1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На прагот на изборите се збогуваме со реформите

24 јануари 2024

Епизодата со реформите на министерот Алиу даде неповолен сигнал дека земјава повторно одложува важни прашања и дека се играат подземните игри меѓу коалициските партнери. Пишува Соња Крамарска

Министерот за информатичка технологија Азир АлиуФотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија во понеделникот беше центарот на Западен Балкан. Европската Унија ѝ ја додели честа да биде домаќин на состанокот на лидерите од регионот посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската комисија. За овој план Европската комисија издвои вкупно 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди се грантови, а 4 милијарди како поволни заеми. Состанокот заврши успешно, ако се занемари откажувањето на заедничката прес-конференција со која требаше да финишира собирот на лидерите. Многу ентузијазам, фотографии од кои некои и контроверзни, ракувања и насмевки кои се навистина ретки на Балканот, го карактеризираа овој состанок. Посебен печат на собирот даде и американското присуство како своевидна гаранција дека пријателството и поддршката од САД се тука, дури и кога станува збор за проекти на Европската унија. 

Но, она за што малку се зборуваше е условот кој го постави Унијата е тоа е исплатата на паричните средства да се врши паралелно со реформи во државите. Тоа беше јасно кажано во ноември, кога Европската комисија го претстави планот. А во тој дел Балканот, вклучително и нашата земја, не е за смеење, туку е за плачење. 

Уште не беа ни расчистени масите и другите поставки по состанокот, кога протече веста дека министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу се заканува со оставка бидејќи законите за реформа на администрацијата што ги подготвило неговото Министерство не се нашле на гласање во парламентот. Самиот министер и јавно изрази незадоволство од таквиот однос на законодавната власт (читај коалициските партнери) кон пакетот закони. 

Соња КрамарскаФотографија: Privat

Европа бара реформи, а ние изговори                              

Мотивите на министерот се можеби искрени, а можеби се и предизборен маневар, но поентата е друга. Ако ЕУ во најновиот извештај за напредокот на Македонија, остро посочи дека нема напредок во реформите на администрацијата, тогаш со какво право може да очекуваме дека како држава ќе ги исполниме критериумите за добивање на дел од слаткиот колач што го испече Европската комисија, за да го заслади горчливото чувство дека Западен Балкан повторно извиси на патот на Унијата. И кого да обвиниме освен Владата и парламентот што е под нејзина целосна контрола, што досега не се нашло време реформите на министерот Алиу да бидат ставени на дневен ред? 

Како што рековме погоре, сега е време кога се прават сојузништва и се фаќаат предизборни позиции и не е исклучено дека министерот и неговата партија Алијанса за Албанците решиле малку да тргнат во предизборен лов на поени, но факт е дека Европа бара од нас реформи, а ние бараме изговори реформите да не се случат. А најдобар доказ е односот кон пакетот закони за реформи чие донесување на пример може да биде добра стартна основа за Македонија да се надева на финансиската помош од Европската Унија. 

Премиерот во заминување Ковачевски го теши и смирува министерот Алиу дека законите ќе се најдат на дневен ред на 30 јануари, иако тоа, со оглед на календарот на активности, изгледа како фатаморгана. Ковачевски на 30 јануари веќе нема да биде премиер, туку само лидер на политичка партија, а новиот премиер ќе биде од партијата која не е наклонета кон министерот. Ако сѐ оди според планот, од следниот понеделник треба да стапи на сцена техничката влада, нов претседател на парламентот и веројатно нови бранувања во законодавниот дом. Ако на тоа се додадат и тензиите во албанскиот политички камп, повторно ќе дојдеме до резултатот дека политичарите и партиите се занимаваат со себе наместо да ги решаваат проблемите во државата. 

Граѓаните со задоволство го поздравија Планот на Европа за раст на Западен Балкан, но она што го очекуваа од своите политички претставници е веднаш по објавата на Планот, да изготват прецизен план за реформи, да го претстават во јавноста и да дадат рокови за неговото исполнување. Таков реформски план наскоро ќе им побара и Европската комисија за да може земјава да се квалификува за корисник на средствата, но, за жал, иако прашањето стана актуелно во ноември, оттогаш ниту збор за реформи не слушнавме од коалициските партнери во Владата. Наместо тоа јавноста секојдневно е бомбардирана со информации и дезинформации дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за техничката влада во која ќе учествува, како и за тоа кој со кого ќе настапи на избори. Божем изборите нема да се случат ако партиите не си фатат партнер под мишка. 

Администрацијата во лавиринтите на социјализмот 

Одамна важи заклучокот дека администрацијата во Македонија сѐ уште талка во лавиринтите на социјализмот. Затоа реформата на јавната администрација е еден од главните услови на ЕУ, а министерот вели и дека Македонија има потпишано документ со кој се обврзува да ја спроведе односно да донесе закони и да ги имплементира. Но засега и ова е ставено под тепих и згазено од партиското цунами за подобра стартна позиција пред пролетните избори. Ама да оставиме простор, можеби ќе бидеме пријатно изненадени ако реформските закони навистина бидат ставени на разгледување на 30 јануари и бидат брзо изгласани со помош на магичното европско знаменце. Со една мала фуснота: ако дозволи коалицискиот партнер ДУИ. Се разбира ова е мала шега кон Владата која и во своите последните денови има проблем да ги хармонизира внатрешните односи особено меѓу Алијанса за Албанците и ДУИ. 

Планот за раст на Западен Балкан е веќе означен како потенцијален „game changer“ кој што може да го удвои економскиот раст на земјите од регионов во следната декада. Но воодушевувањето може да спласне од строгите барања за реформи и за решавање на проблемите со соседите. Земјите можат двапати годишно да аплицираат за средства, а доделувањето ќе го одобрува Европската комисија во зависност од исполнувањето на условите. Има и клаузула дека на една држава ќе ѝ биде даден рок од 1-2 години да ги исполни условите и ако не успее, тогаш средствата ќе бидат доделени на друга земја од регионот.

Следејќи го изборниот календар, нова политичка влада ќе добиеме дури во септември, после што следува период на ориентација на новиот владин кабинет и хармонизирање на односите меѓу коалиционите партнери, што не дава надеж дека бараните реформи ќе започнат до крајот на годинава. Тоа Македонија може да ја чини многу во регионалната трка за користење на средствата од Планот за раст, чие спроведување може да ја приближи земјата кон ЕУ во услови кога членството повторно станува неизвесно. Епизодата со реформите на министерот Алиу токму во миговите кога во Скопје се одржуваше состанокот на Западен Балкан за Планот за раст, даде неповолен сигнал дека земјава повторно одложува важни прашања. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми