1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Надеждин дискфалификуван во трката со Путин

ЖА
8 февруари 2024

На противникот на војната во Украина, Борис Надеждин не му е одобрена кандидатура за претседателските избори во Русија на средината на март. Тој најави жалба на одлуката на Централната изборна комисија.

Борис Надеждин Русија
На Борис Надеждин не му е одобрена кандидатура за претседателските избори во РусијаФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP/picture alliance

Противникот на Владимир Путин, Борис Надеждин е дисквалификуван во трката за претседателската функција во Русија. Преку Телеграм Надеждин денеска порача дека пред Врховниот суд на Русија ќе ја обжали одлуката на Централната изборна комисија која одби негова регистрација како кандидат, тврдејќи дека открила недостатоци во листата со неопходните потписи доставена од Надеждин и неговите поддржувачи.

Одлуката на Централната изборна комисија е во согласност со правните норми, зашто доставените документи не се целосни, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитри Песков.

Надеждин најави дека нема да се предаде. „Собрав повеќе од 200.000 потписи во цела Русија“, напиша тој на платформата Телеграм, истакнувајќи дека притоа станувало збор за отворен и транспарентен процес. „Учеството на претседателските избори 2024 година  претставува моја најважна политичка одлука. Јас нема да се откажам“, напиша тој.

Како кандидат на партија, Надеждин требаше да собере најмалку 100.000 потписи во најмалку 40 руски региони за да настапи на изборите од 15 до 17 март,  но тој не ја постигна оваа цел, соопшти Централната изборна комисија.

Актуелниот шеф на државата Владимир Путин, кој реши да се кандидира како независен, а не како кандидат на владејачката партија Единствена Русија, требаше да собере 300.000 потписи. Според неговите поддржувачи, тој веќе собрал преку 3,5 милиони.

Исклучувањето на Надеждин беше очекувано. Изборната комисија, како што тврди тој, уште на почетокот на неделава го информирала дека недостатоците во доставените документи ја преминуваат дозволената мерка.

Победата на Путин на изборите одамна се смета за сигурна. Но, со својата остра  критика на руската инвазија врз Украина,  која Москва официјално ја именува како специјална воена операција, според набљудувачите Надеждин предизвика изненадување.

Путин во 1999 година беше именуван за наследник на тогашниот претседател Борис Елцин. Оттогаш, тој ја раководи земјата како претседател или, по рокадата со Дмитри Медведев, извесно време и како премиер. Кога ќе ги заврши следните шест години на функцијата како шеф на Кремљ, тој ќе го надмине Јозеф Сталин, кој беше на чело на Советскиот Сојуз од 1924 до 1953 година. На тој начин Путин ќе стане челник на Русија со најдолг стаж по ерата на царицата Катерина Велика во 18 век.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми