Нацистичкото наследство на германскиот Сојузен уставен суд
22 мај 2026
Нова научна студија го разниша долгогодишниот мит дека германскиот Сојузен уставен суд бил речиси без влијание од нацистичкото минато. Истражувањето покажува значително посложена и контрадикторна слика за институцијата која по Втората светска војна се сметала за симбол на демократски нов почеток.
Кога Сојузниот уставен суд бил основан во 1951 година, многумина го доживувале како олицетворение на радикален прекин со минатото. Неговата задача била како „чувар на уставот“ да го заштити новиот демократски поредок. Долги години важел за институција која е во голема мера „неоптоварена“ од нацистичкото наследство.
Сепак, резултатите од студијата, нарачана од самиот суд, нудат многу понијансирана слика.
Потценет почеток на институцијата
Свечената заклетва на првите судии се одржала во 1951 година во вилата Хамершмит во Бон – тогашното седиште на германскиот претседател – на исклучително жежок летен ден. Церемонијата траела невообичаено долго.
Тогашниот претседател Теодор Хојс пристигнал со значително задоцнување од Берлин, тврдејќи дека воопшто не бил информиран за настанот. Според историчарот Фридер Гинтер, еден од авторите на студијата, ова е показател дека во тоа време улогата на судот не била доволно ценета. Статусот на уставен судија тогаш не се сметал за особено престижен, за разлика од денес.
Посилно НС-влијание отколку што се мислеше
Во 1951 година требало да се пополнат 24 судиски позиции. Околу 60 проценти од кандидатите во прашалниците тврделе дека биле прогонувани за време на нацистичкиот режим. Но, истражувањето покажува дека реалната бројка била значително пониска – само девет лица, според историчарката Ева Балц, коавторка на студијата.
Од друга страна, дел од судиите биле лица кои или се приспособиле на режимот или активно учествувале во неправдите. Меѓу првите 24 судии имало тројца поранешни членови на НСДАП и петмина припадници на СА.
Враќање на прогонуваните и нов почеток
За судиите кои биле жртви на нацистичкиот прогон, именувањето во судот претставувало можност за професионална и лична рехабилитација.
Еден од највпечатливите примери е Георг Фрелих, кој со семејството преживеал во илегала во Холандија под екстремни услови. Неговиот син бил уапсен и одведен во концентрациониот логор Маутхаузен, каде бил убиен на 20-годишна возраст. И покрај личната трагедија, Фрелих се вратил во Германија со цел да придонесе за изградба на демократска правна држава.
Слична била мотивацијата на Рудолф Кац, кој како Евреин бил принуден да емигрира, но по 1945 година свесно се вратил во „земјата на извршителите“. За него и за други емигранти, работата во судот претставувала морална и политичка мисија – создавање поинаква Германија.
Случаи на активна нацистичка инволвираност
Покрај нив, постоеле и судии кои директно учествувале во нацистичките злосторства. Најпознат е случајот на Вили Гајгер, поранешен член на НСДАП и СА.
Во својата докторска дисертација тој оправдувал антисемитски забрани за работа, а како обвинител учествувал во изрекување смртни казни пред специјални судови. Еден таков случај се однесува на 18-годишен Полјак осуден на смрт поради љубовна врска со Германка.
Слично контроверзна биографија имал и првиот претседател на судот, Херман Хепкер-Ашоф. Тој работел во институција одговорна за економската експлоатација на окупираните територии и конфискацијата на еврејски имот.
Ваквите кариери не биле невообичаени во повоена Германија. Многу поранешни нацистички функционери биле реинтегрирани на државни позиции. Професионалната експертиза честопати била поважна од критичкото соочување со минатото.
Соработка и покрај спротивностите
Особено изненадувачки е што судиите со спротивни биографии – жртви и поранешни поддржувачи на режимот – успеале да соработуваат конструктивно.
Георг Фрелих, кој го загубил синот во концентрационен логор, одржувал дури и пријателски однос со поранешниот нацистички правник Вили Гајгер. Истражувањето покажува дека нацистичкото минато ретко било тема на разговор, бидејќи и двете страни немале интерес да го отвораат тоа прашање.
Жртвите сфатиле дека се враќаат во општество кое не било подготвено да ја признае сопствената вина, па често го прикривале својот статус за да бидат прифатени.
Митот за „неоптоварен суд“ е срушен
Заклучокот од студијата е јасен: претставата за Сојузниот уставен суд како институција без нацистичко минато не издржува сериозна анализа.
Сепак, судот се разликувал од многу други институции во повоена Германија. Во својата судска практика настојувал да ги зајакне либералните и демократските вредности и често донесувал одлуки во полза на жртвите на нацистичкиот режим или се спротивставувал на обидите за релативизирање на нацистичките злосторства.
Автори: Макс Бауер и Клаус Хемпел, АРД