Студија: Речиси 2 милиони жртви во војната во Украина
28 јануари 2026
Руската инвазија врз Украина предизвикала речиси два милиона воени жртви – убиени, ранети или исчезнати – во двете земји, според студија објавена во вторник од американскиот тинк‑тенк Центар за стратешки и меѓународни студии (Center for Strategic and International Studies- CSIS).
Според анализата, руските сили ги поднеле најголемите загуби, со до 325.000 убиени од вкупно околу 1,2 милиони жртви од почетокот на инвазијата пред речиси четири години.
„Ниту една голема сила не претрпела толку загуби или толку високи стапки на смртност во која било војна по Втората светска војна“, се наведува во анализата на ЦСИС, истакнувајќи дека „руските сили напредуваат забележливо бавно на бојното поле“.
Украинските сили, исто така, претрпеле огромни загуби – од 500.000 до 600.000 воени жртви, од кои 100.000 до 140.000 убиени, во периодот од февруари 2022 до декември 2025 година, се вели во студијата.
„Комбинираните руски и украински загуби може да достигнат 1,8 милиони, а до пролетта 2026 година бројката би можела да се искачи и до два милиони“, предупредува ЦСИС.
Голем број цивилни жртви
Во февруари 2025 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски за една американска телевизија изјави дека неговата земја изгубила речиси 46.000 војници од 2022 година, бројка која многу аналитичари ја сметаат за прениска, додека десетици илјади други се водат како исчезнати или заробени.
Рускиот сервис на БиБиСи (BBC) и независната платформа Медиазона (Mediazona), кои се потпираат на јавно достапни податоци како објави за смрт, идентификувале повеќе од 163.000 загинати руски војници за четирите години војна, но признаваат дека реалната бројка е најверојатно повисока.
Војната остави и тежок данок врз цивилното население. Мониторинг‑мисијата на Обединетите нации забележала дека во 2025 година во Украина загинале повеќе цивили отколку во која било друга година, освен 2022.
Во 2025 година биле убиени над 2.500 цивили, а повеќе од 12.000 биле ранети, соопшти Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ООН. Од 2022 година наваму, ООН потврдиле речиси 15.000 цивилни смртни случаи, но нагласуваат дека вистинската бројка „веројатно е значително поголема“.