1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Најспектакуларните случаи на шпионажа во Германија

Петер Хиле
12 август 2023

Германија се наоѓа на нишанот на странските тајни служби - дури и пред почетокот на војната во Украина. Поглед на најспектакуларните случаи.

Седиштето на германската тајна служба БНД во Берлин
Седиштето на германската тајна служба БНД во БерлинФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Руската војна против Украина значи „пресвртница и за внатрешната безбедност“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер кога во јуни 2022 година го презентираше годишниот извештај на германската Служба за заштита на уставниот поредок. Како поддржувач на Украина, Германија најверојатно ќе биде особено во фокусот на руските тајни служби, рече тогаш министерката. Сега Фезер повторно предупреди од дезинформациски кампањи, сајбер напади и шпионажа од странски тајни служби.

Поводот: Апсењето на Томас Х. во Кобленц во средата, 9 август, 2023.  Сојузниот обвинител го товари германскиот офицер дека ги понудил своите услуги на руските власти. Се вели дека тој на руската тајна служба ѝ дал информации за материјалот и оружјето на Бундесверот. Според информациите на весникот „Тагесшпигел“, обвинетиот претходно интерно во Бундесверот привлекол внимание поради неговите симпатии кон десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) и нејзината политика кон Русија.

Двоен агент како шеф на оддел во БНД? 

На крајот на 2022 година, сличен случајсе најде на насловните страници. Карстен Л. беше шеф на одделот во германската тајна служба БНД за „лична безбедност“, но тој очигледно и самиот претставувал безбедносен ризик. Поранешниот офицер на Бундесверот е обвинет дека работел како двоен агент за руската тајна служба - ФСБ и дека откривал државни тајни. Според извештаите на медиумите, ФСБ била особено заинтересирана за податоците за позицијата од противвоздушните системи што западните земји ѝ ги доставиле на Украина. Но, Карстен Л. веројатно немал пристап до овие информации. Тој беше уапсен на 21 декември 2022 година. Тој и еден осомничен соучесник се под истрага за предавство.

Семејството Аншлаг слуша радио на кратки бранови 

Но, не само по рускиот напад врз Украина, шпиони од Германија ѝ доставуваат информации на Москва. Како на пример руската агентска двојка, која со децении се преправаше дека живее здодевн живот од средна класа под имињата Андреас и Хајдрун Аншлаг. Тој како инженер, таа како домаќинка. Во реалноста, меѓутоа, двајцата работеа за Москва како тајни агенти од доцните 1980-ти.

„Андреас Аншлаг“ во 2013 година со своите бранители на судењето во ШтутгартФотографија: Bernd Weißbrod/dpa/picture alliance

Прво за советската, а потоа за руската тајна служба, тие од Германија ги шпионираа НАТО и Европската Унија. Тие ги добиваа своите наредби преку шифрирани пораки на радио на кратки бранови - во тоа време, шпионажата не беше претежно дигитален бизнис. Двојката Аншлаг беше разоткриена дури во есента 2011 година - веројатно благодарение на дојавата на американските тајни служби. Тие беа осудени на повеќегодишни затворски казни во 2013 година, потоа конечно беа депортирани во Русија. 

„Извидници на мирот“ 

„Извидници на мирот“ - овој термин во поранешната Германска Демократска Република (ГДР) означуваше агенти кои шпионирале по наредба на тајните служби на тогашната социјалистичка Источна Германија. За време на Студената војна меѓу Западот и Истокот, околу 12.000 од овие „мировни извидници“ наводно биле активни во Западна Германија по наредба на тајната служба Штази. Меѓу нив беше и Габриеле Гаст, која беше откриена дури по распадот на ГДР, односно непосредно пред обединувањето на Германија.

Гаст потекнуваше од Западна Германија, а била регрутирана од офицер на Штази во 1968 година, за време на истражувачко патување во Источна Германија поради својата докторска дисертација: „Политичката улога на жената во ГДР“. И така Гаст веднаш почнала да шпионира за тајната служба на ГДР, а во исто време, со различен идентитет, градеше кариера во БНД, тајната служба на Западна Германија. Денес може да се каже дека Гаст беше најврвниот разузнавач кој работел за ГДР на Западот.

Габриеле Гаст (втора од десно) и други поранешни шпиони побараа нивна рехабилитација во 1995 годинаФотографија: Michael Jung/dpa/picture alliance

Слично добар извор на тајни информации за Штази беше Алфред Шпулер. Како висок функционер на БНД, а по наредба на Штази, тој разоткрил стотици западни агенти кои дејствувале на територијата на ГДР. Шпулер беше уапсен во ноември 1989 година.

Двоен агент исто така беше и Хајнц Фелфе, долгогодишниот шеф на одделот за „Контрашпионажа на Советскиот Сојуз“ на БНД. Поранешниот човек припадник на СС до 1961 година испраќал информации до КГБ во Москва. За време на неговиот живот, се верува дека Фелфе работел за седум различни тајни служби, вклучително и британската МИ6 и националсоцијалистичката СС.

Шпион во кабинетот на канцеларот 

Веројатно најспектакуларниот случај на шпионажа од времето на Студената војна во Германија беше оној на Гинтер Гијом. Тој пристигна во тогашна Западна Германија „преправен“ како бегалец од ГДР заедно со сопругата Кристел во 1956 година. Нивната задача беше да му известуваат на Штази за внатрешните состојби во Социјалдемократската партија (СПД). Гијом напредуваше, на крајот дури стана личен асистент на германскиот канцелар од редовите на СПД - Вили Брант.

Откако Гијом е разоткриен како шпион, Брант ја презема одговорноста и на 6 мај 1974 година се повлече од функцијата сојузен канцелар. Гинтер Гијом е осуден на 13 години затвор, а неговата сопруга на осум години. Благодарение на програмата за размена на агенти помеѓу Сојузна Република Германија (СРГ) и ГДР, тие беа ослободени во 1981 година.

Вили Брант (лево) поднесе оставка затоа што беше откриено дека неговиот доверлив соработник Гинтер Гијом (десно) е шпионФотографија: picture-alliance / akg-images

Егзекуција на Ела Барцатис и Карл Лауренц 

Помалку се знае за западните агенти кои работеле во ГДР отколку за нивните колеги кои шпионирале на Запад по наредба на ГДР. Можеби и поради фактот што бројни шпиони на Штази беа разоткриени по падот на Берлинскиот ѕид. За постоењето на бројни агенти на БНД во ГДР никогаш не се дознаа повеќе детали. Исто како и за агентите на пријателски земји како САД, кои шпионирале и на германско тло - и кои, меѓу другото, дури и ја следеле комуникацијата преку официјалниот мобилен телефон на поранешната канцеларка Ангела Меркел.

Трагичен е случајот на западните шпиони Ела Барцатис и Карл Лауренц, кои веќе на почетокот на Студената војна во раните 50-ти години на минатиот век, пренесуваа документи на ГДР на Запад.

Ели Барцатис формално работеше како главна секретарка на премиерот на ГДР, Ото Гротевол. На нејзиниот љубовник Лауренц му доставувала главно банални владини документи. Затоа, Лауренц не можеше да достави никакви експлозивни државни тајни до властите на СРГ. Сепак, германско-германските односи во тоа време беа крајно напрегнати, ГДР беше цврсто под влијание на сталинизмот. Откако западната шпионска двојка беше откриена, Барцатис и Лоренц беа осудени на смрт. И во 1955 година, тие беа погубени - на гилотина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми