1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоПолска

„Црвен картон“ за правосудната реформа во Полска

Лусиа Шултен
6 јуни 2023

Европскиот суд на правдата донесе важна пресуда за полската правосудна реформа од 2019 година. Казната ќе ја чини Варшава половина милион евра дневно или над 500 милиони евра вкупно.

Зградата на Европскиот суд на правдата
Правен неуспех за Полска: Зградата на Европскиот суд на правдата Фотографија: Arne Immanuel Bänsch/dpa/picture alliance

Тешко е да се следат бројните тужби и постапки на Комисијата на ЕУ во врска со владеењето на правото во Полска. Фокусот е на клучното прашање - независноста на судството. На тоа се однесува и најновата пресуда на Судот на правдата на Европската унија. Полската правосудна реформа од декември 2019 година го прекршува правото на ЕУ, објави Европскиот суд на правдата (ЕСП) во Луксембург, со што ја поддржа тужбата на Европската комисија.

Во фокусот на постапката повторно беше Дисциплинскиот совет на полскиот Врховен суд, поради кој Полска со години е во судир со Брисел. Советот се сметаше за централен дел на контроверзните реформи на полската владејачка партија Право и правда (ПиС) и беше формиран во 2018 година. Опремени со далекусежни овластувања за именување и разрешување судии, неговите членови беа именувани од тело избрано од полскиот парламент. Критичарите во тоа гледаа обид да се изврши политичко влијание врз судскиот систем. 

Долгогодишно јаболко на раздорот: Дисциплински совет 

Уште во јули 2021 година, ЕСП го класифицираше советот како противзаконски. Сега највисокиот суд на ЕУ се занимаваше со уште еден закон за овој совет од 2019. Во меѓувреме, полската влада направи измени, но со нив не ги исполни сите услови на Комисијата на ЕУ.

На Европската комисија особено ѝ пречеа широките овластувања на Дисциплинскиот совет, директно да одлучува за статусот и за вршењето на функцијата од страна на судиите. Притоа, на пример, стануваше збор за интервенции во отворањето на кривични постапа, принудното пензионирање на судиите и други социјални и трудово-правни прашања. ЕСП потврдува дека овој совет не ги исполнува потребните услови за независност и непристрасност и е неприфатлив.

Зградата на полскиот Врховен суд во ВаршаваФотографија: Michal Dyjuk/AP Photo/picture alliance

Освен тоа, според ЕСП, Полска ги прекршила „гаранциите за пристап до независен, непристрасен суд претходно воспоставен со закон“. Бидејќи полските регулативи би можеле да ги спречат полските судии да се повикаат на важечкото право на ЕУ и, во случај на сомнеж, да се обратат до Европскиот суд на правдата - без да мора да се плашат од санкции.

На судиите, исто така, мора да им биде дозволено да проверат дали друг суд или друг судија ги исполнува барањата од правото на ЕУ за ефективна правна заштита - односно  дали нивната судска независност или компетентност е загарантирана. Европскиот суд на правдата, исто така, пресуди дека обврската за објавување членства во здруженија, фондации или политички партии на интернет е недозволива и ги изложува судиите на ризик од „недозволива стигматизација“. 

Милионски казни за Полска 

Во рамките на постапката, ЕСП ѝ наложи на Полска да ја прекине работата на Дисциплинскиот совет по спорните точки. Бидејќи Полска не го почитуваше ова упатство, на земјата ѝ беше одредена парична казна од по еден милион евра дневно во октомври 2021 година. По измените извршени во април годинава, оваа казна беше намалена на 500.000 евра дневно. Според пресметките на Џон Моријн, професор по право на Универзитетот во Гронинген, во Холандија, досегашните исплати изнесуваат 563 милиони евра. 

Портпаролот на Европската комисија, исто така, на брифинг со новинарите потврди дека казната изнесува повеќе од 500 милиони евра. Доколку Полска не ги исполни барањата за плаќање на Европската комисија, таа ги собира парите преку т.н. оф-сетинг постапка. Со ова таа го одзема неподмирениот износ на пари на кој инаку Полска би имала право. Оваа постапка е веќе во тек. Поради конечната одлука која сега е објавена, нема да има дополнителни казни. 

Европската комисија, освен тоа, блокира натамошни милијарди евра за Полска од фондот за обнова по пандемијата - поради постојната загриженост за независноста на судиите.

Пофалби во Брисел, бес во Варшава 

„Денешниот ден е важен ден за обновување на независното судство во Полска“, напиша на Твитер во понеделникот (05.06.2023), еврокомесарот за правда Дидие Рејндер. 

Во Полска, пак, полскиот министер за правда Збигњев Зјобро го нарече ЕСП „корумпиран“, пренесе новинската агенција АФП. Освен тоа, пресудата не е напишана од судии, туку од политичари и ги прекршува договорите на ЕУ, истакна Зјобро. 

Полска сега е обврзана да ја спроведе пресудата. Доколку Европската комисија смета дека Полска не го почитува ова, таа може повторно да поднесе барање до ЕСП за парични казни против Полска. Од гледна точка на правниот експерт Моријн, ЕСП еднаш засекогаш одлучи: „Судиите можат да одговараат за своето однесување во дисциплинската постапка, но само пред луѓе кои самите се непристрасни и независни – т.е. судии“. 

Загриженоста за владеењето на правото во Полска останува 

Со пресудата од понеделникот најверојатно сѐ уште не е кажан последниот збор во спорот меѓу Брисел и Варшава. Во февруари, Европската комисија одлучи да ја тужи Полска за нејзиниот Уставен суд. Во 2021 година, судот ја негираше надмоќта на правото на ЕУ над националното полско право. Во средината на минатата недела, Европската комисија исто така изрази „голема загриженост“ за новиот полски закон, кој предвидува формирање на специјална комисија за испитување на руското влијание. Опозицијата се сомнева дека овој закон има за цел да го истисне поранешниот премиер Доналд Туск од политичката арена пред претстојните избори наесен.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми