузните држави Џорџија, Мисисипи и Вашингтон во вторникот.

Трамп на тој начин ја надмина бројката од 1.215 делегати што му се потребни за да биде реизбран за претседателски кандидат на Републиканската партија. Бајден, пак, го надмина бројот од 1.968 делегати што му се потребни од неговата Демократска партија. Тоа значи дека  претседателските избори на 5 ноември  ќе бидат повторување на изборите во 2020 година, на кои Бајден го победи тогашниот актуелен претседател Трамп.

77-годишниот Трамп практично беше републикански претседателски кандидат откако неговиот последен  внатрепартиски ривал Ники Хејли  се откажа од трката  по „Супер вторникот"  минатата недела. Десничарскиот популист, кој останува многу популарен кај десничарската база, очигледно доминираше на прелиминарните избори на републиканците откако тие започнаа во јануари, и покрај неговите огромни судски проблеми. Неговите предизвикувачи - вклучувајќи го и гувернерот на Флорида Рон ДеСантис - се откажаа еден по еден.

По исходот од прелиминарните избори во вторникот,  Републиканската партија му честиташе на Трамп за неговиот успех. „Честитки, претседателе Трамп“, напиша партијата на онлајн платформата за кратки пораки X - и исто така го искористи слоганот на кампањата на Трамп  „Направи ја Америка повторно голема!“ (Make America Great Again).

За демократите, исходот од прелиминарните избори беше речиси сигурен од самиот почеток: Бајден немаше сериозни конкуренти од сопствените редови, иако многу демократи сметаат дека 81-годишникот е премногу стар за повторно да се кандидира.

Бајден во изјавата во вторникот им се заблагодари на демократските гласачи за довербата. Тој предупреди дека Трамп претставува поголема „опасност“ од кога било досега.

Претседателските кандидати на двете најголеми американски партии ќе бидат формално избрани на партиските конференции во текот на летото по националните прелиминарни избори, кои ќе траат до јуни. Конвенцијата на републиканците се одржува во јули во Милвоки, а конвенцијата на демократите во август во Чикаго.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми