1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 18 илјади деца се на улица, само во Скопје питачат 250

ДТЗ
10 октомври 2023

Здружение Градиме иднина бара да се стави крај на питачењето и злоупотребата на децата и сите 18.700 деца кои се на улица да се вратат во училиштата и да се згрижат во градинките.

питачење
Само во Скопје питачат над 250 децаФотографија: picture-alliance/dpa/P.Zinken

Над 18 илјади деца се на улица, а само во главниот град Скопје питачат над 250 малолетници. Здружение Градиме иднина од Скопје бара Министерството за образование и наука и Владата од буџетот на државата да издвојат средства за проектот со кој ќе се стави крај на питачењето и злоупотребата на децата и сите 18.700 деца кои се на улица да се вратат во училиштата и да се згрижат во градинките.

„Питачењето на децата е појава која не може да ја сузбиеме за еден ден, меѓутоа ја намалуваме присутноста на децата на улица барем на раскрсниците“, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Таа на настан каде се промовираше протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки, најави дека во пресрет на зимата, ќе се засилат мобилните тимови на најфреквентни места каде што можат да се забележат децата на улица.

Се бара решение за децата на улица

Претседателот на здружението Градиме иднина - Скопје, Илија Јовановиќ, денеска имаше средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која побарал да се најде решение за децата од улица да се вратат во училиштата и градинките и да се одвојат финансии и за овој проект како што се помогна за 60 деца и младинци без родители, кои не го завршија средното образование.

„Министерот рече дека целосно ќе се вклучи и ќе го поддржи овој проект и дека ќе се решат проблемите на сите тие 18.700 деца кои се на улица“, изјави Јовановиќ по средбата. Во последните две години на седум локации во Скопје биле спроведени активности за отстранување на децата питачи. 

На улиците во речиси сите градови низ земјата секојдневно се среќаваат деца без родителски надзор. Проблемот се провлекува со години наназад. Тие продаваат ситни производи, питачат или собираат стари работи од контејнерите, а не ретко ги чистат ветробранските стакла од автомобилите на фреквентни крстосници, доведувајќи ги во опасност сопствениот, но и животите на останатите учесници во сообраќајот. 

„Апелирам до сите граѓани, со цел овој проект да вроди со плод, да престанете да им давате монети затоа што ние ќе дадеме предлог закон сите возачи кои даваат монети да одговараат кривично, да им се одземе возачка дозвола на три месеци, како и да има и поригорозни парични казни со изноз од 300, 500 па и 800 илјади евра“, вели Јовановиќ.

Се бара решение за децата да се тргнат од улиците и да се вклучат во образовниот процесФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Повеќе мобилни тимови на терен

Од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се бара да се формираат повеќе мобилни екипи кои ќе работат на терен во три смени со цел да се спречи оваа состојба. „Една мобилна екипа на ниво на градот Скопје не може да го исполни капацитетот затоа што секојдневно само во главниот град питачат 250 деца, меѓу кои има носени и од другите градови од државата“, укажува Јовановиќ.

Министерството за внатрешни работи во изминатиот период има поднесено девет кривични пријави до организаторите, а се преземаат и  други поригорозни мерки како што е одземање на родителското право таму каде што има запоставување на децата и нивна злоупотреба. 

Министерката Тренчевска најави дека пред да настапи зимскиот период, ќе работат на поголема присутност на тимовите на оние места коишто се најфреквентни, каде често се среќаваат децата на улица. Во исто време се разговара и со родителите, да се зајакне нивната свест за децата место на улица ги пуштат во процесот на образование, со што, според надлежните, ќе се создадат услови во иднина самите да заработуваат за егзистенција.

Истражувањето на Здружението „Градиме иднина“ во 2022 година покажа дека четири илјади деца во земјата се под ведро небо, 18.700 не се во училишните клупи, а 1.500 деца од ромската популација не се евидентирани со матични броеви.

Комитетот на ОН за правата на децата во септември минатата година побара поголема заштита на децата од сите форми на сексуална и трудова злоупотреба, од дискриминација и насилство во училиштата во Северна Македонија. Комитетот побара да се стави крај на малолетничките бракови,итачењето и трудовата експлоатација на децата и препорача секое дете да може да добие извод од матична книга бесплатно, но и да добијат документи децата без државјанство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми