1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Најдолга владина блокада во САД: Јавното незадоволство расте

АРД
8 ноември 2025

Буџетската блокада на владата во САД продолжува - милиони луѓе страдаат поради неисплатени плати или помош во храна. Сенатот сè уште се бори да најде решение. Дали ќе се постигне договор овој викенд, останува неизвесно.

Семејство во пункт на програмата за помош во храна за време на финансиската блокада на владата на САД
Илјадници луѓе во моментов мора да чекаат во ред во јавните кујни и пунктовите на програмата за јавна помош во храна затоа што повеќе не можат да си дозволат намирнициФотографија: Mark Makela/REUTERS

По 38 дена, најдолгата финансиска блокада во историјата на САД,  дојде до извесно движење во политички  заглавената ситуација. „Ајде да најдеме начин што ќе ги земе предвид обете позиции“, изјави лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, во петокот. „Ние, Демократите, сакаме крај на  ’шатдаунот’“. Неговата партија сака да ја почитува желбата на Републиканците во Сенатот да не преговараат за програмата за здравствена заштита Обамакер пред завршувањето на  блокадата на владата, рече Шумер.

Позадината е што Демократите би одобриле нов буџет само ако се поништат планираните намалувања на здравствените програми за луѓето со ниски приходи. Затоа, тие отфрлија привремен буџет што привремено би го прекинал „шатдаунот“. Но, Републиканците го сакаат тоа пред официјално да преговараат со Демократите.

Предлог на Шумер: Блокадата ќе заврши ако овие намалувања бидат суспендирани на една година. Во овој период, заеднички комитет би се фокусирал на намалување на трошоците за здравствена заштита - идеја што лидерот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Џон Тун, веднаш ја отфрли.

Јавното незадоволство расте

Прашањето е колку долго двете партии можат да го одржат ова одбивање, бидејќи јавното незадоволство расте. Ова се однесува особено на оние кои во моментов мора да чекаат во ред во јавните кујни и пунктовите на програмата за јавна помош во храна затоа што повеќе не можат да си дозволат намирници.

„Ние сме четворица, двајца возрасни и две внуци. Во моментов не добиваме никаков кредит на нашите SNAP картички, па затоа сум тука за да добијам помош“, изјави една баба за Ен-Би-Си. СНАП е програма за помош во храна за луѓе со ниски приходи во САД. 42 милиони граѓани на  САД ги добиваат овие бенефиции, вклучувајќи 16 милиони деца.

Според судската одлука, исплатите требаше да продолжат во петокот, но Врховниот суд го одобри итниот приговор од администрацијата на Трамп и привремено ја блокираше одлуката.

Министерот за транспорт сака да го редуцира воздушниот сообраќај

Друг проблем: Меѓу оние кои моментално работат без плата се околу 13.000 контролори на летање и 50.000 вработени во Администрацијата за безбедност на транспортот. Многумина зеле боледување за да заработат пари за кирија или хипотекарни плаќања, на пример, возејќи за Убер. Ова резултираше со недостиг на персонал на аеродромите и  откажани или одложени летови.

За да се гарантира безбедноста, министерот за транспорт Шон Дафи сега сака постепено да го намалува воздушниот сообраќај. Како резултат на тоа, околу 1.000 летови беа откажани во петокот - значително помалку отколку за време на силна бура, но луѓето на аеродромите едноставно се гневни. „Треба да седнат заедно и да го направат она што е најдобро за луѓето“, рече еден патник. „Луѓето овде страдаат".

Трамп: Сенатот мора да најде решение во текот на викендот

Претседателот  Доналд Трамп ќе го помине викендот во Мар-а-Лаго, но го повика Сенатот да остане во градот додека не се најде  решение за блокадата. Доколку не се најде решение, филибастерот треба веднаш да се укине, напиша тој на својата интернет платформа, Truth Social.

Филибастерот е право на малцинството во Сенатот, кое Демократите моментално го користат за да го блокираат усвојувањето на буџетот. Сепак, дури и мнозинството Републиканци во Сенатот се противат на неговото укинување, бидејќи на крајот би можело да им користи доколку повторно се најдат во малцинство.

Дали блокадата навистина ќе заврши овој викенд, останува да се види - но притисокот и јавното незадоволство масовно растат.

Автор: Ане Шнајдер, АРД

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми