1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Налог за апсење на Бенјамин Нетанјаху?

29 април 2024

Поради војната во Појасот Газа, Израел засилено е мета на критики. Израелските медиуми јавуваат дека Хашкиот трибунал би можел да издаде налог за апсење на израелскиот премиер уште оваа недела.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Maya Alleruzzo/AP/dpa/picture alliance

Израелските медиуми објавија дека главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, уште во текот на оваа недела може да издаде налог за апсење против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херзи Халев, поради обвинение за  воени злосторства извршени во Појасот Газа.

Весникот „Тајмс оф Израел“ известува дека израелската влада многу сериозно ја сфаќа оваа можност и, како што вели израелски претставник од Министерството за надворешни работи, „дејствуваме секаде каде што можеме“. Израелските амбасади беа предупредени дека треба да се подготват и за „антисемитски, антиеврејски и антиизраелски бран низ целиот свет“, а зголемени се и мерките за безбедност околу еврејските институции.

Правно гледано, дури и ако Хашкиот трибунал објави налог за апсење на израелските функционери, ништо нема да им се случи во нивната татковина, бидејќи Израел не ја признава јурисдикцијата на тој суд. Но, и тамошната влада сфаќа дека тоа би било тежок удар за угледот на земјата и дека лесно може да биде проблем доколку израелскиот премиер посети земја што го признава овој суд.

Сепак пак се водат и разговори...

Нетанјаху веќе објави одговор на социјалната мрежа дека Израел под негово раководство „никогаш нема да прифати каков било обид на кривичниот суд да го поткопа фундаменталното право на неговата земја на самоодбрана." Покрај тоа, тој пишува дека и самата „закана за апсење војници и претставници на единствената демократија на Блискиот Исток и единствената еврејска држава во светот е срамна“ и дека Израел сѐ до победата „ќе ја продолжи праведната војна против терористите кои имаат за цел геноцид“.

Протести во Израел за ослободување на заложниците: На Нетанјаху и Ганц не им е грижа, стои на овој транспарентФотографија: Shannon Stapleton/REUTERS

Но, израелските медиуми јавуваат и дека постои сè пораспространето верување дека  проблемот со киднапираните Израелци  и теророт на Хамас може да се реши само на преговарачка маса и дека на тој план нешто се случува. Откако Катар едвај го поддржува радикално исламистичкиот Хамас, Египет ја презеде главната улога на посредник. Претставници на неговите тајни служби минатата недела одржаа „многу добри разговори“ со израелската страна во Израел, а сега се очекува во Каиро да дадат одговор високи претставници на Хамас.

Од бројот на ослободени заложници ќе зависи должината на примирјето

За Израел, очигледно е дека примарна цел веќе не е „целосно уништување на Хамас“ - како што неколкупати кажа Нетанјаху, туку ослободување на заложниците: „Израел е под притисок да направи  сѐ за да ги ослободи заложниците и се заканува со  напад на Рафах  со страшни последици доколку не се постигне договор“, објаснува Јоси Мекелберг од британскиот институт Чатам Хаус за Франс24. Хамас пак е свесен за  притисокот врз Израел, но сепак сака да ги искористи заложниците за подолг прекин на огнот. Како што изгледа, сега станува збор за ослободување само на некои женски, постари и болни заложници, а должината на примирјето за Израел ќе зависи од бројот на ослободени заложници.

За потрајно решение се разговара оваа недела на повисоко ниво, на Светскиот економски форум свикан од Саудиска Арабија, со присуство и на американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен, неговиот британски колега Дејвид Камерон, германската министерка Аналена Баербок, а секако заедно со домаќинот и претставници на голем број арапски земји, меѓу кои Катар и Египет.

Но, веќе на отворањето на Форумот, претседателот на  Палестинските автономни власти  Махмуд Абас го доби микрофонот и емотивно се огласи: тоа што се случува во Газа, досега не се случило ниту од Германците во Втората светска војна. „Се надеваме дека Израел ќе го прекине овој воен поход и ги повикуваме САД да го спречат Израел да го нападне Рафах."

Компромис - а потоа пад на владата?

И покрај очигледниот апсурд на споредувањето на нацистичките злосторства со војната во Газа, на сите присутни во Саудиска Арабија им е сосема јасно дека ниту Абас ниту неговата влада на  палестинската управа во Западниот Брег  немаат ни најмало влијание врз она што го прави Хамас, ниту врз настаните. во Појасот Газа, ниту може да направат нешто за ослободување на  киднапираните Израелци. На тој Форум се слушна и дека Израел е подготвен да го „одложи“ нападот на Рафах доколку има договор со Хамас за ослободување на заложниците и во тој случај Израел е подготвен да направи отстапки кога е во прашање враќањето на цивили во северниот дел од Појасот Газа.

Но, израелскиот премиер Нетанјаху тука е изложен на друг вид притисок: израелскиот министер за финансии Белазел Смотрич и неговата Ткума најавија излегување од владејачката коалиција доколку воената офанзива во Појасот Газа биде откажана, а тешко дека во владата ќе остане и нивниот партнер, подеднакво екстремистичката, десничарска и религиозна Оцма Јехудит на чело со министерот за безбедност Итамар Бен-Гвир. Екстремистичкиот блок Религиозен ционизам е третата сила во израелскиот парламент со 10,8% од гласовите и во владата на Нетанјаху доби овластување за вкупно шест министерства.

Без нивна поддршка, сосема е извесно дека ќе падне и владата на премиерот Нетанјаху. Но, ако не и во Хаг, тој во секој случај ќе мора да плати некоја цена за грешките што ги направи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми