Путин доби уверување за солидарност од Ши
4 февруари 2026
Рускиот претседател Владимир Путин доби поддршка за неговата надворешна политика за време на видеоповикот со кинескиот државен и партиски лидер Ши Џинпинг. Двете земји се стабилизирачки фактор во меѓународната политика и „покажуваат решителност“ во обезбедување правда и да ги зачуваат резултатите од Втората светска војна, изјавил Ши, според наводите на руските новински агенции.
Според нивните информации, неодамна секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, отпатува во Пекинг за да „ги усогласи часовниците“. Шојгу, кој како министер за одбрана со години беше одговорен и за војната во Украина, го информираше кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, за актуелните настани, изјавил Ши.
Самиот Путин потсети на добрите билатерални односи меѓу Москва и Пекинг и на постојано развивачката трговија. Русија е најважниот кинески снабдувач со енергија. Обемот на трговија меѓу двете земји постојано надминува 200 милијарди американски долари, рече Путин.
Путин последен пат беше во Пекинг во септември 2025 година. Тој присуствуваше, заедно со Си, на воената парада по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Азија. Последниот видеоповик меѓу двајцата државници беше пред речиси една година. Паралелно со овој разговор, во Абу Даби започнаа нови руско-украински преговори за завршување на војната во Украина, која Путин ја започна во февруари 2022 година.