1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмоќна американската војска, македонската на 108. место

15 август 2023

Проценката ги зема предвид факторите како што се количината на воена опрема и персонал на секоја земја, но и економскиот статус, логистичките способности и географските фактори.

Војници на македонската армија со државното знаме за време на прославата на 20-годишнината од АРМ
Војници на македонската армија со државното знаме за време на прославата на 20-годишнината од АРМФотографија: MIA

Северна Македонија за 2023 година е рангирана на 108-то место меѓу 145 земји што се разгледуваат во годишниот преглед на веб-страницата Global Firepower (ГФП) според индексот на моќност. Станува збор за рангирање на моќта на оружените сили - од најсилните до најслабите, при што ГФП користи преку 60 фактори во формулата за одредување на индексот. Проценката ги зема предвид факторите како што се количината на воена опрема и персонал на секоја земја, но и економскиот статус, логистичките способности, географските фактори... Како што наведуваат од ГФП, формулата за рангирање истовремено им овозможува на помалите, но технолошки понапредни нации, да се натпреваруваат со поголеми, помалку развиени.

Индексот 0.0000 се смета за „совршена“ оценка, а Македонија на 108-мата позиција има индексен скор 2.1717. Првите десет места на листата ги заземаат САД (0.0712), Русија (0.0714) Кина (0.0722), Индија (0.1025), Велика Британија (0.1435), Јужна Кореја (0.1505), Пакистан (0.1694), Јапонија (0.1711), Франција (0.1848) и Италија (0.1973). За илустрација, Украина е на 15-то место (0.2515).

Македонски војници на мисија во Авганистан (архивска фотографија)Фотографија: Mazedonische Regierung/Verteidigungsministerium

Балканско мерење на силите

Рангирањето започнало во 2005 година, кога ГФП следела само 25 глобални воени сили, а денес 145 нации. Формулата за пресметување на инедксот се менувала од година во година со вклучување нови фактори, поради што тешко е да се направи директна компарација за движењето на индексот, особено во однос на формулата што се користела во почетните години.

Годинешното рангирање го привлече вниманието во Западен Балкан последниве денови, најмногу заради изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дадена по повод минатонеделната приватна посета на косовскиот премиер Албин Курти на македонските општини Тетово и Чаир, а која заради иконографијата предизвика бројни реакции.

„Тоа што се случи во Северна Македонија е скандал над скандалите. Таму беше промовирана идејата за „голема Албанија, беа истакнати нејзините симболи, а Курти меѓу другото беше претставен како премиер на сите Албанци и премиер на Тетово“, рече Вучиќ во тв интервју.

Во тој контекст, тој ја посочи предноста од воената моќност на Србија.

„Да не бевме воено толку посилни, толку пати посилни и помоќни во однос на технологијата, оружјето и сѐ друго, знаете ли колку пати Курти ќе го нападнеше секој дел од Србија? Погледнете ја неговата идеологија, тој не би ја нападнал само централна Србија, туку и Северна Македонија, Црна Гора, а прашање е што би се случило и со Албанија“, изјави Вучиќ.

Српската војска се наоѓа на 58 место на листата на најмоќни војски во светотФотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance

Како е рангирана Србија според ГФП?

Според годинешниот индекс таа е најдобро позиционирана меѓу земјите од регионот и го зазема 58-то место. Потоа следат Хрватска (69), Словенија (86), Албанија (91), Северна Македонија (108), Црна Гора (128), Босна и Херцеговина (133) и Косово (134). Од соседните земји, Грција е на 30-то место, а Бугарија на 59-то. 

На 28. место меѓу членките на НАТО

Посоченото 108-мо место на РСМ воедно е и нејзино највисоко рангирање досега. Во изминатите седум години, нејзината позиција се менуваше напред - назад, движејќи се меѓу 116-то и 133-то место, за годинава да одбележи скок напред. Тоа меѓудругото, се должи и на вложувањето во модернизацијата во одбраната, зголемувањето на буџетот на земјава за оваа намена по зачленувањето во НАТО. Македонскиот буџет за одбрана за 2023 година изнесува 274,6 милиони евра (1,85% од БДП) кој е за 24,45 проценти поголем од буџетот за 2022 година. За годинава, од вкупниот буџет за одбраната, една третина (33% или 88,7 милиони евра) отпаѓа на модернизација и опремување, што во овој сегмент е повеќе за 6 отсто во споредба со 2022 година.

Во споредба со војските на државите од НАТО, АРМ е само пред војските на Црна Гора и на ЛуксембургФотографија: DW/P. Stojanovski

Меѓу земјите - членки на НАТО, (најновата членка Финска не е вклучена во рангирањето), Северна Македонија е позиционирана на 28-мо место. Зад неа се Луксембург и Црна Гора. Од членките на Алијансата во регионот, Грција е на 10-то место, Бугарија на 19-то, Хрватска на 22-ро, Словенија на 23-то и Албанија на 24 -то место. Во првата петорка на НАТО се рангирани САД, Велика Британија, Франција, Италија и Турција.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми