1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намалување на ДДВ на горивата на 10% пред одлуката на РКЕ

23 март 2026

Владата го намалува ДДВ на горивата од 18% на 10% во пресрет на новата одлука на РКЕ. Премиерот Христијан Мицкоски најавува мерки, СДСМ реагира дека се доцни.

Точење бензин
Владата го намалува ДДВ на горивата од 18% на 10% во пресрет на новата одлука на РКЕ.Фотографија: Marcello Casal Jr/Agência Brasil

Во пресрет на најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за цените на горивата, кои забрзано растат поради кризата на Блискиот Исток,Владата на вонредна седница усвои мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%. Опозицијата смета дека мерката е задоцнета и недоволна.

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Владата нема да дозволи ценовни осцилации кои би го нарушиле животниот стандард на граѓаните. Одлуката за намалување на ДДВ стапува на сила во понеделник, на 23 кон 24 март, и ќе важи две недели.

Мицкоски: Нема да дозволиме осцилации во цените на храната

Според Мицкоски, инспекторатите веќе утврдиле поскапувања кај маслото и јајцата, додека другите производи ги задржуваат просечните цени. „Нема да дозволиме осцилации кои ќе нанесат штета на стандардот на граѓаните“, изјави премиерот.

Очекувањата од новата одлука на РКЕ се бензинот да поскапи за 6,5 денари, а дизелот за 10,5 денари по литар. „Со намалувањето на ДДВ очекуваме цената на бензините да остане непроменета, а дизелот да порасне за три до три и пол денари“, рече Мицкоски.

Тој најави дека министерката за енергетика Сања Божиновска ќе разговара со раководството на ОКТА за дополнително зголемување на попустот од два денари по литар, што би довело до пониски цени од оние што ги утврдува РКЕ.

Мицкоски додаде дека граѓаните од соседните земји масовно точат гориво во Македонија поради најниските цени во регионот. Потрошувачката е зголемена за околу 9%, односно за дополнителни 150.000 литри дневно, особено во пограничните региони.

Цените на горивото во Македонија и Европа

01:11

This browser does not support the video element.

Божиновска: Снабдувањето со горива е стабилно

Министерката Сања Божиновска уверува дека снабдувањето со горива е стабилно. „Има доволно деривати и сите снабдувачи ги исполнуваат обврските за резерви“, рече таа во гостување на ТВ Сител. Божиновска најави нова средба со ОКТА за дополнително намалување на цените и потсети дека претходниот договор донесе поевтинување од два денари по литар.

Според неа, Владата разгледува и други мерки: намалување на акцизата од еден до четири денари, како и понатамошно намалување на ДДВ на 5% или дури на 0%, зависно од пазарните услови.

„Во контакт сум и со министрите за енергетика на соседните држави, секако разговараме и со Брисел и со Австрија и ги следиме секој ден цените и давачките и секоја земја какви мерки има. Следен чекор може да е 5 проценти ДДВ-то и финално 0, но исто така тука е и акцизата еден, два и четири денари“, вели Божиновска. 

Поради растечките тензии на светските берзи, Владата е во постојана комуникација со сите енергетски субјекти и секојдневно ги следи цените и давачките во регионот и ЕУ. На владина седница беше донесена и одлука за ослободување дел од количините на мазут од државните резерви со цел да се спречат дополнителни ценовни шокови во индустријата и енергетиката.

Реакција од СДСМ: „Мерката е задоцнета и неефикасна“

Од СДСМ реагираат дека мерката на Владата е „задоцнета и без ефект“. Според партијата, во последните три недели дизелот поскапел за 21 денар, а се очекува ново покачување од 4 до 6 денари. „Граѓаните веќе плаќаат над 4,5 милиони евра повеќе за гориво, а спиралата на поскапувања кај храната е активирана“, наведуваат од СДСМ.

Од таму алармираат дека маслото е над 100 денари, јајцата над 300 денари, а цените на овошјето и зеленчукот постојано растат.  СДСМ предлага итни мерки: намалување на ДДВ на 5%, намалување на акцизата за 4 денари, 0% ДДВ за основни прехранбени производи и преполовување на цените на патарините.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми