1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГерманија

Најтивката ноќ во годината и дарбата за дарување

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
26 декември 2022

Навистина нема потивка ноќ во годината од Бадниковата. Ноќта спроти празникот на Раѓањето Христово на германски се вика „Heiligabend", што значи „Света ноќ”. Пишува Кица Колбе.

Подароци под божикното дрво за Бадник во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/chromorange/R. Peters

Вчера не само западните христијани, но и многу православни, го прославија Бадник. Кога   попладнето на тој ден ќе се затворат сите продавници. Кога дури и тие кои во последен миг беа тргнале во потрага по последниот, можеби најважен  подарок, ќе  се приберат  дома. Кога  врз блескаво украсените улици, дворови, градини и куќи уште во раното попладне ќе почне да се спушта зимскиот самрак, зашто само два дена пред Бадник е најкусиот ден и најдолгата ноќ. Тогаш секоја година  бдеам да го почувствувам мигот кога една чудесна тихост и спокој се спушта како благ превез врз  целиот свет.И мракот почнува да блеска со небаре неземски блесок!

Навистина нема потивка ноќ во годината од Бадниковата. Ноќта спроти празникот на Раѓањето Христово на германски се вика  „Heiligabend", што значи „Света ноќ”. Иако четирите недели пред Божик отсекогаш е  времето кога продавниците во центарот се преполни, а во нив гласно одекнуваат комерцијалните божикни хитови, во самракот на Бадник како за миг да е заборавен сиот стрес, сите потраги низ продавниците  по вистинските подароци. Додека во предбожикните недели се‘ се случува во продавниците, на божиќните панаѓури, во рестораните, кога наближува ноќта на Бадник, сиот свет се повлекува во приватност и замолкнатост нанадвор - во домот. Тогаш дури и најскептичните во тихоста на  Бадник  ја насетуваат близината на тајната на таа единствена ноќ во годината. И така е за човештвото  со векови!

Повеќе од авторката:  Божиќ во време на војна на европскиот Исток

Тајната на Бадник во германскиоте фамилии е ритуалот на дарувањето, што е најсвечениот, но и најрадосниот  чин. Во големата фамилија на мажот ми, свекрва ми беше „церемонијал-мајсторот” на Бадник. Кусо откако ќе стигнеа во куќата сите членови на фамилијата, почнуваше божикната вечера, на која порано традиционално имаше крап и колбаси од телешко месо во сос со суво грозје. Последниве беа специјалитетот од Шлезија кој постарите членови во фамилијата ги поврзуваше  со напуштената татковина. Подоцна крапот го замени  говедското печено со сос или гулашот од месо на елен. По вечерата родителите незабележливо за децата исчезнуваа некаде, а останатите правеа се‘ да спречат децата да заталкаат во полумаркот на дневната соба, во која светеше само елката. Откако  родителите, скришно од децата, ќе ги положеа  подароците под елката,  свекрва ми  ќе заѕвонеше со ѕвончето. Во последните четири децении  тоа   беше ѕвончето кое таа и свекор ми го беа купиле во Израел, а по нејзината смрт  пред две години го наследивме ние. Тогаш сите се собираа во дневната, околу елката, при што прво речиси половина час во хор се пееја сите познати божикни песни. Потоа следеше  дарувањето! Го започнуваа најстарите, свекор ми и свекрва ми, а потоа следеа тетките. Дури дојдеа сите  во големата фамилија на ред да ги врачат  подароците за секој член, од најмалите до најстарите, веќе  веќе се ближеше   полноќ. Дневната за миг се преобразуваше во   волшебен простор  на детските играчки, затоа што тие мораше веднаш да се испробаат. Кусо пред полноќ, најревносните одеа на полноќната служба во најблиската црква, а тие што остануваа дома  долго во ноќта седеа заедно, раскажувајќи  ги најинтересните случки за минатите божикни прослави. 

Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Повеќе од авторката: Светлината на празниците

Секако, желбите за подароците на Бадник,  не само за децата, денес се во голема мера „диктирани” од тоа што го нуди конзумот. Сепак,  тоа не успева да ја  изгони длабоката смисла на дарувањето, но и радоста на дарителите и на даруваните. Се разбира, не е исклучено  некој да добие подарок што нема да го „усреќи”. Впрочем, се‘ зависи од фантазијата на тој што дарува, да го  открие  тоа што даруваниот си го посакува. Тоа значи, кога вистински се дарува, тогаш ние се забораваме себеси и се „внесуваме”  во вкусот, карактерот, односно, во желбите и интересите на даруваниот. Секако, за тоа не се сите способни.  Уште во „Минима Моралиа” Т.В. Адорно  пишува во афоризмот бр. 21, „Umtausch nicht gestattet" („замената  не е дозволена”) дека „луѓето се одучуваат да даруваат“. За него, пак,  дарувањето  му противречи на „принципот на размената” врз кој се темели целата економија.  „Минима Моралиа” Адорно ја пишуваше во егзилот во Америка, каде го запозна одблизу модерниот конзум, кој во голема мера го  формира и односот на луѓето кон подароците. Напротив, „вистинското дарување  ја  наоѓа својата среќата во замислата за среќата на даруваниот”, потсетува Адорно, и продолжува дека „тоа значи дека треба да се избира, да се вложи време, да се  трага, да се мисли другиот како субјект: што е спротивност на  расеаноста. “ Уште пред 71 година, кога беше објавена книгата, Адорно знаеше дека  ретко кој бил способен за тоа. „Во најдобриот случај  луѓето го подаруваат тоа што самите си го поскуваат, само една нијанса полошо”, истакнува тој. Овој суд  за  невнимателното дарување   е и денес   актуелен. Адорно знае дека со оглед на изобилството од стоки кои се пристапни дури и за сиромашните,   одумирањето на дарбата за дарување би можела да наиде на рамнодушност, а  размислувањето за неа  да прозвучи сентиментално. Сепак, тој е уверен  дека дури и кога би се поверувало дека дарувањето во општеството на изобилството би станало  непотребно, тоа би било лага, затоа што  „немало човек за кого фантазијата не би можела да го најде подарокот што ќе го направи пресреќен”. Затоа иронично забележува дека  „да бидат дарувани најмногу имаат потреба тие кои самите не даруваат”.Затоа што кај тие луѓе одумира таа „незаменлива спососбност” која   „може да вирее само во допирот со топлината  на предметите.” Тие што не се способни да даруваат, ги заробува сопствената студеност.Меѓутоа, „секој искрен однос,  дури можеби најпомирливото  во самиот органски живот е дарување”, потсетува Адорно.

Повеќе од авторката: За мирот што не го познава светот

Во дарбата вистински да се дарува другиот заради неговата среќа, која станува среќата и на тој што дарува,  се состои тајната на „месијанскиот копнеж” за кој често пишуваше Валтер Бенјамин.  Дарувањето  заради среќата на  даруваниот ја прекинува заробеноста на овој свет во  законот на размена или заслужена, одработена  надница. Во вистинското дарување  другиот  не е даруван од заслуга, туку од љубов.Тој блесок на вистинското дарување го препознавам на секој Бадник во  радосниот поглед на децата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми