Некои Германци сакаат повеќе белци во фудбалскиот тим
Тобијас Оелмајер
4 јуни 2024
Резултатот од истражувањето шокираше многумина пред почетокот на Европското првенство во Германија. А селекторот и некои репрезентативци се изнервираа што воопшто се поставува ова прашање.
Реклама
Нешто повеќе од една петтина од Германците (21 отсто) сметаат дека би било „подобро да има повеќе бели играчи“ во германската фудбалска репрезентација, додека околу две третини (65 отсто) се противат на овој став.
Ова е резултат на анкета од април, која сега ја објави јавниот сервис WDR. Анкетата е направена за потребите на нивната документарна серија.
Две третини од анкетираните се согласиле со изјавата дека е „добро“ што сега во репрезентацијата играат „многу фудбалери кои имаат мигрантско потекло“. Исто така, две третини немаат проблем со тоа што капитенот Илкај Гундоган има турски корени, додека за 17 отсто тоа е проблем.
Реклама
Секогаш под лупа
Во документарецот на WDR зборува и поранешниот фудбалер Џералд Асамоа, еден од првите црнци во германската репрезентација. Како што вели, честопати доживувал расистички навреди. „Тие ме пцуеја, така што тоа беа ниски удари, некои зборови не би сакал да не ги повторам“.
Шкодран Мустафи – роден во Германија од родители Албанци од Македонија – го освои Светското првенство со Германија во 2014 година. Тој изјави за WDR како тој и другите играчи со странски корени биле под лупа:
„Кој ја пее националната химна? Кој не пее? Дали некој е интегриран или не? Дали некој е благодарен што може да игра за Германија или не?“, набројува Мустафи.
На поширокиот репрезентативен список за претстојното Европско првенство има девет играчи со мигрантско семејство: Антонио Ридигер, Џонатан Та, Валдемар Антон, Бенџамин Хенрикес, Илкај Гундоган, Александар Павловиќ, Лирој Сане, Џамал Мусијала и Дениз Ундав.
Екстремно десничарските и левичарските гласачи сакаат повеќе белци
Желбата за „побела“ репрезентација најчесто ја изразувале приврзаниците на десничарската Алтернатива за Германија и тоа речиси секој втор (47 проценти). Гласачите на новата левичарска партија на Сара Вагенкнехт - која, патем, има ирански корени - следат со 38 проценти.
Но, и некои симпатизери на други партии сакаат повеќе белци во репрезентацијата. Гласачите на демохристијаните во 18 отсто од случаите, социјалдемократите 14 отсто и зелените пет отсто.
Репрезентативецот Јозуа Кимих во тренинг кампот на тимот беше прашан за резултатите од ова истражување: „Фудбалот е многу добар пример за тоа како различните нации, боите на кожата и религиите можат да се обединат. Тоа е работата“.
Тој го нарече одбивањето на играчите со мигрантско потекло „апсолутно расистичко“. Дури и поставувањето на вакво прашање во анкетата го нарече „апсурдно“ и „контрапродуктивно“.
Селекторот е изнервиран од анкетата
Тренерот Јулијан Нагелсман беше видно изнервиран на прес-конференцијата. Се надевам дека никогаш повеќе нема да читам за оваа глупава анкета“, изјави поранешниот тренер на Бајерн и Хофенхајм.
„Бев шокиран што се поставуваат такви прашања - и што луѓето одговараат на нив“, додаде Нагелсман.
Поради критиките на анкетата, се огласи шефот на спортската редакција на WDR, Карл Фалкс. Според него, репортерот кој се занимавал со оваа тема не еднаш слушнал од луѓето дека на теренот има премалку „вистински“ Германци.
„Ние донесовме свесна одлука тоа да не го пренесуваме анегдотски, туку да го поткрепиме со податоци“, рече тој.
Најдобрите германски репрезентативци на сите времиња
Во германската репрезентација отсекогаш имало извонредни фудбалери. Жири составено од спортски новинари ги одбра најдобрите 11-мина на сите времиња, кои во иднина ќе можат да се видат во „Куќата на славните“ во Дортмунд.
Фотографија: picture alliance/dpa/W. Baum
Сеп Мајер
Сеп Мајер, поради неговата агилност, беше нарекуван и „Мачката од Анцинг“. Голманот со своите 95 настапи е рекордер меѓу бранителите на мрежата во германската репрезентација и со неа стана европски шампион во 1972 година и светски шампион во 1974 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Паул Брајтнер
Дефанзивниот играч од средината на теренот Паул Брајтнер важеше за генијален стратег на теренот и за спорен револуционер надвор од него. Во 1974 година тој стана светски шампион со германската репрезентација, а две години претходно европски шампион.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Франц Бекенбауер
Најголемите успеси на Франц Бекенбауер се титулите светски шампион во 1974. како играч и во 1990. како селектрот на германската репрезентација. Тој важи за легенда на германскиот фудбал и со неговата леснотија и извонредна техника тој ја промени играта на либерото како никој друг играч во светот. Тој се разбира е „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/empics/N. Simpson
Андреас Бреме
Одбранбениот играч Андреас Бреме со еден шут испиша германска фудбалска историја. Тој, имено, во финалето на Мундијалот во 1990 година успешно го изведе пеналот за 1:0 и конечна победа против Аргентина. Бремедолги години беше бек од светска класа, еднакво добар со двете нозе - тогаш новитет во меѓународниот врвен фудбал.
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb
Фриц Валтер
Фриц Валтер припаѓа кон извонредните личности на германскиот фудбал. При освојувањето на светската титула во 1954, тој не само што беше капитен на репрезентацијата, туку и продолжена рака на теренот на тренерот Сеп Хербергер. Освен тоа, Валтер беше првиот играч во историјата прогласен за „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Лотар Матеус
Тој беше исклучителниот играч на СП во Италија во 1990. Лотар Матеус беше доминантна фигура во германската репрезентација, која на крајот ја освои титулата. Тој е рекордер по бројот на настапи во репрезентацијата - 150 и по настапи како капитен - 75. Матеус играше на вкупно пет светски првенства и е еден од само шесте „почесни капитени“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kleefeldt
Матијас Замер
Двигател, стратег, борец: Матијас Замер прво играше 23 пати за репрезентацијата на Германската Демократска Република, а по обединувањето и за репрезентацијата на Сојузна Република Германија. Во 51 натпревар тој постигна 8 голови. Негови најголеми успеси беа освојувањето на европското првенство во 1996. во Англија и второто место на ЕП 1992 во Шведска.
Фотографија: Bongarts/Getty Images/Lutz Bongarts
Гинтер Нецер
Тој се смета за естет и за прв хедонист на германскиот фудбал. И е еден најдобрите играчи од средниот ред на сите времиња. Нецер беше „десетка“ која со своите додавања знаеше да ги „послужи“ соиграчите. Во 1972 година со репрезентацијата стана европски првак, на СП во 1974 играше само на еден натпревар и не се чувствуваше како светски првак. Десет години беше член на германската репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bajzat
Хелмут Ран
„Ран би морал да шутира, Ран шутира, гоооол“, врескаше во 1954 година репортерот Хеберт Зимерман пренесувајќи го на радио натпреварот од Берн. Десното крило Хелмут Ран го постигна решавачкиот гол за 3:2 против Унгарија во финалето на СП и ја одушеви целата нација. „Шефот“, како што го нарекуваа поради угледот и улогата на лидер на теренот, за репрезентацијата одигра 40 натпревари и постигна 21 гол
Фотографија: picture-alliance/dpa
Герд Милер
Герд Милер беше голгетер каков што ретко се гледа. Во 62 натпревари за репрезентацијата постигна 68 голови. Милер погодуваше особено кога беше најважно. Во финалето на СП 1974 го постигна одлучувачкиот гол за 2:1 против Холандија.Во 1972 година „бомбардерот на нацијата“ беше во репрезентацијата која го освои европското првенство. Милер едноставно погодуваше од секоја ситуација и во секоја можност.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P.Robinson
Уве Зелер
Уве Зелер е единствениот „почесен капитен“ на репрезентацијата кој никогаш не станал светски првак. Своевремено Зелер се сметаше за еден од најдобрите напаѓачи во светот и беше вистински џентлмен. Како капитен на репрезентација на Мундијалот во 1966 година го освои второто место, а на СП во 1970. - третото. Зелер во 72 натпревари за репрезентацијата постигна 43 гола.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Schnoerrer
Сеп Хербергер
Селекторот Сеп Хербергер важи за мозокот на „Чудото од Берн“, кога Германија во 1954 стана светски првак победувајќи го во финалето неприкосновениот фаворит - Унгарија. Хербергер на играчите им беше како втор татко и секогаш се трудеше со нив да воспостави добри човечки односи. Од 1936 до 1942 и од 1950 до 1964 година беше селектор на германската фудбалска репрезентација.