Рекорд на емисиите од шумски пожари во Европа
19 септември 2025
Во 2025 година, Европа ќе ги регистрира највисоките емисии на штетни гасови од шумски пожари откако започнаа соодветните мерења пред 23 години. Ова доаѓа од проценките на Службата на ЕУ за набљудување на Земјата, Коперник. Иберискиот полуостров беше особено погоден од силните пожари во август, кои беа причинители за три четвртини од вкупните емисии.
Според податоците на Коперник, шумските пожари во Европа веќе ослободија околу 12,9 мегатони јаглерод диоксид до 15 септември. Ова значително ја надмина претходната највисока вредност од 11,4 мегатони од 2003 и од 2017 година. Поголемиот дел од емисиите се припишуваат на пожарите во август во Шпанија и во Португалија.
Една од најактивните сезони во Југоисточна Европа
Исто така, значајни шумски пожари се случија во Турција, Кипар и во неколку балкански земји. Поради тоа Југоисточна Европа доживеа една од најактивните сезони на шумски пожари во последните години.
„Во текот на летото, различни региони во Европа беа погодени од многу интензивни шумски пожари, првенствено на југот од континентот. Емисиите предизвикани од овие пожари беа највисоки во последните најмалку 23 години“, нагласи Лоренс Руил, директор на Службата за атмосферски мониторинг Коперник.
Високи емисии и во Канада
Покрај пожарите во Европа, имаше и големи пожари во Канада. Тие траеја до почетокот на септември и предизвикаа втора највисока годишна емисија од почетокот на мерењата - надмината само во 2023 година. Во август, чадот се прошири низ Атлантикот сè до Западна Европа.
Според Коперник, летото 2025 година, исто така, беше невообичаено често и интензивно обележано со прашина од Сахара. Покрај тоа, серија топлотни бранови доведоа до зголемена концентрација на озон во приземниот слој. Во многу региони на Европа, концентрациите беа над граничните вредности.