На секое ќоше никнуваат фотоволтаици на диво
22 февруари 2023Фотоволтаици на диво никнуваат на сѐ поголем број покриви во Северна Македонија. Домаќинства и мали компании се одлучуваат да ризикуваат и да постават фотоволтаици без потребната дозвола, а ги избегнуваат и процедурите за приклучување во дистрибутивната мрежа, произведувајќи струја само за своите потреби. Иако државата ги олесни процедурите за поставување на фотоволтаици и им овозможи на домаќинствата да произведуваат до 6 киловати и да го продаваат вишокот струја, многумина се одлучуваат да ги прескокнат сите скалила и на своја рака да произведуваат струја од сонце. Компаниите кои се лиценцирани за поставување фотонапонски панели ги предупредуваат граѓаните да внимаваат при инсталациите. Една мала грешка при несоодветно поставување на панелите - може да предизвика пожар и несогледливи последици. Од Електродистрибуција, пак, им советуваат на граѓаните да се држат до процедурите и до крај да ја завршат постапката за поставување панели.
Последици
„Како дистрибутивна компанија увидовме дека голем број домаќинства и мали компании инсталираат фотонапонски панели без да побараат согласност од дистрибутерот. Ова најчесто се должи на нецелосна информираност на инвеститорите и проблемите кои ќе се појават во иднина се целосно на нивна штета“, велат од Електродистрибуција за ДВ. Тие ги советуваат инвеститорите да се информираат со цел да постапката за поставување фотоволтаици целосно да се заврши.
Засега нема најава какви последици би имало за домаќинствата кои на своја рака се одлучуваат да произведуваат струја, но од компаниите коишто се бават со инсталации на панели укажуваат дека граѓаните треба многу да внимаваат кога ќе се одлучат за ваква инвестиција. Ангажирањето на лиценцирани фирми им нуди гаранција за исправно поставени палени, но и можност да се приклучат на електродистрибутивната мрежа и да го продаваат вишокот енергија.
Со законските измени во 2022 година се овозможи на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електрани со моќност од 6 киловати, а на стопанските објекти со моќ до 40 киловати. Со измени во Законот за градење се поедноставија процедурите, па повеќе не е потребно издавање на одобрение за градење од локалната самоуправа. Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи. За правни лица е потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтаици како што е предвидено со проектот ја вршат општинските инспектори.
Но, дел од граѓаните ги заобиколуваат сите овие постапки и дополнителните трошоци од околу 1.000 евра. Изнајмуваат најчесто нелиценцирани компании кои им поставуваат панели кои произведуваат струја и по 10 или 15 киловати, за што вложуваат од 6.000 евра па нагоре. Системот е поврзан со батерија за складирање на произведената енергија, и со заштита да не се меша со енергетската мрежа. Со тоа произведената енергија не оди во системот, туку се користи само за домашни потреби, или за потребите на малите компании. Она што ќе се произведе преку ден, може да се користи и во вечерните часови кога нема сонце.
„Граѓаните треба да внимаваат при поставувањето на фотоволтаиците, бидејќи мало невнимание може да предизвика пожар и за секунда да го изгубат домот“, предупредува за ДВ, Зоран Митрески сопственик на „Ефикс електрикал“, компанија која што има лиценца за поставување фотоволтаици.
Мал број на одбиени барања
Според информациите од Електродистрибуција, вкупниот досегашен број на потрошувачи производители изнесува над 100 инсталации од кои само двајца имаат склучено договор за откуп со други снабдувачи, а сите останати имаат склучено договор со ЕВН Хоме како Универзален снабдувач.
„Вкупниот број на барања поднесени за потрошувачи производители е незначително поголем од претходните бројки. Бројот на одбиени барања е многу мал и најчесто се случува поради некомплетна документација, која барателот за брзо време и ја докомплетира. Со самото олеснување на постапката за поставување на панели на покрив се зголеми и бројот на заинтересирани инвеститори за поставување на фотонапонски панели“, велат од компанијата за Дојче веле.
Голем интерес
Вкупниот број на заинтересирани инвеститори за инсталирање на обновливи извори, пред сѐ фотонапонски панели, е доста голем. На дистрибутивна мрежа веќе се приклучени околу 180 MW фотонапонски централи по сите основи (производители потрошувачи до 6 односно 40 kW, потрошувачи производители над 40 KW како и само производители). Издадени се согласности за околу 300 MW и овој број се зголемува, а во зависност од динамиката на изведба на истите, се очекува до крај на годината бројот на приклучени фотонапонски панели да се удвои.
Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Ако во 2019-тата имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека лани имало 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати.
Главната придобивка од инсталирањето на фотонапонски панели на покрив е задоволување на сопствените потреби, а евентуалниот вишок да се предаде во дистрибутивна мрежа. Но, поради големиот „бум“ на ова поле, надлежните предупредија дека е можно да дојде до преоптоварување на мрежата.
Од Електродистрибуција велат дека го следат трендот и потребите на корисниците и дека се врши надградба на дистрибутивната мрежа согласно потребите. Засега не очекуваат дека може да дојде до проблеми во мрежата.