1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 160 деца талкаат и питачат по улиците

ДТЗ
21 март 2023

На улиците во речиси сите градови низ земјата секојдневно се среќаваат деца без родителски надзор. Тие продаваат ситни производи, питачат или собираат стари работи од контејнерите

деца питачи
Над 160 деца талкаат и питачат по улиците во Северна Македонија Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Над 160 деца талкаат и питачат по улиците во Северна Македонија. Ова го покажуваат податоците на регистрирани улични деца, но претпоставките се дека дека нивната бројка е многу поголема. Само минатата година се евидентирани 90 нови случаи, додека надлежните институции работат со уште 78 случаи кои се евидентирани од претходно. Од нив, 60 деца биле згрижени во дневен центар, а четири деца се сместени во мал групен дом. Изречени се и опомени за 22 родители поради негрижа и запоставување на децата, кои се оставени на немилост на улиците, но експлоатацијата на најранливите и незаштитените и понатаму продолжува. 

И тие се нечии деца

На улиците во речиси сите градови низ земјата секојдневно се среќаваат деца без родителски надзор. Проблемот се провлекува со години наназад. Тие продаваат ситни производи, питачат или собираат стари работи од контејнерите, а не ретко ги чистат ветробранските стакла од автомобилите на фреквентни крстосници, доведувајќи ги во опасност сопствениот, но и животите на останатите учесници во сообраќајот. 

„И овие деца на улица се нечии деца. Во суштина анализите на овие улични деца кај нас покажаа дека тие имаат домови и семејства, но економската состојба на семејствата е на многу ниско ниво и отсуствува родителската грижа и заштита. Па наместо да се на училиште – тие талкаат и безделничат, наместо да се во својот дом или да растат низ играта со врсниците – тие питачат, вршат работни активности“, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. 

Неретко поради условите на живот, отсуството на родителска заштита и контрола, како и лесната достапност за потенцијалните сторители на кривични дела, овие деца се изложени на ризикот да станат жртви на разни видови злоупотреба или занемарување, да бидат вовлечени во девијантни појави и однесувања, како вршење кражби, проституција и слично. 

На улиците во речиси сите градови низ земјата секојдневно се среќаваат деца без родителски надзор. Тие продаваат ситни производи, питачат или собираат стари работи од контејнеритеФотографија: DW/S. Toevski

Место во училиште - на улица

„На децата не им е местото на улица, туку во училиштата, во образовниот процес. Потребно е нивно целосно вклучување во општествените текови, како и организирана заштита, како здравствена, така и социјална. Токму тука ја препознавме нашата обврска, да се погрижиме ниту едно дете да не биде лишено од основните човечки потреби и удобности“, вели Спасовски. Целта на надлежните институции е да помогнат да го направиме ова место подобар свет за нив, за да можат да живеат, а не само да преживеат. 

„Сѐ додека секое дете на улица не е безбедно, ниту едно дете на улица не е безбедно“, вели првиот човек на полицијата.

Како да се заштитат?

Семејството и нивните родители или старатели, не можат секогаш да ги заштитат децата од надворешни опасности и закани, а често и самите тие се извор на кризи и насилство врз децата. Токму децата растени во вакви семејства имаат долгорочни последици од доживеаната траума, нивното здравје и развој е нарушено, како и нивниот психички, социјален и морален интегритет. 

„Заштитата на децата на улица е многу сложен и комплексен процес во  постапување на повеќе сектори во системот на заштита на децата. Децата на улица  имаат право на заштита од сите надлежни  институции кои можат адекватно да одговорат на нивните потреби, особено на злоупотрeбените деца, да ги заштитат и да им помогнат во процесот на надминување на ризикот“, вели  министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Истражувањето на Здружението „Градиме иднина“ во 2022 година покажа дека четири илјади деца во земјата се под ведро небоФотографија: DW/K. Delimitov

Надлежните институции промовираат и поттикнуваат процес на  меѓусекторски пристап и соработка, наспроти изолирано постапување на секторите. Тоа ќе биде возможно преку протокол за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица. За подготовка на овој важен документ, Министерството за труд и социјална политика формираше работна група со претставници од МВР, Министерството за образование, здравство, невладините организации со цел координирано постапување со децата, заштита, нивно вклучување во општеството. 

Овој протокол содржи широка лепеза на постапки и мерки наменети за  стручните лица ширум земјата, кои се во допир со оваа целна група и претставува гаранција дека сите преземени постапки, одлуки и мерки во текот на целиот процес на третман и заштита, ќе бидат во најдобар интерес на детето. 

„Иднината на секое општество зависи од неговата способност да го негува здравјето и благосостојбата на следната генерација деца. Доколку не успееме да им обезбедиме на децата сигурно и безбедно општество како здрава основа за продуктивен живот, истовремено ја загрозуваме иднината, просперитетот и безбедноста на нашето општество“, вели министерката Тренчевска. 

Под ведро небо

Истражувањето на Здружението „Градиме иднина“ во 2022 година покажа дека четири илјади деца во земјата се под ведро небо, 18.700 не се во училишните клупи, а 1.500 деца од ромската популација не се евидентирани со матични броеви.

Комитетот на ОН за правата на децата во септември минатата година побара поголема заштита на децата од сите форми на сексуална и трудова злоупотреба, од дискриминација и насилство во училиштата во Северна Македонија. Комитетот побара да се стави крај на малолетничките бракови,питачењето и трудовата експлоатација на децата и препорача секое дете да може да добие извод од матична книга бесплатно, но и да добијат документи децата без државјанство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми