1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦГК: Спорни набавки во време на ковид

ДТЗ
10 август 2022

Јавните набавки поврзани со пандемијата изобилуваат со проблеми и ризици од корупција, покажува мониторингот на Центарот за граѓански комуникации.

Deutschland Corona-Teststelle am Flughafen Schönefeld
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Јавните набавки поврзани со пандемијата изобилуваат со проблеми и ризици од корупција. Проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција. Забележани се и големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 проценти. И, што е најинтересно, како јавни набавки за ковид се купувани производи што не можат да се доведат во врска со пандемијата. Пример за тоа е службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја. 

На овие неправилности укажува Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во Извештајот за јавните набавки за заштита од ковид, изработен врз основа на длабински мониторинг на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.  Овој Извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од ковид, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 проценти од сите тендери за ковид во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 отсто од вредноста на сите тендери за ковид во анализираниот период (4,1 милион евра). 

Јавните набавки поврзани со пандемијата изобилуваат со проблемиФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Злоупотреба на ранливата ситуација 

„Се добива впечаток како некои институции сè уште да ја користат ранливата ситуација дека станува збор за спасување човечки животи и да спроведуваат тендери во коишто не може да се добие уверување дека сториле сè за да го купат она што е најисплатливо, односно да добијат најдобра вредност за потрошените пари“, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Па така, се воочува дека проценетите вредности на набавките се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција. Иако вакви примери има многу, како еден од најеклатантните примери е набавката на заштитни маски, и тоа 5000 парчиња Н95 и 100.000 медицински, за што институцијата предвидела проценета вредност од 2.360.000 денари со ДДВ, за на крајот да биде постигната цена од само 127.558 денари.  

Друг проблем на којшто се укажува е дека кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи. 

Како проблем се посочува и тоа дека кога има еден понудувач, или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа, или е многу блиску до проценетата вредност на набавката, иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи. 

Вакви примери во мониторингот има многу. Во една постапка со преговарање без објавување оглас за набавка на лабораториска опрема со проценета вредност од 2.200.000 денари (без ДДВ) се добиени три понуди и тоа една на 2.200.000 денари, втората на 2.403.250 денари и третата на 2.544.350 денари. Во текот на преговорите сите три понудувачи намалиле од првично понудените цени и со 2.000.000 денари победила фирмата која и во претходната фаза ја има погодено проценетата вредност. 

Мониторингот посочува дека многу набавки не можат да се доведат во врска со ковид и не може да се сфати како се поврзани со кризатаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Различни цени за исти производи  

„И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 отсто, при набавката на реагенси постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција, а постои и слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас, ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција“, укажуваат од ЦГК. 

 - повеќе: Скандали со јавните набавки: Системскиот лифт кон бездната

При набавката на реагенси е утврдено дека постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција. 

„Ризиците од корупција во ваквите набавки се високи поради тоа што институцијата на еден начин станува 'заробеник' на еден понудувач од којшто мора да ги набавува реагенсите, често по многу високи цени или, најмалку, по цени врз кои набавувачот, во случајов, јавните здравствени институции, не можат да имаат никакво влијание“, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации. 

 - повеќе: Германските фирми најмногу ги мачат корупцијата и недостаток на стручна работна сила во С. Македонија

Спорни набавки 

Мониторингот посочува дека многу набавки не можат да се доведат во врска со ковид и не може да се сфати како се поврзани со кризата. На пример, таква е  набавката на моторно патничко возило со минимум шест звучници, кожен волан и со металик боја. Или набавката на печатени обрасци за амбулантен дневник, семеен патронажен дневник, извештај за пари, книга за редовност, рецепти, советувалиште за доенчиња, забоздравствен картон, или пак неколкуте набавки на компјутери.

„Она што е интересно е дека на сите вакви тендери од мониторираниот примерок имало само по една понуда, дури и за набавка на производи за коишто вообичаено има поголема конкуренција, како за компјутери, на пример“, укажуваат од ЦГК. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми