1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нагазна мина во Атина: Аман комшија, не нѐ „брани“

23 август 2023

Прераскажување од страна на Вучиќ на наводен став на Ковачевски, предизвика бројни критики на адреса на македонскиот премиер и неговите албански партнери во Владата.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ, архивска фотографијаФотографија: Presse Regierung North Macedonia

Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека македонскиот премиер Димитар Ковачевскина средбата во Атина „многу остро говорел против Курти пред сите, што изненадило многумина“, на домашен терен предизвика многу реакции во албанската заедница. Особено што истата е доживеана како екстензија или „второ полувреме“ по изјавата на српскиот министер за одбрана и претседател на владејачката Српска напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ- дека на Северна Македонија и Црна Гора би можело да им се удри од глава признавањето на Косово.

И додека сѐ уште не спадна правот што се крена по таа изјава, српскиот претседател предизвика нова бура споделувајќи импресии од разговорите на лидерите на Западен Балкан во Атина.

„Беше интересно да се слушаат луѓето. Видов дека и Димитар Ковачевски многу силно реагираше против Албин Курти поради она што го правеше во Тетово, и тоа многу силно, јавно и отворено. И тука сакам да ги замолам нашите функционери дури и кога немаат намера, да бидат повнимателни за да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не нè направат исти како Курти итн. Затоа и синоќа долго разговарав со Ковачевски и му реков - ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено и поради што било што некој го кажал, иако јас сметам дека за тоа не постојат причини, нема проблем – јас се извинувам, Македонците се наши браќа и немаме никаков проблем со нив. Но, тој (Ковачевски н.з.), навистина, многу остро говореше против Курти пред сите, што изненади многумина“, рече српскиот претседател на вчерашната прес-конференција во Атина.

Прераскажувањето од страна на Вучиќ на наводен став на Ковачевски, предизвика бројни критики на адреса на македонскиот премиер и неговите албански партнери во Владата.

Во јавните реакции може да се прочитаат повеќе тези: дека Ковачески отворено му помага на Вучиќ да се дискредитира политиката на Косово, а со цел да се факторизира Србија како попосветена за регинална стабилност. Епитетите „сервилно и дилетантски“ се меѓу најбенигните критики на адреса на Ковачевски. Се поставуваат прашања - зошто не се огласуваат партнерите во Владата во врска со таквото однесување на Ковачевски, до критики дека изјавата на Вучиќ го открила деструктивниот пристап на „проевропската“ влада, која се движи во погрешна насока, наместо да се огради од просрпската и антиевропската политика.

На прашање на „360 степени“ - дали се точни тврдењата изнесени од српскиот претседател, од Илинденска број 2 не дале конкретен одговор, туку посочиле дека Владата на РСМ се залага за градење добрососедски односи со сите свои соседи, и дека предмет на дискусија на неформална вечера на која присуствували премиерот Ковачевски бил натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан.

За подобри односи

Прашан - што мисли за констатациите дека Вучиќ го дестабилизира регионот, и за изјавата на српскиот министер за одбрана кој изјави дека на Северна Македонија и Црна Гора би можело да им се удри од глава признавањето на Косово, што од некои во Црна Гора било протолкувано како закана, американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, изјави дека тоа не го гледа како обид за дестабилизација на регионот.

Изјавите на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ предизвикаа бројни реакции во регионотФотографија: Serbian Presidential Press /AP/picture alliance

„Не го гледам тоа како обид за дестабилизација на регионот и секако не мислам дека господинот Вучевиќ сакаше така да биде разбран. Секако би сакал да видам подобри односи меѓу балканските земји и мислам дека Отворен Балкан е добар чекор во таа насока, како и Берлинскиот процес. Би сакал да видам повеќе поддршка од страна на другите земји во регионот, но и од Западот, каде сите разбираат дека овие земји мора да соработуваат и на тој начин ќе бидат подобри партнери или членки на ЕУ“, изјави Хил во интервју за Гласот на Америка.

Во изјавата на Вучиќ,која би требало да пренесе дека „и други имаат проблем со Курти, не само Србија“,дел од домашните аналитичари препознаваат наратив кој му е потребен на српскиот претседател и за да расколеба евентуална можност за признавање на Косово од страна на Украина, и дека му било важно тоа да се слушне пред неговата средба со Зеленски.

Амбасадорот Хил во посоченото интервју изрази задоволство што таа средба се реализирала.

„Бев екстремно задоволен кога видов дека српскиот и украинскиот претседател седнаа да разговараат. Србија и Украина имаат долга историја, секогаш добро се согласуваа, имаа добри односи и затоа мислам дека е важно што се сретнаа, разменија мислења и разговараат за тоа што носи иднината. Затоа што ќе има промени, оваа војна нема да трае вечно и ќе видиме како ќе се развиваат работите. Но, верувам дека изминатите месеци беа важни за народот во Србија да види каква е навистина Русија и дека Србија треба да се помести западно, кон евроатлантските системи“, изјави американскиот амбсадор во Белград.

Од Тетово до Улцињ

Но синоќешната изјава на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, кој се пофали со српска дипломатска победа во Атина, не навестува такви поместувања.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ: Овде се работи за создавање национална држава на Албанците која ќе биде од Тетово до УлцињФотографија: DW

„Претседателот Вучиќ со своите ставови го промени првичниот текст на декларацијата во Атина. Ставот што се однесува на санкциите е избришан. Претседателот Вучиќ ми ги покажа двата документи каде што точно може да се види тоа и мислам дека тоа ќе го каже кога ќе одржи прес-конференција. Сега е објавено низ цела Русија. Србија сама меѓу 13 земји се избори за таков став, но не поради Русија, туку затоа што им штети на нашите национални и државни интереси“, изјави Дачиќ.

Претходно во друг тв-настап Дачиќ се изјасни дека за него не е спорна изјавата на министерот Вучевиќ во однос на РСМ и Црна Гора.

„Знаете како велат тие: Македонија мора да го признае затоа што 20-30 проценти Албанци живеат во Македонија. А Црна Гора не мора да биде на страната на Србија, иако во Црна Гора живеат 30 проценти од Србите. Па каде ќе најдете две поблиски земји, а две различни толкувања“, рече Дачиќ.

Тој изјави дека во 90-тите Албанците се обиделе со оружје да го решат нерешеното национално прашање на Балканот, дека тоа е нивната политика и дека никогаш не се откажале од неа.

„И тоа е реалноста. Поштедете ме од тие приказни за човекови права, вредности, овде се работи за создавање национална држава на Албанците која ќе биде од Тетово до Улцињ. Сите сме загрозени. Дали некои се свесни за тоа или не, на нив останува да донесат одлуки“, рече Дачиќ.

Ваквите наративи доаѓаат во време на отсуство на поддршка за спроведување на уставните измени во РСМ,но и во пресрет на најавени септемвриски обиди за решавање на спорните прашања меѓу Приштина и Белград.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми