Орбан повика на отпор против ЕУ
24 октомври 2024Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Европската унија за планови за преврат во неговата земја. ЕУ се обидува да ја собори неговата влада и да воспостави марионетски режим во Унгарија, им порача Орбан на илјадниците поддржувачи во Будимпешта. „Независна унгарска политика е неприфатлива за Брисел“, рече Орбан.
Поводот за говорот беше унгарскиот национален празник во спомен на вооруженото востание од 1956 година, кое беше задушено од советските окупатори. „Дали да ѝ се поклониме на странската волја, овојпат на волјата на Брисел, или да ѝ се спротивставиме?“, праша Орбан и порача „Предлагам нашиот одговор да биде јасен и недвосмислен каков што беше во 1956 година“.
Празникот е цврсто вкотвен во колективната меморија на Унгарците како симбол на борбата за слобода против странската власт. Шефот на владата го искористи својот говор за да повлече паралели меѓу поранешните окупаторски сили - Советскиот Сојуз и Отоманската империја - и денешната ЕУ. Орбан не кажа на што ги заснова своите тврдења.
ЕУ досега не го коментираше неговиот говор. Унгарскиот премиер постојано се судира со своите партнери од ЕУ за прашања како владеењето на правото, миграцијата и човековите права. Поддршката за Украина во нејзината одбранбена војна против руските агресорски е исто така е спорна тема во односите меѓу Будимпешта и Брисел.
Орбан постојано нагласуваше дека ЕУ сака да ја одведе Унгарија во Трета Светска Војна и постојано се позиционираше против помошта за Украина. Унгарија рутински ги блокираше, одложуваше или ги забавуваше напорите на ЕУ да обезбеди помош за Украина и да воведе санкции против Русија. Критичарите го обвинуваат дека се залага за руските интереси, а не за интересите на ЕУ и НАТО.
Орбан, во моментов, е соочен со голем политички притисок во прв ред поради длабоката економска криза во која се наоѓа Унгарија. Индустриското производство неодамна нагло опадна, а инфлацијата во последните години е меѓу највисоките во Европа. Ова се одразува и врз популарноста на владата на Орбан и на неговата партија Фидес.