1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 20 лица прогласени за непожелни во Македонија

ДТЗ
3 октомври 2023

За нив било утврдено дека не работат согласно дипломатски правила и дека се обидуваат да имаат негативно влијание на домашните работи и работата на институциите.

проруски протести во Скопје
Над 20 лица прогласени за персона нон грата во Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Изминатиот период повеќе од 20 лица се прогласени за „персона нон грата“ во Северна Македонија. За нив било утврдено дека не работат согласно дипломатски правила и дека се обидуваат да имаат негативно влијание на домашните работи и работата на институциите. Ваквата информација ја сподели министерката за одбрана, Славјанка Петровска на дискусија на високо ниво на тема „Европа во војна: Зацврстување на колективната одбрана на НАТО“.

Последниот случај на протерување на руски дипломати од Северна Македонија беше обелоденет на 12 септември. Тројцата руски дипломати кои беа протерани  работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе да се вмешаат во стратешки национални интереси на државата. Покрај тројцата дипломати, забрана за влез во земјава доби и рускиот архимандрит Васијан (Змеев Николај Валериевич). 

Нивното протерување Русија го оцени како неодговорен и непријателски чин. Моска во неколку наврати презеде контрамерки и протера македонски дипломати од земјата. 

Петровска деновиве оцени дека стратешка цел на земјата е членството во НАТО и ЕУи „секој еден кој ќе се обиде да го попречи тој пат не можеме да го сметаме за пријател, особено не ако тоа сака да го направи преку мешање во работата на институциите или кои било други субјекти во нашата држава“.

Проруски протести во 2018 пред руската амбасата во Скопје против протерувањето на руски дипломат од Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Хибридна војна и дезинформации

Петровска вели дека целта на руските дезинформациски кампањи е да се поткопа авторитетот на Министерството за одбрана и дека најдобриот начин за справување со ова влијание е транспарентноста, отвореноста и постојаната размена на информации.

На денешната дебата на која учествуваа  претседавачот со Воениот комитет на Алијансата, адмиралот Роб Бауер, словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец и министерот за вооружените сили на Обединетото Кралство, Џејмс Хипи, македонската министерка за одбрана се осврна на руското влијание во овој дел од Европа.

Во однос на хибридните закани и штетните дезинформации кои доаѓаат од разни актери, Петровска како пример за дезинформација го посочи тврдењето дека се намалува борбената готовност на Армијата со донациите на воена опрема на Украина.

Славјанка Петровска вели дека целта на руските дезинформациски кампањи е да се поткопа авторитетот на Министерството за одбранаФотографија: MOD North Macedonia

Три чекори за отпорност

Отпорноста против ваквите дезинформации, според неа, се гради со повеќе чекори.

„Прв чекор е да сте свесни каде цели руското влијание во Северна Македонија и ние сме свесни за тоа. Второ треба да имаме јасна политичка посветеност дека сакаме да се справуваме со ова руско штетно влијание и ние тоа во Северна Македонија го имаме и трето е да преземеме одредени мерки и активности и го правиме тоа“, вели министерката. 

Петровска смета дека земјите од Западен Балкан  имаат слабости кои се препознаваат, но за разлика од западните демократии кои се обидуваат да помогнат во надминување на слабостите, Русија ги злоупотребува за продлабочување на разликите и создавање кризи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми