1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон: Обвинение за обид за убиство по нападот во воз

ЖА / агенции
3 ноември 2025

Британските власти подигнаа обвинение против маж по 11 обвиненија за обид за убиство по нападот во воз во саботата. Злосторството се смета како изолиран инцидент и се чини дека нема терористички мотив.

Истрага по нападот со нож врз неколку лица во воз во близина на англискиот град Хантингдон
По нападот со нож врз неколку лица во воз во близина на англискиот град Хантингдон, против осомничениот 32-годишник се подигнати 11 обвиненија за обид за убиствоФотографија: Chris Radburn/AFP/Getty Images

По нападот со нож врз неколку лица во воз во близина на англискиот град Хантингдон, против осомничениот 32-годишник се подигнати 11 обвиненија за обид за убиство, напад и поседување оружје со сечило, објави Британската транспортна полиција. Во неделата попладнето, полицијата првично ја исклучи можноста за терористички мотив.

Десет од обвиненијата за обид за убиство се директно поврзани со  нападот со нож  во возот. Според полицијата, друг напад се случил претходно истиот ден на железничка станица во Лондон. Новинската агенција ПА објави дека една жртва притоа претрпела повреди на лицето. Полицијата изјави дека истражителите „испитуваат други можни поврзани кривични дела“.

Првично по нападот беа уапсени двајца осомничени. Еден од нив беше ослободен вчера без обвинение. Британската полиција соопшти дека 35-годишникот не бил вклучен во нападот во саботата вечерта.

Нападот врз  неколку лица кои беа избодени  во вагоните на возот со нож, ја шокираше Британија. Десет  од патниците биле однесени во болници со повреди; други извори известуваат за единаесет жртви. Пет лица оттогаш се пуштени дома, но едно лице останува во критична состојба. Според извештаите, станува збор за вработен во железницата. Истражителите велат дека дејствувал со исклучителна храброст. Тие ги прегледале снимките од безбедносните камери од возот, ја цитираше Би-Би-Си полицијата. „Јасно е дека неговите постапки биле ништо помалку од херојски и несомнено спасиле многу животи.“

Според неколку медиуми, очевидци опишале шокантни сцени во вагоните на возот што се упатувал кон британската престолнина. Патниците пријавиле дека виделе човек со голем нож. Многумина трчале низ вагоните во паника и се криеле во тоалетите, насекаде имало крв.

Кралот Чарлс III и неговата сопруга Камила го изразија својот шок од инцидентот. Монархот им изрази сочувство на жртвите и нивните семејства и им се заблагодари на службите за итни случаи за нивните напори.

Британскиот премиер Кир Стармер го опиша како „ужасен инцидент“ кој е „длабоко вознемирувачки“. „Моите мисли се со сите погодени и им се заблагодарувам на службите за итни случаи за нивните напори“, објави премиерот на социјалната мрежа X.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми