Од исходот на војната во Украина зависи и безбедноста на Европа, затоа што Русија мора некако да се задржи подалеку од континентот. Околу Украина се расплетува не само континенталната судбина, туку и една глобална игра, имајќи предвид дека Кина, Иран и Северна Кореја засега се на страната на Москва. Останатите поголеми геополитички играчи, она што го нарекуваме Глобалниот Југ, како Индија, Саудиска Арабија, Африка и Бразил, засега се неутрални и се држат настрана.
Во меѓувреме Иран и Северна Кореја, каде Путин е во официјална посета, продолжуваат да ѝ обезбедуваат дронови, ракети и муниција на Русија. Во тој контекст, евроатлантската поддршка за Киев треба да се зајакне и да продолжи низ времето, до конечната цел - да се постигне прифатлив мир за обете страни.
Од тој аспект, Самитот за мир во Украина кој се одржа во Биргеншток, на езерото Луцерн во Швајцарија, и каде присуствуваа 93 земји и 8 меѓународни организации, беше добар вовед, но не промени ништо суштински. Пред сѐ затоа што отсутен беше главниот гостин, кој не беше поканет, а со кој утре ќе треба да се постигне примирје и да се договорат поствоените услови, односно, Руската Федерација. Оттука, заклучокот од конференцијата беше разочарувачки. Не само што во финалното соопштение не се спомна ништо за влезот на Украина во НАТО или за територијалните прашања, туку не стана збор ни за украинското право да ја поврати контролата над нуклеарната централа Запорожје или пристаништата на Азовското Море. 12 учесници не го ни потпишаа документот, меѓу кои и Индија, Саудиска Арабија, Мексико и Индонезија.
Тоа што на сите веќе им е јасно е дека Володимир Зеленски не може веќе да се надева само на воена победа, туку мора да преговара за брз мир, во релативно кратко време, договарајќи се директно или индиректно со Москва. За таа цел Киев мора да направи одреден воен камбек, доколку сака да има поповолна преговарачка позиција. Тука проблемите се бројни, а некои се и стратешки непоправливи. Ограничената дозвола од САД, Велика Британија, Франција и Германија, за употреба на западно оружје надвор од границите, тешко дека ќе ја помести или подобри ситуацијата на терен. Останува главното ограничување, честопати премногу потценето, кое не ѝ дозволува на Украина да победи, односно, неможноста да се уништат или расцепкаат логистичките линии на Москва, есенцијален предуслов за водење на една војна на исцрпување.
Проблемите на едните и на другите
Останатите проблеми се добро познати. Киев нема доволно војници и со право не ги регрутира своите дваесетгодишници, со цел да не остане целосно без каква било иднина, во услови на веќе крајно неповолна демографска состојба. Русија и покрај огромните загуби нема проблеми да обезбеди човечки материјал, додека во исто време мобилизира речиси двојно повеќе економски ресурси, од вкупната западна помош за Украина. Западот само ја пополни мунициската дупка на Украина, но моралот почнува драматично да опаѓа.
Ни на Русија не ѝ цутат рози, затоа што забележливо е дека и ним им се брза, а не дека им се води бескрајна војна. Оттука и наивниот руски предлог за прекин на огнот, кој САД енергично го одби. Сепак, Украина е таа која се наоѓа во понеповолна позиција и таквата ситуација сериозно ја збунува Америка. Односно, пристапот на САД да ја спречи Русија во освојувањето на Украина, без директно инволвирање е контрадикторен од самиот старт на конфликтот. Со тоа, како што нѐ подучува и Виетнам или Авганистан, на САД му недостасува јасна стратегија или теорија на успех. Америка се наоѓа во тешката позиција да не знае како да ја спречи украинската пропаст, доколку не се подигне квалитетот и квантитетот на помошта во војната. Од таа причина извира и збунетоста, засилена од администрацијата пред крај, поделениот и поларизиран домашен фронт, Кина, која добива на агресивност, фрустрирачката улога во Блискиот Исток и секако - непредвидливите претседателски избори во ноември.
И покрај сѐ тоа, пристигнуваат сигнали за одредено подобрување на украинските позиции на терен. Во меѓувреме, САД потпишаа билатерален безбедносен договор со Украина, далеку послаб од очекувањата на Зеленски, но кој гарантира децениска воена соработка.
Кина игра на страната на Русија
После месеци доцнење, САД и ЕУ го зголемија економскиот притисок кон Русија. На самитот на Г7 се одлучи да се искористат профитите од замрзнатите руски средства на Руската централна банка и да послужат како гаранција за заемите кон Украина, нешто околу 50 милијарди долари. Киев инаку е во ужасна финансиска состојба и се обидува да испреговара со ММФ договор за реструктурирање на долгот.
Западните сојузници сѐ почесто креираат долгорочни заложби кон Украина, со цел нивната помош да не зависи од внатрешните политички или економски стресови и промени. Со други зборови, му испраќаат порака на Путин дека војната нема да биде кратка и да помисли на сопствениот воено-индустриски апарат кој не плива во најмирни води. Ова потсетува на логиките од првата Студена војна.
Проблемот е што за разлика од тогаш, Кина денес игра на страната на Москва. Сѐ додека Ши Џинпинг верува дека има поголема корист од војната во Украина, малку што му можат евроатлантските притисоци. Се разбира САД нема да се откаже од нови санкции за кинеските банки и фирми, додека Европејците се далеку повнимателни. Можеби поголем ефект врз Кина ќе имаат одредени принципи кои ѝ се важни и кои беа нагласени во Луцерн: нуклеарната безбедност, прехранбената сигурност и територијалниот интегритет. Токму територијалниот интегритет е слабата точка на Пекинг, затоа што тоа и е средство преку кое го одржува во живот барањето за припојување со Тајван.
Како што спомнавме, Путин излезе со свој максималистички предлог, оттука не-предлог, барајќи признавање на руската анексија во 4 региони, кои притоа не ги контролира ни воено, како и барањето Украина да остане неутрална. Тоа се разбира не се прифатливи услови за почеток на преговори. Но, и Москва, додека претендира еднострано предавање, е свесна дека порано или подоцна мора да седне и да преговара. Во меѓувреме, официјални гласини од Киев говорат дека евентуален територијален компромис веќе не е табу-тема и не се исклучува априори од страна на Киев.
Не може да се исклучи и корејско сценарио
Но, Америка ќе продолжи да ја отфрла идејата за преговори со Русија, под оправдание дека тоа би било еднакво на прифаќање на нејзините услови. Америка реално не ја сака Украина во НАТО, нешто што на прва би нѐ навело дека е полесно да се прифати условот за неутралност на Владимир Путин, но во реалноста, без НАТО и без враќање на загубените територии, САД го губат Зеленски и којзнае кој може да влета во една таква ситуација. Воедно, прифаќање на руските победи преку договор би бил вистински пораз за Америка, која во овој историски момент тоа не може да си го дозволи.
Бидејќи станува збор за војна од која зависи европската и глобалната рамнотежа, не може да се исклучи и едно последно сценарио, она корејското. Договорено примирје, со ограничени територијални загуби за Киев, кои, се разбира, меѓународната заедница никогаш формално не би ги прифатила. Но, и тоа сценарио е реално само под услов независна Украина да обезбеди цврсти и кредибилни безбедносни гаранции од Западот. За потоа постепено да биде интегрирана во европскиот простор.
Проблемот е што за воопшто да се дојде до тоа, според актуелните односи на сила и состојбата на терен, тоа ќе зависи пред сѐ од цврстината или слабоста на рускиот фронт. Тоа значи дека иницијативата во моментот не е во западни или американски раце.
Засега, а во иднина - којзнае?!
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.